Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ковачевски за ЦИВИЛ МЕДИА: Јас ќе ја составам следната Влада која ќе го обезбеди членството на Северна Македонија во ЕУ

Премиерот Димитар Ковачевски имаше непопуларна задача во изминатите две години во кои ја предводеше македонската влада. Тој и неговиот владин тим влегоа во костец со сите предизвици со кои се соочуваше и се соочува земјата – во време на жестоки воени, енергетски и економски кризни жаришта во светот и регионот, упорна и целосна блокада од опозицијата за сите клучни прашања и процеси, среде хибридни закани и обиди за дестабилизација… Одлуките и чекорите што ги презедоа Ковачевски и Владата, се повеќе од одличен повод да побараме интервју од него, со прашања кои се својствени и за специфичните полиња на интерес на медиумската платформа на ЦИВИЛ.

Во ова интервју, премиерот Ковачевски одговара на повеќе прашања групирани во посебни области. Почнавме со економијата, за да продолжиме со можностите што ги пружа процесот на ЕУ интеграцијата и чекорите што ги презеде владата за да се справи со енергетската и економската криза.

Неизоставно, го прашавме премиерот за европските перспективи во контекст на изборните процеси што ѝ претстојат на нашата земја во 2024 година и за групирањето во проевропски и антиевропски политички блокови кои веќе сега јасно се исцртуваат на македонската предизборна мапа.

Како организација и како редакција со изразит интерес во областите на мониторингот на меѓуетничките односи, како и промоцијата на мултикултурализмот и европските вредности, побаравме одговор од премиерот за стратешките чекори и во тие области.

Борбата против дезинформациите и пропагандата, како и соочувањето со хибридните напади се уште една област во која ЦИВИЛ и медиумската платформа се видливи и влијателни, како на национално, така и на меѓународно ниво. Оттаму, дел од ова сеопфатно интервју е посветено на овие прашања, а премиерот Ковачевски и има што да сподели на оваа тема.

Посебно треба да се истакне увереноста на премиерот Ковачевски, кој воедно е и лидер на СДСМ, дека токму тој и неговата партија ќе ја предводат владејачката коалиција и во наредниот мандат, со која Северна Македонија ќе влезе во ЕУ.

ЦИВИЛ МЕДИА: Да почнеме со вам најблиската тема – економијата. За антикризните мерки велите дека се обезбедува повеќе помош за сите граѓани. Имам повеќе прашања во овој дел. Дајте ни детали, за кои категории граѓанки и граѓани се резервирани најголем дел од средствата? На кој начин ги креиравте мерките? Дали исплатите се веќе во тек?

ДИМИТАР КОВАЧЕВСКИ: Оваа тема е навистина најважната тема во моментов, и точно, антикризните мерки означуваат грижа за сите граѓани и обезбедуваат повеќе за оние на кои им е најпотребна поддршка. И овој пакет е континуитет на поддршката која што ја имаа граѓаните и компаниите и во време на ковид пандемијата и за во време на енергетската криза, но и континуитет на целокупната политика што оваа влада ја води во изминатите скоро 7 години, а е во насока на заштита на животниот стандард, ликвидноста на компаниите, и развој на економијата.

Над 2 милијарди евра само во изминатите 3 години се насочија кон граѓаните и компаниите, никогаш досега немало толку голема финансиска поддршка од државата, толку пари да се вратат назад кај граѓаните, кај стопанството.

Само новиот деветти пакет антикризни мерки е во вредност од 662 милиони евра, а содржи 26 мерки како поддршка за  ученици, студенти, млади, пензионери, ранливи категории, самохрани родители, домаќинства со ниски приходи, земјоделци, компании. Исплатите за дел од мерките започнуваат кон крајот на овој месец декември.

Конкретно со овој пакет поддржуваме 120.000 млади лица, 187.000 пензионери, над 74.000 социјално ранливи граѓани, 40.000 земјоделци, 600.000 домаќинства и над 70.000 компании.

За младите, обезбедуваме финансиска поддршка за средношколци и ученици од семејства со месечни примања до 50.000 денари. Конкретно, во наредните 6 месеци 35.000 ученици од средно училиште месечно добиваат по 1.800 денари, или 10.800 денари до завршување на училишната година, по ученик. Учениците од основното образование, во наредните 6 месеци добиваат по 1.200 денари  месечно или  7.200 денари до завршување на училишната година за ученик. Повикот за учениците е веќе отворен, и трае до 26 декември, потоа ќе се започне со исплатата.

Студентите од социјално ранливите семејства добиваат  ваучер за превоз од 600 денари до 1.200 денари месечно, тоа се 15.000 студенти. Повикот за финансиска поддршка  на студенти кои живеат надвор од местото на студирање за академската 2023/24 година е отворен до 24 декември, и ваучерот ќе важи од овој месец декември 2023 година.

Пензионерите, со пензија до 14.000 денари добиваат по 3.000 денари месечно финансиска поддршка во наредните 5 месеци пензионерите. За 5 месеци тоа е поддршка од вкупно 15.000 денари. Пензионерите пак со пензија од 14.000 до 16.000 денари добиваат по 2.000 денари месечно. Оние пензионери со примања помеѓу 16.000 и 19.000 денари во следните 5 месеци, добиваат поддршка од 1.500 денари.

Исплатите на оваа финансиска поддршка пензионерите може да ја очекуваат кон крајот на овој месец, за неколку дена и не треба ниту да аплицираат, ќе им стигне на нивните сметки.

За ранливите, корисниците на надоместок заради попреченост, самохраните родители – корисници на гарантирана минимална помош и родителите на деца со попреченост до 26 години, обезбедивме поддршка по 2.000 денари во период од 5 месеци. Дополнително, 5.000 ранливи семејства ги поддржуваме преку Програмата за енергетска сиромаштија. Исплатите и на оваа финансиска поддршка ќе бидат кон крајот на овој месец.

Продолжува мерката за субвенционирана струја до 90%, за над 600 илјади семејства. Но, исто така пакетот содржи мерки за финансиска поддршка за домаќинствата за инвестиции во обновливи извори на енергија, односно до максимум 80.000 денари поддршка за фотонапонски панели, до максимум 15.000 денари за соларни системи и до максимум  25.000 денари за инсталација на ПВЦ.

Бидејќи вистински го цениме трудот на работниците, за работниците во приватниот сектор обезбедивме поддршка за поголеми плати. Со мерката за зголемување на платите во вработените во приватните компании, отвораме можност за покачување на платите од 3.000 до 9.000 денари. Ќе ја споменам и мерката за „Мој ДДВ“, за која го зголемивме прагот до 2.100 денари и со оваа мерка се опфатени 540.000 корисници. Ги враќаме парите назад кај граѓаните и само преку оваа мерка се вратени над 110 милиони евра назад кај граѓаните.

Земјоделците за прв пат досега, добиваат авансна исплата на субвенциите, по програми за тековна година, согласно новиот модел на субвенционирање што го воведе Владата. Односно, сите 40.000 земјоделци кои се стекнале со право за субвенции, ќе добијат авансна исплата на 30 проценти од субвенциите, исто така до крајот на овој месец.

Секако, тука се мерките  и за компаниите,  со кои го зајакнуваме приватниот сектор, се ублажуваат последиците од економската криза и се зачувува конкурентноста на нашата економија. Тоа се мерки кои овозможуваат одржување на ликвидноста на компаниите, поддршка за инвестиции во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори.

Оваа е, сметам, вистинска грижа за секој граѓанин, за компаниите, за економијата, за државата да оди напред. И кога повторувам дека некој нема да биде оставен сам, мислам токму на овие мерки, политики и факти, и до ден денес се придржувам до тоа што го кажав на првиот ден од преземање на позицијата претседател на Влада. Овие мерки не се само празни зборови на хартија, туку реални мерки кои се реализираат и даваат резултати.

И како што напоменав, овие мерки се континуитет на политиките кои ги води оваа влада, а кои даваат видливи резултати. Минатиот месец, ноември, инфлацијата изнесува 3,1%, што е за 6,3 пати помала инфлација за само една година, односно споредено со ноември 2022 година, кога инфлацијата беше 19,5 %. Паралелно, статистиката регистрира и раст на платите. Просечната нето плата денес е речиси 39.000 денари или 630 евра, а ветивме 500 евра. Ова значи дека ја покачивме просечната плата за 270 евра во однос на 2016 година, кога изнесувала околу 360 евра. Минималната плата е историски највисока и изнесува 20.175 денари или 328 евра.

Со новата методологија на пресметка на пензиите пак, пензиите веќе пораснаа во просек 5.000 денари во однос на тоа што изнесуваа. Само за година и половина имаме зголемување од 24% на пензиите. Просечната пензија денес изнесува 20.100 денари што е за 6.400 денари повеќе во однос на 2016 година,  а минималната пензија денес изнесува 13.150 денари, што е за 4.300 денари повисока во однос на 2016 година, односно имаме повисока пензија за речиси 50%.

Ова се резултати односно ова се факти кои не може да се оспорат. Ние, како и секоја друга влада, имаме должност и обврска кон граѓаните и кон стопанството да го заштитиме животниот стандард, но и да осигуриме европски квалитет на живот, да ја движиме државата напред и во извесна иднина.

ЦИВИЛ МЕДИА: Во контекст на економијата, граѓанките и граѓаните на Северна Македонија добиваат нови можности и од ЕУ. Европската Комисија го презентираше Планот за раст кој се базира на реформи и економска интеграција. Кои се вашите очекувања? Кога е реално да стигне првата транша од оваа помош? Кои се нашите обврски? Што да очекуваме во областа на регионалниот заеднички пазар и усогласувањето со единствениот пазар на ЕУ?

КОВАЧЕВСКИ: Планот за раст што Европската комисија веќе го усвои минатиот месец, значи конкретна финансиска поддршка за доближување на македонската економија кон нивото на економиите на европските земји и за унапредување на македонскиот животен стандард и квалитет на живот кон европскиот. Односно, нашите граѓани да почувствуваат како е да се биде дел од ЕУ, уште пред зачленувањето во Унијата. Со тоа, овој План за раст е  најконкретната политичка порака од Европската Унија, дека ја очекува Северна Македонија во европското семејство, во амбициозниот и достижен рок до 2030 година.

Овој европски инструмент за поддршка на реформите и развојот на Западен Балкан е во висина од 6 милијарди евра, за периодот 2024-2027 година. Се состои од 2 милијарди евра грантови и 4 милијарди евра концесиски заеми. И од нив, близу 1 милијарда евра може да користи Република Северна Македонија.

Заедничка цел со ЕУ е до април 2024 година да се направи првиот трансфер на пари кон Северна Македонија – и кон другите земји во регионот на Западен Балкан, но сега говориме за нашата држава. Ова значи дека ако продолжиме со реформите и со процесот на интеграција, првиот трансфер од новиот пакет ќе го имаме за четири месеци од сега.

Планот за раст е во суштина резултат на барањата на Владата да добиеме пристап до привилегии од зачленувањето во ЕУ, уште пред тоа формално да се случи, односно додека траат преговорите. И еве се случи.

Овозможена ни е финансиска помош за реализација на реформите што се најпотребни за евроинтеграцијата. За прв пат имаме резервирани пари за реформи. За првпат ни се отворени можности за вклучување во програми, во коишто не сме биле вклучени досега. Се овозможува на државите од Западен Балкан да се поврзат, преку спроведувањето на реформите по европскиот пат. И многу важно за граѓаните и компаниите, со Планот за раст е овозможен пристап до европскиот заеднички пазар.

Што значи дека нашите производи и услуги ќе почнат да се пласираат на Единствениот европски пазар и пред нашето официјално членство во ЕУ. Тоа е пазар од половина милијарда луѓе, што отвора реална шанса за нови вработувања, повисоки плати, професионалност, конкурентност. Го носи напредокот дома, што го посакуваат македонските граѓани, над 30 години од независноста на државата.

Практично, како што објави Европската комисија, седум приоритетни активности се предвидени со овој План: слободно движење на стоки; слободно движење на служби и работници; пристап до Единствената област за плаќања во евра (SEPA); олеснување на патниот транспорт; интеграција и де-карбонизација на енергетските пазари; единствен дигитален пазар и интеграција во индустриските синџири на снабдување

За сето ова да стане реалност, ние, како и другите држави од Западен Балкан, бевме поканети да подготвиме реформска агенда. Како Влада ревносно пристапивме кон оваа можност. И, за кратко време, успеавме да ја подготвиме првичната верзија на Националната реформска агенда 2024-2027 година, којашто е веќе доставена до Европската комисија.

Значи, успешно го завршивме скрининг процесот со ЕУ, во 15 месеци, што е резултат на посветената работа на институциите. И максимално се фокусираме на стратегијата за Планот за раст. Што значи, сè што беше и е до Владата, за забрзана интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ, се прави. И ќе се направи. А, пратениците во Собранието на Република Северна Македонија од овој состав, кои за предизборни политички интереси ја оневозможуваат натамошната интеграција, добро нека размислат по што ќе бидат запаметени.

Првата евалуација очекуваме да биде крајот на март, а на почетокот на април да се случи и првиот трансфер на средства од Планот за раст на Европската комисија.

Овој План за раст е нешто што недостигаше долго време во процесот на проширување. Го гледаме како најамбициозниот механизам предложен и поддржан од ЕК, од почетокот на процесот на евроинтеграција кај нас. Затоа што дава нов поттик за намалување на разликите со економиите на членките на ЕУ, со забрзана конвергенција, односно  приближување до нив.

Планот е премостлива фаза – од завршувањето на скрининг процесот до отворањето на Кластерот 1, преку инвестиции и реализација на реформи, со коишто македонските граѓани ќе ги почувствуваат придобивките од ЕУ. Добиваме европска поддршка и да ја приспособиме државата за полноправно членство во ЕУ. И доаѓа во вистински момент, како поддршка на македонската економија и животниот стандард на граѓаните.

Ете, ова се добива кога се има проевропска Влада и евроатланска ориентација. Значи – просперитет.

Сите кои го кочат европскиот пат, им ја одземаат можноста на македонските граѓани да живеат достоинствено, конечно неизвесноста да ја заменат со предвидливост, а македонскиот стандард на живот да стане европски животен стандард. Но, нова блокада нема да дозволиме. Кој не ги сака евроинтеграциите, има други цели, различни од стратешките цели на нашата држава, кој не знае како да го води овој процес, нека се тргне. Или ќе биде тргнат од граѓаните на изборите. Имаме зацртан пат. Ние сакаме и знаеме како. Ги започнавме преговорите со ЕУ минатата година, по голем застој заради изолациските политики на еден недемократски, 10-годишен режимски систем. И со обединувањето околу европската цел во периодот што претстои, ќе осигуриме, до 2030 година, Република Северна Македонија да биде европска Република Северна Македонија, затоа што македонските граѓани тоа и го очекуваат и го заслужуваат.

ЦИВИЛ МЕДИА: Наспроти катастрофичните предвидувања на Мицкоски, цената на струјата не само што не скокна, туку Северна Македонија направи крупни чекори и во насока на самоодржливоста и зелената енергија. Како ќе се движи оваа иницијатива во следниот период? Кои се главните препреки и опасности за зелените проекти? Ќе продолжи ли инвазијата од фотоволтаици и ветерници? Ќе се откажеме ли од јагленот? Кои се решенијата?

КОВАЧЕВСКИ: Сите предвидувања на Мицковски, за ова прашање не се остварија. Уште на почетокот на кризата во 2022 година во септември, кога кажав дека пред нас е најтешката зима после Втората Светска Војна и дека ќе направиме сѐ за заедно да ја надминеме, опозицијата наместо да размислува солидарно, во јавност пласираа најцрни сценарија кои се покажа дека се дезинформации. Кажуваа дека државата ќе остане во мрак, без струја, дека нема да има парно за да влеат страв и неизвесност кај граѓаните. Но, ниту едно црно сценарио не се оствари, ниту еден ден, граѓаните не беа без струја и без парно. Напротив, имаше струја, парно и воведовме низа мерки за поддршка на граѓаните, на стопанството, за функционирање на виталните институции и евидентно е, дека и во услови на криза државата функционираше во најдобар ред.  Предвидовме, субвенции и финансиски средства за најранливите граѓани, како и субвенционирање на цената на електрична енергија која е обезбедена за сите домаќинства и за сите компании на регулираниот пазар.

Ќе зборувам со факти, и најпрво сакам да кажам дека сум горд на успесите на сите чинители во енергетскитот сектор во нашата земја на работниците на раководствата, бидејќи заедно успеавме кризата да ја претвориме во можност и да станеме лидери во регионот по енергетска трназиција, дополнително и да ја вратиме евтината струја за граѓаните.  Тоа  е патриотизам во 21 век – со посветена работа, работниците ја одбранија  енергетската независност на државата,  со работа во капацитети стари 40 години, работеа на нивно одржување и ремонт и на нивно постојано држење во функција со цел да се произведува електрична енергија.

Тоа се факти кои никој не може да ги порекне.

Уште од самиот почеток на светската економско-енергетска криза предизвиканата од воената агресија врз Украина, презедовме три клучни работи во изминатиот период:

Прво, Северна Македонија, како и секоја земја водеше стратешки домашни политики  за снабдување со енергија и храна и зголемување на производството, со цел системот да функционира, граѓаните да се заштитат од ценовен шок, компаниите да бидат ликвидни и виталните функции на државата да се одвиваат непречено и тоа го постигнавме.

Второ, Се обединивме со регионот, со сите наши соседи, а поддршката на Европската Унија беше клучна во градењето побезбедна, посигурна и позелена енергетска иднина за државата.

Трето, за растот на инвестициите во обновливи извори на енергија, кризата ја претворивме во можност, станавме лидери во енергетската транзиција на  нашата земја и  ја претворивме земјата во зелен енергетски хаб.

И второто, и третото ги постигнавме, и тоа е огромна придобивка и за државата и за сите граѓани.

За прв пат од независноста на државата, донесовме низа системски одлуки, со коишто, се насочивме кон стратешко и одржливо домашно производство на храна и стратешко домашно производство на енергија, тргнувајќи од природните потенцијали на нашата земја: плодна земја, сонце над 280 сончеви денови во годината, ветар и вода, вреден народ,  како предуслов за производството на храна и вложување во обновливи извори на енергија.

Со ставањето во функција сите енергетски капацитети кои ги имаме во државата, го зголемивме домашно производство на електрична енергија и ЕСМ наместо законски предвидените 60% производство на електрична енергија, обезбеди 100% струја за домаќинствата и за малите потрошувачи. Образовните институции, болници, комунални дејности беа вратени на регулираниот пазар, и ги намалија нивните трошоци за работа.

И да напоменам, дека во споредба со претходната грејна сезона, оваа реализиравме зголемување на вкупното производство на електрична енергија од 45% кога никој не веруваше во тоа и кога скептиците велеа дека во текот на јануари и февруари оваа година ќе останеме без електрична енергија.

Го активиравме и ТЕЦ Неготино, кој 15 години не работеше, меѓутоа сега беше клучна електрана за справување со енергетската криза. Ги активираме хидропотенцијалите, мотивираме употреба на обновливите извори на енергија, како што е поставувањето фотонапонски панели – за што ги олеснивме процедурите за нивно поставување, како за граѓаните, така и за компаниите.

За нешто што беа потребни шест месеци за вадење на дозвола, сега е потребно само еден ден известување за да може компаниите и домаќинствата да го направат она во што сакаат да инвестираат. Добивме поддршката од  80 милиони евра за справување со енергетската криза од Европската Унија.

Во однос на вашето прашање за инвазијата на фотоволтаици, можам само да потврдам дека до 2016 година во нашата држава за целиот мандат на претходните сите влади во државата имаше инсталирано 16 мегавати обновливи извори на енергија, од соларни централи. Но затоа, од првиот ден на Владата која јас ја предводам, од јануари 2022 до денес има издадени 600 лиценци за централи за обновливи извори на енергија, со што денес имаме инсталиран капацитет од 600 мегавати обновливи извори на енергија, што е повеќе од капацитетот на цел РЕК Битола што произведува. Ова постигнување го признаваат и во Светска банка и во Европска банка, само има неколку скептици во земјава не го признаваат ама го премолчуваат, бидејќи не можат да го негираат.

И факт е дека благодарение на тие 600 мегавати обновливи извори на енергија, денес се снабдуваат со чиста енергија 166 илјади домаќинства во државата.

Исто така,  поради ова, и поради оваа политика која ја направивме и спроведовме   овозможивме враќање на евтината тарифа на електрична енергија од 13 до 15 часот  со тоа 1.000 денари месечно заштедуваат домаќинствата. Тоа е работа на една Влада која има јасна стратегија, која има јасна цел и која знае како да ги спроведе стратегиите кои што ги пишува.

Ова е важно, бидејќи беше едно од клучните ветувања за граѓаните, што го спроведовме. Беше прекинато на одреден период заради светската енергетска криза, кога воведовме низа дополнително други мерки со коишто ги субвенциониравме сметките за струја и се уште ја субвенционираме во износ до 90%. Да не беше субвенцијата од државата сметките на граѓаните што ги плаќаат ќе беа дуплирани за електрична енергија во сите изминати две години откако ги воведовме овие мерки.

Сето ова, успеавме да го реализираме за краток рок, а имаме планови и за среден и долг рок со што нашата држава станува енергетски независна.

Република Северна Македонија е воедно првата држава во регионот на Западен Балкан, која донесе Стратегија за развој на енергетскиот сектор, базирана токму на столбовите на Зелениот Договор на Европската Унија.

Во однос на вашето прашање за исфрлањето на јагленот од употреба, и решенијата повторно факт е дека токму ние ја направивме првата енергетска транзиција на електрана на јаглен, во РЕК Осломеј со изградба на фотонапонска централа на локацијата на стариот рудник. Вакви инвестиции ќе продолжат и понатаму, со цел старите загадувачки централи да произведуваат енергија од обновливи извори.

Ваквиот тип инвестиции креираат високо платени работни места. И тука сакам да напоменам дека не треба да се шпекулира, работниците во оваа индустрија нема да остануваат без работа, туку напротив ќе треба уште работници со подобри квалификации кои што ќе работат на најновите технологии за производство на електрична енергија, за складирање на електрична енергија во батериски системи и исто така на берзите кои што ќе се отвораат во регионот со кои што веќе она што беше единствено резервирано само за државите поединечно, ќе стане регионален пристап во однос на снабдувањето на електрична енергија.

Зелениот план на Европската Унија, за одржливост на економиите се однесува на цела Европа, а не само на Европската Унија, и затоа продолжуваме да го следиме примерот на Европската Унија за поефикасно спроведување на транзицијата и  декарбонизација.

Граѓаните да бидат спокојни дека со продолжување на политиките на оваа Влада, добиваат гаранција дека државата ќе има сигурно и стабилно производство на чиста  електрична енергија во наредните 30 години од домашни извори, и дека државата и ЕУ ќе бидат гарант за праведната енергетска транзиција.

ЦИВИЛ МЕДИА: Многу се говори за европски наспроти антиевропски политички блок чија пресметка се очекува на претстојните избори. Граѓаните веќе препознаваат кој субјект на кој блок припаѓа, но дали треба да се очекува формализација во предизборни коалиции? Кои се сигурните сојузници во вашиот, во европскиот блок?

КОВАЧЕВСКИ: Иницијативата на СДСМ, која по лидерската средба доби и конкретен формат односно, формална и отворена покана за формирање на широк Европски фронт кон сите политички и општествени чинители коишто го поддржуваат членството во ЕУ, е всушност продолжение на проевропската политика која ја води СДСМ и коалицијата. Ги повикавме сите политички субјекти, граѓански организации и здруженија, активисти, сите кои го поддржуваат европскиот пат и сите кои иднината на земјата ја гледаат како полноправна членка на ЕУ, да се приклучат во Европскиот фронт и да придонесат во остварувањето на стратешката цел на државата. Сите проевропски и прогресивни, демократски сили, без разлика на етничка или идеолошка разлика се добредојдени.

За тоа кој ќе биде дел од таа проевропска коалиција, со оглед на фактот што истата е отворена и се очекува да биде најширока можна, можам да кажам дека јас очекувам сите прогресивни сили кои сакаат оваа земја да ја видат како се движи напред да се приклучат.

Дали тоа формално ќе значи предизборни коалиции, прерано е да се зборува, она што е важно во моментов е да се обединиме по однос на вредностите кои ги застапуваме. И затоа во овој момент, овој политички концепт кој во својата суштина е државнички концепт за иднината на земјата е исклучително важен.

Јасната дистинкција по прашањето на евроинтеграциите е многу важна сега. Граѓаните имаат право и треба да знаат која партија или политички чинител има во план има за наредниот мандат. Каков план има за тоа каде ќе биде земјата по наредните 4 години. Тоа е многу важно прашање затоа што од тоа зависи иднината на државата и иднината на граѓаните.

Ние видовме што се случи кога ДПМНЕ ја презеде власта и после тоа следуваа 11 години изолација. Тогаш бевме заедно со Хрватска и дури и предничевме, а денеска Хрватска е членка на ЕУ, а ние сме со отпочнати преговори со ЕУ. Многу години и многу генерации изгубени. Тоа не смееме да го дозволиме да се случи пак.

Со ДПМНЕ нема иднина, нема членство во ЕУ ниту за 100 години и тоа и многу јасно го кажа Мицкоски, јавно, на телевизија. Самиот потврди дека тие немаат намера да го продолжат европскиот пат. Како што кажа тој, „може да бидат и сто години“ а “можеби и никогаш да не биде“. И затоа е јасно дека доколку ВМРО ДПМНЕ ја преземе власта, државава е осудена на изолација, иста каква што гледавме 11 години, со тоа што последиците сега ќе бидат несразмерно поголеми и на штета на граѓаните.

Антиевропската коалиција на ДПМНЕ и Левица е закана за европската иднина на земјата и мора да биде поразена. И ќе биде поразена, јас ви ветувам.

ЦИВИЛ МЕДИА: Мултикултурализмот и уредувањето на меѓуетничките односи во Северна Македонија се позитивен пример во регионот, но и многу пошироко. На кој начин ќе продолжите со овие политики и практики? Ова прашање Ви го поставувам имајќи го предвид и фактот дека владината „Стратегија за интеркултурализам“ –  доцни една година. Како се спроведуваат стратешките определби во оваа област?

КОВАЧЕВСКИ: Да, ние сме земја со високи стандарди во почитувањето и остварувањето на човековите права и имаме, како што јас нагласив на тематската седница на Обединетите Нации минатата година, функционална мултиетничка и мултикултурна демократија. Нашите политики се целосно усогласени со глобалните цели на ООН – да не оставиме никого сам! Нашите успеси се констатирани во сите релевантни извештаи на Советот на Европа, на ЕУ, на Фридом хаус, на Високиот комесар за национални малцинства при ОБСЕ, тела со кои ние имаме интензивна соработка и во чии состави членуваат владини претставници, а во телото за правата на Ромите при Советот на Европа имаме и потпретседател, г-ѓата Мамбера Камбери од МТСП.

Нашата посветеност ја докажавме и со успешното претседавање со ОБСЕ, во исклучително сложена геополитичка ситуација.

Човековите права, правата на заедниците, соживотот, општествената кохезија, еднаквоста е стратешки приоритет и во Националната развојна стратегија, 2024-2044 која што е најдолгорочниот плански документ, и се спроведува преку донесените стратегии за Родова еднаквост, за Недискриминација, за Инклузија на Ромите, за Соработка со граѓанското општество и во споменатата Стратегија за интеркултурализам и општествена кохезија, која што е во фаза на усвојување, по едногодишен процес на евалуации, анализи и граѓанско учество во подготовката за да се обезбеди широка поддршка и прифатеност, што е и една од препораките содржана во извештаите за  следниот стратешки циклус.

Преку сите споменати плански документи, и со Акцискиот план за остварување на правата на заедниците развиен од МНР и СЕП, ние целосно ги исполнуваме сите најнови препораки и стандарди на меѓународните тела, со кои имаме активен дијалог. Истовремено ги слушаме и барањата на самите претставници на заедниците. Во таа смисла во владината програма за 2024 година, МОН ќе предложи законски измени за намалување на прагот на ученици потребни за формирање паралелки за изучување на јазикот и културата на заедниците, по консултации со претставници на влашката заедница и Форумот на немнозинските заедници, воедно и препорака од Партиципативните форуми на Агенцијата за остварување на правата на помалобројните заедници.

Како доказ дека нашата посветеност на политиките е континуирана е токму решавањето на сите затекнати случаи без матични документи Знаете, токму јас доделив стотина документи со кои овие најранливи лица ги воведовме во граѓанство, со што обезбедивме тие да ги остварат сите свои права. Со законските измени кои Собранието ги усвои Северна Македонија стана буквално втората земја во светот која го искоренила бездржавјанството на својата територија.

ЦИВИЛ МЕДИА: Северна Македонија е под постојан удар на дезинформациите кои во голем дел се креираат од домашни ентитети, но е подложена и на пропаганда и малигно влијание и хибридни напади од странски центри, во прв ред, Кремљ и нивните прокси во регионот. Кои се перспективите на борбата против овие појави во пресрет на изборите во 2024, но и по нив? Кои се главните предизвици и решенија во овој контекст?

КОВАЧЕВСКИ: Перспективите за борба со дезинформации односно борбата против странските информациски манипулации и влијанија од кои дезинформациите се само дел, во 2024 се подобри од било која година предходно.

Ова го велам поради повеќе причини, а секако прва од нив е тоа што ние сме НАТО. Тоа значи дека иако хибридните напади можат да го предизвикаат активирањето на член 5, кој се однесува на безбедноста на секоја земја членка и колективно на Алијансата и нејзиниот координиран пристап во одбраната, ние пред сѐ имаме домашна работа која произлегува од членот 3, односно ние имаме обврска кон Алијансата да се јакнеме и да ја градиме отпорноста и кон (помеѓу останатото) хибридните напади.

Тука покрај манипулациите со информации и влијанијата, влегуваат и сајбер безбедноста и јакнењето против останатите форми на хибридни активности. На исполнувањето на оваа обврска сме сериозно посветени и континуирано преземаме превентивни и реактивни мерки. Таа обврска не само национална туку е и регионална каде сме и фактор на влијание на стабилност, а на крајот е и глобална.

Но тоа значи и дека како Алијанса, сите 31 земја членка, споделуваме алатки, знаење, информации и анализи, и дека за нас е јасно видливо и кои се актерите и кои се хибридните активности со кои се обидуваат да влијаат. Дополнително, во следната 2024 година има многу изборни процеси низ Европа и светот, меѓу кои и нашите. Секој сојузник многу добро знае што значи оваа информација и што значат подготовките по ова прашање.

Тука е и ЕУ односно она коешто го измеривме при скринингот по прашање на хибридните влијанија. Европската Унија особено периодов презема храбри чекори во борбата со странските манипулации со информации и влијанија, особено кон големите платформи на социјални мрежи, и лично сметам дека тие исходи ќе бидат оние кои и ние ќе ги применуваме, токму поради преговорите и нашите аспирации кон полноправното членство и усогласувањето кое во голема мера се случува.

Крајно, причина е и свесноста за манипулациите со информациите и влијанијата која е поголема од било кога. Ова се однесува и на нашите граѓани, и меѓу нашите институции и меѓу различните чинители во општеството, а крајно и меѓу сојузниците во Алијансата. Ова го докажуваат пред сѐ повеќе истражувања кои потврдуваат дека мнозинството граѓани не само што ги препознаваат дезинформациите, туку ги препознаваат и изворите и нивното намерно создавање, и ова е на највисоко ниво од кога било претходно. Тоа е огромен исчекор за нашето општество и најважниот чекор во борбата.

Тоа што во моментов сите релевантни чинители во општеството, сеедно дали се институциите или граѓанските организации или медиумските организации, точно го знаат проблемот, и го препознаваат пристапот на вклученост на целото општество како клучен во справувањето со предизвиците, веќе во голема мера нѐ става во предност во оваа борба.

Оттука, сметам дека вклученоста на целото општество е решението и сега и во иднина. Ние, како општество, и тука мислам и на медиумите и на граѓанските организации и на институциите, мораме да бидеме на вистинската страна и здружено да се бориме против дезинформациите односно манипулациите со информации. Состојбата со дезинформациите и глобално, а и на Западен Балкан одамна не дозволува да има неутралност по ова прашање.

Одговорно можам да потврдам дека институциите се на вистинската страна и активно се борат против малициозните организирани групи кои наменски создаваат дезинформации и  манипулации со информации и се обидуваат да ги поткопаат демократските процеси во земјата. Сеедно дали тие се странски, или се амплифицирани од домашни актери. Но, ќе повторам, вклученоста на целото општество како пристап е клучна и ќе овозможи во наредниот период борбата со дезинформации да стане општествен приоритет и ќе обезбеди координиран, ефикасен и ефективен пристап во справувањето со дезинформациите.

ЦИВИЛ МЕДИА: Господине Ковачевски, дозволете да бидам сосема директен. Кои чекори ќе ги преземете во следниве четири месеци за Северна Македонија да остане на европската патека? Што ќе се случи со Северна Македонија ако националистичките политички опции станат доминантни?

КОВАЧЕВСКИ: Наредните неколку месеци се исклучително важен период за земјата. Пред сѐ, мислам дека сѐ уште имаме простор, како политички чинители, тука мислам на политичките партии претставени во Собранието, да ги донесеме потребните одлуки кои ќе ни овозможат продолжување на европскиот пат. Овој парламентарен состав има пратеници кои имаат визија за земјата како прогресивна, развиена демократија, дел од големото европско семејство.

Воедно, како што и веќе образложив, по успешно завршениот скрининг, имплементацијата на Планот за раст на ЕУ за земјите од регионот, е нешто кое што ќе донесе нов импулс и јасно и на дело ќе ја покаже волјата на ЕУ да ја види Северна Македонија како дел од Унијата што поскоро. Оваа единствена можност за развој и забрзани реформски процеси, сметам дека ќе даде поттик кај граѓаните да инсистираат да останеме на европскиот пат, бидејќи исто како што сум јас убеден, верувам дека и граѓаните се убедени дека ЕУ е нашата единствена алтернатива. Ние таму припаѓаме, и природно, и вредносно.

Сите ние се стремиме кон врвна демократија, социјална правда и функционално владеење на правото, подобар животен стандард, подобри и подобро платени работни места, економски развој. Сето ова единствено е можно само со приклучување на тој европски сојуз, кој по членството во НАТО ќе ни обезбеди целосна интеграција на земјата и секако остварување на стратешките цели зацртани уште од независноста.

Јас воедно останувам лидер на европскиот фронт на кој повикавме и не отстапувам од тоа, од таа позиција верувам дека ќе обезбедиме солидна основа, за веќе во следниот мандат забрзано да ги отвораме и затвораме кластерите и поглавјата во текот на преговорите и да ја внесеме земјата во ЕУ до 2030 година.

Алтернативата на овој план и на овие чекори се изолацијата која ја нуди ДПМНЕ. Ги видовме како функционираат 11 години, ја поделија државата по сите основи, ја уназадија до степен што едноставно некои работи беше и невозможно да се поправат во брз рок. Убеден сум дека тие ќе продолжат со поделбите по сите основи и ќе продолжат со националистичките наративи ако дојдат на власт. Едноставно затоа што не знаат ништо друго. Националистичките наративи се секогаш резервирани за оние како нив, кои немаат што друго да понудат, кои немаат ниту визија, ниту идеја, ниту програма за работа. Така владееја 11 години претходно, без дилема сум дека тие повторно би прибегнале кон истите стратегии.

Граѓаните и на последното појавување во јавност на Мицковски можеа да видат со каква радост зборуваше тој за времињата кога неговиот шеф беше премиер. Кога се трошеа пари за стиропори, споменици и жални врби, време во кое се затвораа телевизии и весници, а новинарите и медиумите генерално беа во исклучително тешка ситуација, без слобода на говор, кога се измислуваа војни за да се држи тензија и да се остане на власт…

Немам дилеми доколку се случи ДПМНЕ да дојде до власт ни следува враќање назад и како држава но и враќање на тоа мрачно време. Нема никаква разлика од ова ДПМНЕ со она на Груевски, за жал никогаш не расчистија со тоа нивно минато, од проста причина што тоа за нив беше врвот во владеењето, израз на апсолутна моќ на партијата врз државата, без да се има предвид што граѓаните сакаат и каде треба да се движи државата.

А граѓаните сакаат да оди државата напред, сакаат децата да им останат дома, сакаат побогат живот и од тие причини верувам дека ќе ги препознаат како штетни стратегиите на ДПМНЕ. Убеден сум, со глас за европскиот фронт граѓаните ќе испратат јасна порака дека не сакаат назад во неизвесност, туку сакаат земјата да продолжи напред, по вистинскиот, по европскиот пат.

ЦИВИЛ МЕДИА: Кои настани и одлуки во текот на Вашиот двегодишен мандат можете да ги издвоите како најважни? Кој е Вашиот најголем успех како Претседател на Владата и кои се трите најважни работи што би ги направиле во првите 100 дена од следниот мандат, ако повторно бидете премиер?

КОВАЧЕВСКИ: Суштината на политиката се граѓаните и државата, татковината. Оттука, една политика може да се смета за успешна само ако придонела државата да се развива, економски, демократски, да оди напред, да граби, да има државни успеси со кои сите може да бидат горди. И второ доколку граѓаните имаат повеќе од она што го имале, поголеми плати, пензии, посилна економија, подобар животен стандард, поголема куповна моќ, подобри работни места итн.

Затоа пред конкретно да одговорам на вашето прашање дозволете да сублимирам. Изминативе две години, во рамки на можностите и глобалните околности направивме многу. Не беше воопшто лесно, но она што сметам дека е огромен успех е што ветувањата кон граѓаните ги исполнивме и ги исполнуваме, и што го заштитивме и подобривме животниот стандард, а останавме притоа фокусирани на европскиот пат и извојуваме уште еден државнички успех, почеток на преговори со ЕУ.

На почетокот на мојот мандат направивме историски исчекор и застанавме на страната на работниците со тоа што ја дефиниравме минималната плата на тогашни минимум 18.000 денари, со методологија за раст која се покажа за правилна одлука. И оваа придобивка ја почувствуваа многу семејства во земјата. Денес минималната плата е 20.175 денари, наредната година ќе продолжи да расте, затоа што решението е системско.

Просечната плата ветивме дека ќе е 500 евра, и не само што го исполнивме тоа ветување, туку и го надминавме. Просечната плата е 630 евра, и ќе расте. Повторно затоа што системски е решено прашањето.

Пензиите исто системски ги решивме, а пензионерите ги заштитивме и покажавме почит кон нив, затоа што тоа и го заслужуваат. Во неизборна година ја донесовме методологијата за раст на пензиите и тој проблем е веќе решен, и нема да зависи од волјата на ниту една Влада, и пензионерите веќе нема да се користат во предизборни цели.

Енергетската трансформација на земјата започна во мојот мандат и за тоа сум исклучително задоволен како се развива. А овој сегмент апсолутно ќе продолжи да се развива, енергија од обновливи извори ќе ни донесе и финансиски и еколошки придобивки.

И крајно, а многу важно за иднината на земјата, конечно по 17 години чекање, преку мудри одлуки, дијалог и дипломатија, Северна Македонија отпочна преговори со ЕУ и тоа со заштитен и потврден македонски јазик и идентитет и го почна и успешно го заврши скринингот. Ова е само доказ дека кога се сака, и кога се работи, успехот е неизбежен.

И затоа сум горд на постигнатото, и особено сум горд што имаме висок процент на реализација на програмата. Затоа сметам дека можеме и ќе направиме уште повеќе и уште подобро. Кога се работи напорно, нема недостижна цел.

И од таа позиција, а во одговор на вториот дел од вашето прашање, можам да посочам дека сите овие политики кои носат позитивни резултати ќе ги продолжам и во следниот мандат. Фокусот на подобрени економски показатели, подобри работни места, повисоки плати, социјална заштита и фокусирана поддршка на најранливите, како и поддршката на земјоделците и стопанството, но и енергетската трансформација ќе е основата на програмата и политиките на СДСМ.

Воедно сметам дека она на кое треба да посветиме дополнително внимание е борбата со корупцијата и тоа ќе биде посебен фокус во наредниот мандат. Реформи на правосудниот систем со цел зголемување на ефикасноста, транспарентноста и отчетноста во тој сегмент, ќе е важен приоритет. Тука е планирана соработка со граѓанските организации и различни целни групи, со цел да обезбедиме широк општествен консензус по ова прашање, но и да се осигуриме дека имплементацијата на тие политики ќе е брза и ефикасна.

Интензивно ја подготвуваме победничката програма која како и досега ќе вклучува одржливи и реални програмски решенија кои системски ќе ги решаваат предизвиците со кои се среќава нашето општество и државата. Тој процес е во тек, а конкретните програмски решенија и политики СДСМ ќе ги даде наскоро. Јас се надевам ќе имаме можност да се навратиме на ова прашање и да влеземе во детали за тоа што ќе значат политиките на СДСМ за граѓаните и кои се придобивките кои ги носат.

ЦИВИЛ МЕДИА: Господине Ковачевски, кој ќе биде идниот премиер на Република Северна Македонија? И… Кој ќе биде идниот Претседател на државата?

КОВАЧЕВСКИ: Идниот претседател на државата ќе биде претседателот предложен од СДСМ и коалицијата.

На парламентарните избори, пак, победник ќе биде проевропската коалиција која ја предводи СДСМ, а јас ќе сум повторно премиер и ќе ја составам наредната проевропска Влада. Тоа ќе биде Владата која ќе го обезбеди членството на Северна Македонија на Европската Унија. Тоа е моето ветување.

Џабир Дерала (ЦивилМедиа)

Најново