Д-р Трпевска: Новиот акт на ЕУ треба да ги уреди и односите меѓу медиумите и дигиталните платформи и социјални мрежи кои си ја презедоа улогата на гејткипери

Минатата есен ЕУ го претстави драфтот на новата Европска Регулатива за слобода на медиумите (European Media Freedom Act). За тоа од што произлезе намерата за дорегулирање на медиумската сфера и дигиталното опкружување, како и за тоа дали ќе донесе и какви ќе бидат придобивките од неа Рацин.мк разговараше со д-р Снежана Трпевска, експертка за медиумска и комуникациска политика од Институт РЕСИС, која што е вклучена во утврдувањето на регулативата којашто како драфт беше претставена минатата есен.

Разговорот го водеше Мирјана ВАСИЛЕВСКА

Кои причини ја поттикнаа потребата за нов европски модел за регулирање н а медиумското и дигиталното опкружување? Кои се предвидените заштитни мерки за заштита на слободата од политичко мешање во уредувачките одлуки на медиумите според новата легислатива на ЕУ за медиумски слободи?

Иницијативата на Европската комисија за донесување Европска Регулатива за слобода на медиумите (European Media Freedom Act) произлезе од согледувањето на негативните трендови што во се одвиваа во последнава деценија во медиумскиот сектор. Во аргументацијата на Европската комисија за потребата од ваква регулатива стои дека медиумите во целина не успеваат да ја исполнат својата општествена улога да и обезбедат на јавноста независни и квалитетни информативни содржини според воспоставените професионални новинарски стандарди.

Главните причини за тоа се различните форми на влијание врз нивната уредувачка политика, промените во обрасците на информирање на публиката и падот на приходите во медиумскиот сектор поради конкуренцијата од социјалните мрежи и другите актери во дигиталното опкружување.

Во новиот дигитален екосистем медиумите се соочија со конкуренција од актери кои не се медиуми во традиционална смисла (не продуцираат уредувачки обликувани информативни содржини), туку се „посредници“ во нивната дистрибуција. Тоа се различните видови дигитални платформи: социјалните мрежи, пребарувачите и автоматските агрегатори на вести.

Проблемот е во тоа што тие го контролираат или насочуваат пристапот на публиката до медиумите и информациите и што профитираат од таа нивна улога на „гејткипери“. Поконкретно, проблемот е што нивните бизнис модели се потпираат врз ресурсите што во минатите години обезбедуваа економска одржливост на приватните медиуми, односно огласувањето. Сето ова ги загрози медиумските компании, создаде правна несигурност, ги ослаби гаранциите за нивната уредувачка независност и за работата на новинарите и доведе до сериозни негативни последици по слободата на изразувањето и информирањето во Унијата.    

Клучниот предизвик произлезе од тоа што медиумите досега беа предмет на законска регулација на национално ниво, а дигиталните платформи се субјекти кои работат глобално и не подлежат на националните правила.  Затоа, Европската комисија предложи Регулатива чија основна цел е да се надмине проблемот на фрагментираните и неусогласени национални законодавства и да се обезбеди хармонизирана интервенција на подрачјето на т.н. „внатрешен медиумски пазар“ на Европската унија.

Да заклучам, наднационалниот или глобален карактер на проблемот наметна потреба од интервенција на наднационално ниво. Европската унија ова го прави со цел да се изготви пакет нови регулативи (не само со Регулативата за слобода на медиумите) кои го сочинуваат новиот Европски модел на регулација на дигиталното опкружување: Регулативата за дигитални услуги (Digital Services Act), Регулативата за дигитални пазари (Digital Markets Act), Регулативата за управување со податоци (Data Governance Act) и предлозите за неколку нови регулативи: Регулативата за отпорност на сајбер напади (EU Cyber Resilience Act), Регулатива за податоци (Data Act) и Регулатива за вештачка интелигенција (Artificial Intelligence Act).

Покрај овој пакет регулативи, Регулативата за слобода на медиумите треба да се гледа во поврзаност и со други два важни документи на Европската унија – Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги (Audiovisual Media Services Directive) и предлог-Директивата за стратешки тужби против учество во јавноста (Directive on SLAPPs).     

Кои заштитни механизми ќе треба да се вградат во националните законодавства како обврска што ќе произлезе за земјите членки на ЕУ, како и за земјите кандидати за членство, бидејќи е јасно дека и тие ќе мора да се адаптираат на оваа регулатива? 

Предлогот за оваа регулатива беше објавен на 16 септември 2022 година. Истовремено, Европската комисија ја објави и Препораката за внатрешните заштитни мерки за уредувачка независност и транспарентност на сопственоста во медиумскиот сектор и Студијата „Плуралност и разновидност на медиумите во онлајн опкружувањето“.  

Во однос на уредувачка независност на медиумите секоја земја членка на ЕУ, и земјите кандидати за членство, ќе треба во медиумските закони да ги внесат или да ги засилат гаранциите за ефективна уредувачка слобода на сите видови медиуми, вклучително и онлајн медиумите, и да се зајакне заштитата на новинарските извори.

Сите медиуми ќе треба законски да се обврзат да објавуваат податоци за сопственичката структура и да им гарантираат независност на уредништвата.

Ние, во нашите медиумски закони имаме вакви одредби, но ќе треба да ги допрецизираме, да ги дополниме и да важат и за онлајн медиумите кои во моментов не се предмет на законска регулација.

Важен аспект е дигиталното следење на медиумите и во таа насока ќе треба во законите да се внесат гаранции против користење софтвер за дигитално следење на медиумите, новинарите и нивните семејства.

Ова е особено важно заради заштита на истражувачките новинари кои работат на откривање корупција, злоупотреба на моќта или кршењето на човековите права. Овие новинари се често жртви на неконтролирано следење и незаконско собирање и злоупотреба на лични податоци.

Ако знаеме дека кај нас во минатото имаше масовно прислушкување новинари, сега во релевантните закони со кои се регулира оваа област, ќе треба да внесеме одредби со кои ќе се обезбеди заштита на новинарите од вакви практики било од страна на властите или од приватни компании.

Кога станува збор за заштитата на професионалните медиумски содржини во онлајн опкружувањето, регулативата за слобода на медиумите се надоврзува на Регулативата за дигитални услуги и бара од земјите да вклучат во своите закони заштитни механизми против неоправданото отстранување медиумски содржини што ги почитуваат професионалните новинарски стандарди. Според тоа, кога не станува збор за дезинформации, малформации или други штетни содржини, големите дигитални платформи ќе бидат должни претходно да го информираат медиумот ако имаат намера да отстранат некоја негова медиумска содржина. Поплаката на медиумот упатена до платформата ќе треба да биде разгледана и одговорена во што е можно покус временски рок.

Секако дека ова ќе важи и за содржините на домашните информативни медиуми чии содржини ги пренесуваат платформите. Тие ќе бидат заштитени доколку ги почитуваат професионалните стандарди. Но, доколку шират нелегални содржини (говор на омраза, повикување на насилство, тероризам, закана за јавното здравје, содржини штетни за малолетниците или други содржини спротивни на законот), нема да подлежат на таква заштита. 

Кои се препораките за зајакнување на независноста и стабилното финансирање на јавниот радиодифузен сервис?

Новата регулатива ќе донесе препораки и за јавните медиумски сервиси со кои треба да се зајакнат одредбите во медиумската легислатива за да се обезбеди адекватно и стабилно финансирање на јавниот сервис, со цел да се осигури и негова уредувачка независност.

Телата за надзор и управување во јавниот сервис треба да се избираат на транспарентен и недискриминаторен начин. Јавниот сервис треба во информирањето да ја рефлектира плуралноста на гледишта и мислења на непристрасен начин, во согласност со неговата програмска мисија.

Ние најголем дел од овие гаранции ги имаме во медиумската легислатива, но ќе треба да ги анализираме уште еднаш внимателно одредбите во законот и праксата и да провериме дали навистина го овозможуваат исполнувањето на оваа улога и задачи на јавниот сервис. 

Кај нас секогаш дебата предизвикува прашањето на распределбата на државното рекламирање. Што предвидува новата ЕУ регулатива на оваа тема и дали препораките од новата регулатива за медиумски слободи ќе бидат задолжителни за секоја земја членка или кандидат за членство?

Доколку земјите се одлучат да имаат државно рекламирање, во националните закони ќе треба да внесат јасни одредби за транспарентна и недискриминаторна распределба на средствата за оваа намена. Во Регулативата се наведува дека сите институции на државно и локално ниво треба да се обврзат редовно да објавуваат податоци за средствата издвоени во медиумите за оваа намена, а регулаторното медиумско тело да биде обврзано да ја следи распределбата на средствата за државно рекламирање на медиумскиот пазар. За таа цел, регулаторот треба да биде овластен да бара податоци од сите институции за тоа како колку средства и на кои меидуми се распределени и како се применети критериумите за државно рекламирање.

Според тоа, Регулативата остава на земјите да одлучат дали ќе имаат државно рекламирање, но сепак предупредува на опасноста од влијание на овој механизам врз уредувачката политика на медиумите поради можноста од нетранспарентно или селективно доделување на средствата и фаворизирање на одделни медиуми блиски на власта. 

Се согласувам дека во однос на државното рекламирање има многу спротивставени гледишта. Од една страна, приватните медиуми го застапуваат ставот дека треба да се дозволи повторно државното рекламирање за да се обезбеди нивна економска одржливост, но новинарските здруженија и невладиниот сектор со сериозни аргументи и критики предупредуваат дека тоа во минатото се покажа како механизам за влијание врз уредувачката политика на медиумите. Освен тоа, од Буџетот во приватните медиуми веќе се одлеваат огромни суми средства за политичко рекламирање во време на изборни кампањи и според повеќе проценки и анализи оваа пракса има негативно влијание врз плурализмот на гледишта во јавната сфера бидејќи ги фаворизира гледиштата на оние политички субјекти кои се финансиски надмоќни.

Дали новата регулатива на ЕУ, која ќе треба да се аплицира и во домашната, предвидува ново уредување на системите за мерење на публиката кои секогаш предизвикуваат контроверзи?   

Во Регулативата се нагласува и важноста на објективните и веродостојни податоци од мерењата на публиката, кои се користат од агенциите како мерка за распоредување на приходите од рекламирање во медиумите, особено во онлајн сферата.

Компаниите кои ги спроведуваат системите за мерење на публиката ќе бидат обврзани на медиумите и огласувачите да им даваат прецизни, детални, сеопфатни и ажурирани податоци за методологијата што ја применуваат за мерење на публиката.  Регулаторните тела за медиуми ќе имаат обврска да ги поттикнуваат компаниите кои вршат мерење на публиката и медиумите корисници на мерењата да усвојат Кодекси на однесување. 

На кој начин новата регулатива на ЕУ ќе го запре трендот на концентрацијата на сопственоста на медиумите како оној во Унгарија, каде што блиската владина фондација КЕСМА сега има над 500 медиуми, или во Полска, каде што државната енергетска групација ПКН Орлен презеде голем број медиуми, што очигледно е пречка за плурализмот во медиумите?

И ова прашање, на медиумскиот плурализам наспроти концетрацијата на сопственоста на медиумите е опфатена со новата ЕУ регулатива со препорака за да се направи проценка на влијанието на концентрацијата на сопственоста врз медиумскиот плурализам и уредувачката независност. Важно е да се спречи влијанието на поединечни или на група медиумски сопственици врз уредувачката политика на медиумите, односно врз креирањето на јавното мислење.

Оттаму, законите треба да содржат одредби кои го спречуваат тоа. Кај нас речиси и да не постојат примери на концентрација на сопственоста во медиумскиот сектор, односно нема големи сопственички поврзани медиумски групации. Но, ние одамна имаме примери на поинакво влијание на компании или индивидуални сопственици врз уредувачката политика врз некои поголеми медиуми, така што ќе треба да размислиме и за решенија за спречување на таквите видови влијание.     

Треба да знаете
Moже да ве интересира