Фарах Шарифи, Иранка принудена да мигрира на својата приватна планета за да биде слободна. Таа купува туѓи спомени во форма на филмови од Супер 8 и снима и архивира за да создаде алтернативна историја на Иран. „Мојата украдена планета“, кој беше прикажан на годинашниот МакеДокс, е наративен дневник на Фарах, иранска режисерка родена за време на исламската револуција во Иран во 1979 година. Во својот кокументарен филм таа доловува моменти на радост и непокор во нејзиниот секојдневен живот, водејќи се во контрастот помеѓу домашната слобода и надворешното угнетување. Истовремено, таа собира архиви од 8 мм од луѓе кои не ги познава. Потпирајќи се на туѓите снимки, таа добива нова перспектива за губењето спомени. Нејзината врска со Лејла, иранска професорка која го напуштила Иран за време на револуцијата, додава име и приказна на едно од лицата на нејзината архива. Мајката на Фара, која боледува од Алцхајмерова болест, ја мотивира да се бори против заборавот. Eсента 2022 година, востанието „Жени, живот, слобода“ е пресвртница во животот на Фара, како и во животот на многу други во Иран.
Со Фарах Шарифи разговараше Адријана Георгиев од Трн.мк.
Трн: „Мојата Украдена Планета“ е филм за жените во Иран раскажан преку нивните најинтимни приказни. Филмот ја раскажува Вашата приказна. Приказната за Маша Амин, приказната за Неда и многу други… Тоа е филм за издржливост, борба и љубов. Како ќе го опишете филмот од ваша перспектива сега кога е завршен и живее меѓу публика?
Фарах: Најголема награда за мене е да гледам луѓе од различни култури и јазици ширум светот како се поврзуваат со мојот филм. Ме радува што знам дека можев да ја споделам мојата приказна на начин кој длабоко одекна со публиката, од првата проекција на Берлинале каде што доби речиси 6-минутни овации, до други проекции на различни локации каде што луѓето од сите возрасти и од различно животно потекло го сакаа. Ова е магијата на кинематографијата и јас сум воодушевена што ја споделив издржливоста на Иранките со светот преку јазикот на филмот.
Трн: Во филмот, после еден од многуте протести, една Ваша пријателка вели дека нема надеж за луѓето кои протестираат 40 години за слобода. Но, другата е многу позитивна и вели дека промената ќе дојде наскоро. Остана ли уште надеж меѓу сите тие жени и луѓе по многуте години борба во Иран?
Фарах: Фактот што оваа борба продолжи во текот на сите овие години, напредувајќи и преминувајќи од генерација на генерација, покажува дека се уште има надеж. Имаше позитивни промени и ќе ја одржиме надежта додека не ги постигнеме нештата што ги заслужуваме како луѓе. Оваа надеж постои кај помладата генерација, за што сведочи и малото девојче на крајот од филмот кое го продолжува патот на претходните генерации.
Трн: Дали „Украдената планета“ може да им се врати на жените и луѓето во Иран?
Фарах: Да. Еден ден ќе ја вратиме нашата „украдена планета“.
Трн: Танцувањето во вашиот филм е синоним за украдена слобода. Тоа е едноставна радост, издржливост, тоа е минато и иднина. Кажете ни за танцот на жените во Иран?
Фарах: Танцувањето има длабоки корени во културата и историјата на Иран, но во последниве години танцот стана форма на протест. Се обидов да го одразам овој израз, кој ја покажува моменталната општествена реалност – моменти кога поединците ја доживуваат слободата на движење, дури и ако тоа е само во рамките на нивните домови.
Трн: Веќе 40 години власта во Иран прави кампања за колективно заборавање на минатото, на историјата, на тоа какви биле луѓето во Иран. Може ли минатото да се смени во колективната меморија по сите овие години?
Фарах: Сè додека ги споделуваме нашите лични приказни, без разлика дали преку филм или преку некој друг начин, го чуваме минатото за да им го пренесеме на идните генерации. Исто како што го откривам минатото во неофицијалните наративи и се обидувам да ги задржам во ум.
Трн: Велите дека слободата на жената е колективна слобода. Како ја гледате борбата на жената за слобода и еднаков живот во светот?
Фарах: Како што спомнавте, сите ослободителни борби ширум светот се меѓусебно поврзани. Како што вели познатата поговорка, „Никој не е слободен додека сите не се слободни“.
Трн: Кој ќе биде вашиот следен проект? Дали сè уште имате некои приказни за Иран кои би сакале да ги споделите?
Фарах: Имам приказни за слободата и еднаквоста во светот, кои можеби го вклучуваат Иран, но можеби и не. Бидејќи во денешниот свет, неправдата и нееднаквоста се случуваат на многу места, не само во Иран.
Адријана Георгиев за Трн.мк