„Апсолутно дека останувам на тоа и потврдата доаѓа што на првото интервју во јануари пред 2 години кажав дека ќе бидам премиер 12 години, тоа значи уште 10. Меѓутоа, тогаш се сеќавате дека опозицијата но и голем број аналитичари велеа дека се работи за човек кој што е неискусен, оваа влада нема да трае повеќе од 3 месеци, опозицијата рецитираше секој март, септември и декември дека ќе има предвремени избори, јас и тогаш кажав дека оваа влада ќе го заврши мандатот во целост и дека ќе одиме на редовни избори. Тоа и се случи и еве го остваривме нашиот мандат така како што е предвидено со закон и после 2006 година прв пат имаме редовни избори. Така да после 9-ти мај, тоа е денот на Европа, на истиот ден ќе прогласиме победа на европската коалиција и повторно ќе се формира европска влада со која што Северна Македонија ќе стане земја членка ЕУ,“ рече премиерот во оставка, Димитар Ковачевски во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 Телевизија, осврнувајќи се на првото интервју пред 2 години, во истата емисија.
Во врска со информациите во јавноста дека премиерот Ковачевски побарал од спикерот на собранието Џафери да ги остави празни местата во предлогот за министри на ВМРО-ДПМНЕ Ковачевски посочи дека на таа тема тие воопшто немаат разговарано.
„Мојот став беше апсолутно принципиелен исто како што беше и ставот на некои политичари, како што е претседателот Пендаровски, доколку го следевте во текот на изминатите денови. Значи прво нема случај во светот каде што некој да учествува во влада а да не ја гласа таа влада, има случаи каде што некој не учествува во влада а ја гласа, ние овде имаме случај каде што некој учествува, а не гласа за своите министри,“ посочи Ковачевски.
Тој посочи дека коалицијата на СДСМ ќе има над 61 пратеник и тие над 61 пратеника ќе ја формираат новата проевропска влада на 8-ми мај.
„Оваа коалиција која што ја гледате, СДСМ има свои коалициони партнери меѓутоа имаме и коалициони парнери со кои што ја формираме владата, таа коалиција ќе има над 61 пратеник, можеби и над 70 пратеници. Бидејќи мандатот на крај го добива владината коалиција, тие кои формираат влада“, нагласи Ковачевски.
Во однос на тоа дали има одлука дали СДСМ сам ќе оди на избори, Ковачевски посочи дека коалиции се прават врз основа на вредности, се прават врз осова на визија и се прават врз основа на програми, дали коалицијата ќе биде од традиционалните партнери коалициски со кои што СДСМ оди на избори или ќе се работи за една поширока коалција зависи од анализите и во однос на усогласување на програмските определби и секако на кадровската понуда.
„Едно е факт дека визијата за европска Македонија ја делиме сите кои што сме во оваа владина коалиција, тоа е голема коалциија, оваа коалиција има многу јасен став во однос на тоа каде треба да биде РСМ до 2030 година и како. Ние знаеме дека до 2030 година нашата држава ќе биде земја членка на ЕУ, исто како што знаевме дека државата ќе биде земја членка на НАТО. Од друга страна имате коалција или политички партии кои што не само што не нудат ништо туку тие велат дека може да се случи и 100 години да влеземе во ЕУ па можеби и никогаш, ова се зборови на претседателот на опозицијата кажано на телевизиско интервју“, рече Ковачевски.
Ковачевски се осврна на 11 годишното владеење на ДПМНЕ кои не направија ништо ниту на НАТО агендата ниту на европската интеграција. За него е комплимент што укинување на техничката влада бара токму опозицијата.
„Техничката влада е заштитен механизам за опозицијата затоа што во 2016 година изборите беа злоупотребувани од една политичка партија преку злоупотреба на институциите, тоа е ВМРО-ДПМНЕ, и заради тоа со меѓународно посредништво беше воведена техничка влада. Комплимент е кога опозицијата ќе каже нема потреба од техничка влада, истото и јас го кажав, меѓутоа опозицијата во овој случај ВМРО-ДПМНЕ, кои две години бараа предвремени избори, тие во ниту еден момент не го поставија барањето за укинување на техничката влада,“ рече Ковачевски.
Ковачевски појасни дека по лидерска средба која што беше последна лидерска средба одржана во собранието, сите политички партии се согласиле дека е прекраток рокот за укинување на техничката влада пред овие избори.
„Јас имам дадено изјава дека техничка влада на држава која што е земја членка на НАТО, земја која што преговара со ЕУ, земја која што претседава со ОБСЕ и земја која што од заробена држава е демократска држава, со слобода на медиуми и со демократски процеси унапредени, воопшто нема таква потреба. Меѓутоа, тоа не беше поставено и на крајот сите лидери на политички партии кажаа дека за овие избори таква измена не може да се направи во толку краток рок за следните избори сигурно дека ќе биде направена. Тоа се фактите кои што можам јас да ги споделам овде и кои што може да ви ги потврди било кој“, посочи Ковачевски.