„Ако ВМРО одбие да учествува во техничката влада ќе стави дамка на изборниот процес и ќе потврди теза дека сакаат изборниот процес од старт да го направат да биде со претпоставки, дека можеби некој нешто правел за свој интерес“, посочи премиерот Димитар Ковачевски во „Студио 10“ на ТВ24.
Тој додаде дека од 2016 година наваму во земјава има чисти изборни процеси, за што е потврда и победата на опозицијата на локалните избори.
„Техничката влада е од технички карактер и е законска обврска. Сто дена пред парламентарните избдори, претседателот на владата треба да поднесе оставка, што јас ќе го направам, а обврска на сите политички партии е да номираат, согласно закон, кадри за да се пополнат позициите. Тоа е законска обврска што треба да се исполни“, рече Ковачевски.
„Кај нас природно се издиференцираа два блока, едниот за интеграција и вториот против интеграција, каде има две нијанси едната апсолутно против, а другата декларативно за, но прави сè за да не влеземе во ЕУ. Затоа на изборите ќе се судрат два концепта“, рече Ковачевски.
Тој ги повика сите партии без разлика на етничката и идеолошката профилација, невладините, поединците и активистите да се вклучат во европскиот фронт, кој, според премиерот, е добитна комбинација.
„Во 2024 година ќе имаме избори каде прво ќе победи претседателски кандидат предложен од СДСМ и поддржан од прогресивната коалиција и потоа европскиот фронт ќе победи и на редовните парламентарни избори“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека тој ќе биде кандидат за пратеник и носител на првата изборна единица.
Тој потенцираше дека постојат држави кои не сакаат да ја видат Северна Македонија во ЕУ, кои сакаат статус кво на Балканот, тие имаат свој интерес за тоа.
„Постојат и политички партии и поединци кои јавно и кај нас велат дека Северна Македонија не треба да биде дел од ЕУ. Постојат луѓе кои не сакаат да видат земја со демократско владеење“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека сепак поголемото мнозинство од граѓаните, околу 80 отсто сакаат земјава да стане дел од ЕУ.
„Споредете го владеењето сега со владеењето до 2016 година. Видете ја слободата на медиумите. Бевме 130 место, денес сме 38. Имаме влада која на демократски начин води држава. Владата е 100 отсто транспарентна, а во 2016 била 26 отсто транспарента. Каде тогаш имало казнивост на владини функционери? Сега имате. Тоа беше мисловна именка порано“, рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека веројатно има и одредени бизнисмени кои се против членството на земјава во ЕУ, бидејќи имаат одреден монопол во Северна Македонија.
„Јас сепак мислам дека најголем бенефит од влегувањето во ЕУ имаат таквите големи компании. Ќе може да рааботат на поголем пазар“, рече Ковачевски.