Граѓанските организации организираа уште еден впечатлива и гласен јавен настан по повод 8 Март, Меѓунродниот ден на борбата за правата на жената.
Во првите редови на маршот „Не сакаме ружи…“ беа и членовите на Хелсиншкиот комитет за човекови права заедно со извршната директорка Уранија Пировска.
Во ова интервју за Рацин.мк Пировска ги толкува ставовите од маршот кои во суштина порачуваат дека не е време за симболични гестови и излитени фрази и дека живееме во нехуман и неодржлив систем базиран на системско силеџиство што ни ги окупира животите и ни ги ограничува одлуките и можностите, сегашноста и иднината и дека во кризи, товарот паѓа на жената.
Но, Уранија Пировска вели „нема откажување, ќе ги преплавуваме обвинителствата со кривични пријави за заштита на човековите права“ и „нема да престанеме да ги кажуваме работите што не сакаат да ги слушнат“.
Пировска говори и за состојбата во граѓанскиот сектор и вели дека е дојдено „време е да се преброиме“ за да не се случи маргинализација на граѓанскиот активизам.
Со Уранија Пировска разговараше Зоран Бојаровски
Рацин.мк: Ви благодарам за можноста да го снимиме ова интервју. Тоа е дел од серијалот „Имаме неколку прашања за вас“. За Хелсиншки и за вас можеби ќе бидат повеќе од неколку, но вреди да се разговара за овие теми кои се предвидени.
Во најавата за настанот во кој сте вие вклучени како организатори за 8 март јавноста се соочи со прилично остри оценки за состојбата со правата на жените, со еден широк спектар на нивните права кои се прилично, според вашата оценка, на многу ниско ниво и тонот на кој повикувате на женскиот марш оваа година, е исто така, прилично остар.
На што е тоа резултат?
Пировска: Повеќе е своевиден крик против тривијализирањето на денот, затоа што низ годините како да се заборави како, всушност, започна да се слави 8 март. 8 Март се слави заради женското работничко движење, заради постигнување на класна и економска рамноправност на жените, заради нивното право на глас.
Години наназада нисе сѐ повеќе се соочуваме со една реторика којашто е резултат на националистичките движења, на антиродовите движења, коишто само ги потенциираат стереотипите за улогата на жената. Се зборува за нејзината улога како мајка, сѐ повеќе денот наместо да се нарекува „Ден на жената“, голем дел од луѓето го нарекуваат „Ден на мајката“. Со тоа ние идентитетски се губиме, затоа што ова е ден на сите жени. Ова е денот кога ние треба да потсетиме дека тој ден започнал да се одбележува заради борбата на жените. Да бидат еднакви со мажите.
Ние особено потенцираме дека ние зборуваме за сите жени, па и за оние со поинаква сексуална ориентација и транс жените.
Пораката е остра и бидејќи како да се заборава дека многу жени живеат на маргините, се сочувааат со навистина високо ниво на сиромаштија. Немаат основна здравствена заштита. Нивниот труд е експлоатиран. Тие се експлоатирани во рамките на домаќинството.
Сето тоа како да се заборава и ние од тие причини секоја година маршираме, не славиме. Ние потсетуваме, и потсетуваме и оваа година особено како започна женската борба. Дека таа борба фактички беше женска работничка борба.
Наспроти општеството и реакцијата на односот на општеството кон жената, што е тоа што е зад повикот „дајте ни повеќе права, наместо рози и други подароци“ и дали тоа произлегува од односот на општеството и каков е одзивот од другата страна?
Ние во изминатиот период се соочивме со неможноста на социјалдемократите со неможноста да се донесе еден многу важан закон, законот за родова еднаквост. Од тоа е и нашето големо разочарување, бидејќи тогашната власт остро ќе се спротивстави на притисоците и од црквата и од другите антиродови движења. Но, сѐ сведе на една калкулација „се наоѓаме пред избори, не можеме да ризикуваме да излеземе со ваков закон“.
Тоа прашање е веќе затворено. Никој повеќе не разговара за тоа прашање.
Секако дека ние не очекуваме дека нешто ќе се случи во периодот кога ВМРО е на власт, имајќи предвид какво е нашето досегашно искуство со оваа партија што е дел од нивната десничарска идеологија. Иако, знаете, многумина и не сакаа отворено да зборуваат зошто, вусшност се против законот за родова еднаквост. Имаше една поделеност во јавноста, па ако сакате и во граѓанскиот сектор со оглед на фактор што законот ги уредуваше и правата на трансродовите луѓе, а тоа беше и главната причина поради која што партиите тогаш на власт, не се одлучија и попуштија на црквата на анти-родовите движења и се повлекоа од донесување на законот.
Ние сметаме дека жение сѐ уште не ги ползуваат еднакво правата, како и мажите во ова општество.
Ние имаме статистики коишто говорат дека 60% или повеќе жени работат во јавната администрација, што значи дека жените ја носат на своите плеќи државната администрација, односно сервисот на граѓаните. Но ако малку повеќе навлезете во тие статистики ќе висите дека жените се многу помалку застапени на високите работни позиции и со тоа имаат многу помали примања.
На крајот на краиштата доволно е да видиме колку жени министерки има во сегашната влада и колку жени градоначалнички има.
Ние правиме секога неколку чекори напред за после тоа, поради дневно политички договарања, заради дневно политичко кокетирање со јавноста, со популизам, се враќаме назад.
Ние бевме многу среќни кога после борбата против режимот, во 2017 беше ратификувана Истанбулската конвенција и почнавме забрзано да се движиме напред по однос на политиките за да сега, односно на крајот на владеењето на социјалдемократите да не може да се донесе закон за родова еднаквост. Зборуваме за цивилизциска придобивка.
До каде е сега таа постапка?
Нема постапка, не се разговара за тој закон веќе.
Дали имавте комуникација досега со актуелната Влада за ова прашање?
Не. Немавме. Знаете, и ние, во целата борба, не станува збор само за овие права, туку генерално борбата за човекови права, веќе почнуваме да размислуваме, да зацртуваме цели коишто можеме да ги исполниме научени од претходното искуство.
Научивме корисни лекции како треба да се однесуваме според соодносост на силите.
Ние зборуваме сега за еден мошне ослабен граѓански сектор. Сектор којшто во некои времиња се нарекуваше четврта власт. Сектор којшто диктираше одредени трендови.

Нема откажување, ќе ги преплавуваме обвинителствата со кривични пријави
Сакам ова да се навратиме малку подоцна, а до тогаш да се задржиме на овие прашања. Пред една недела излезе Манифест на Платформата за родова еднаквост. Кога го читав тој манифест имав чувство дека му се обраќа на општеството, но тој се однесува и на граѓанските организации и на коалицијата кои прашањата што ги засегаат треба да ги држат високот на агендата. Со полна енергија како што беше порано. Дали тој манифест е повик за будење?
Повеќе е повик за потсетување кои се нашите принципи и вредности. Ние таа платформа сме ја основале и за да бидеме дел од неа треба да имаме заеднички ставови и заеднички вредности на крајот од краиштата. Беше постетување за тоа за што, всушност, ние се залагаме во таа борба.
Секој оној којшто не се согласува со манифестот, всушност и не треба да биде дел од таа платформа.
Има ли такви во коалицијата?
Па, да. Како што ви кажав, законот за родова еднаквост, поради третирањето родот, на начинот на којшто е третиран во законот, направи одредена поделеност во граѓанскиот сектор и време беше да се преброиме. Кој за какви вредности за залага. Затоа што една платформа може да биде јака платформа само доколку нејзините членки се солидарни и се залагаат за исти принципи и вредности.
Да одиме сега чекор понатаму за статусот на жената, за проблемите со кои се соочува. Сѐ уште сме сведоци дека во јавниот дискурс, во јавната сфера, да не зборувам за медиумите, каде што жената е сѐ уште цел на сериозни напади, На напади кои се далеку од тоа да бидат пристојни, туку се, напротив, екстремни, дури и насилнички. Ги разбирам реакциите и на Хелсиншки, на платформата за родова еднаквост и на останатите организации, но што е тоа поради што и понатаму се соочуваме со овие ситуации? Понекогаш велат социјалните мрежи се виновни. Дали е само тоа во прашање?
Не е само тоа. Ние немаме санкции. Несанкционирањето на говорот на омраза не доведува до тоа тој само да се охрабрува. Луѓето знаат дека никој нема да биде казнет и си продолжуваат. Ние имаме дузина кривични пријави поднесено против луѓе коишто се многу добро познати во јавноста и коишто постојано шират говор на омраза и родово базиран говор на омраза. Но, нема ефект. Најчесто тие статуси, коишто ги содржат сите елементи на говор на омраза се пласираат на Фејсбук, на Инстаграм…
Во долгогодишната расправа со обвинителството зошто голем дел од нашите кривични пријави не се прифаќаат, ни се дава објаснување дека тие не добиваат соодветна потврда за идентитетот на корисникот на Фејсбук. Односно Фејсбук не им одговара дали навистина идентитетот на профилот е тој што шири говор на омраза. За мене тоа не е образложение. Ние 15 години се соочуваме со говор на омраза кај којшто има и повици за насилство. При тоа луѓето којшто го шират говорот на омраза имаат широк дијапазаон на луѓе што ги следат. Тоа е многу важно. Зашто ако мене ме следат 5,6 до 10 луѓе, и ако ширам говор на омраза, можеби, тоа и не е толку опасно. Но, ако станува збор за човек којшто има 10.000 следбеници и во нивните коментари се реди уште пострашен родово базиран говор на омраза, се повикува на насилство, на силување… тоа станува веќе многу сериозно.
Имаше една интервенција во кривичниот законик кој се однесуваше на овие појави кон новинарите и се дохде до решение дека тие претапи ќе се третираат како напади врз службено лице и дека ќе бидат санкционирани.
Да, точно, но јас не сум слушнала дека има некаков исход или постапка…
Последен случај е нападот врз новинарките на Истражувачката лабораторија и треба да видиме дали ќе има некаков исход…
Ние сме во комуникација со нив. Не само што излеговме со реакција, туку и им понудивме и да им спремиме крична пријава. Ние нема да се откажеме, постоајно поднесуваме кривични пријави, но, како што виб реков, луѓето знаат дека никој нема да биде казнет. И повторно доаѓаме до тоа дека Македонија е земја каде што владее неказнивоста и поради тоа не можеме да се справиме со говорот на омраза и со другите кривични дела за коишто сме секојдневно сведоци.
Тоа ли е вашата порака нема откажување?
Апсолутно ние нема да се откажеме, ние постојано ќе го преплавуваме обвинителството со нашите кривични пријави, но навистина една од органите на прогонот да произлезе една решителна акција дека ќе се справат со овој вид на криминал, затоа што говорот на омраза неслучајно особено е во фокусот па и на судото за човекови права во Стразбур.
Тој говор произведува насилство, тој говор произведува инциденти и кривични дела од омраза. Ако се сеќавата пред да го нападнат нашиот ЛГБТ центар во старата скопска чаршија на една платформа на социјалните мрежи се повикуваше на насилство, на собир, па на одење… Беше пријавено навремено од наша страна до МВР и ништо не се случи. Беше полиција на лице место и сепак ние бевме нападнати и центарот беше уништен, сакам да кажам дека тие што го шират тој говор на омраза, точно знаат кој ефект ќе го произведат.

Време е да се преброиме во граѓанскиот сектор
Ве загрижува ли оваа појава која е поврзана на глобално ниво, пак е поврзана со социјалните мрежи, на пример особено за предизборната кампања и откако Трамп дојде на претседателската позиција во САД – заштитните механизми против говор на омраза на ФБ на Твитер, беа симнати, повлечени. Ве загрижува ли тоа?
Не ме загрижува посебно, затоа што јас не мислам дека нашите граѓаните беа и претходно загрижени. Се гледа од количеството на омраза кое се шири секојдневно, особено кога станува збор за жените кои се јавни личности или жените кои недајбоже ќе се дрзнат да кажат нешто за општествените работи или за политика и гледате што се случува во политичкиот живот.
Голем дел од жените не се охрабруваат да влезат во политика или да станат релевантни опшстествени чинители од причина што знаат дека многу е можно да го навлечат на себе гневот на јавноста, кој се должи на самиот факт дека една жена се одлучила да направи нешто против стереотипите и предрасудите кои владејат во ова наше опшстество.
Имате ли вие некаква визија тука во Хелсиншки комитет кога разговарате меѓу вас за овие прашања? Што е потребно овој да го наречам „маскулински“ свет, светот на мажите, да се соочи со тоа дека едноставно мора да ја прифати таа ситуација дека има рамноправни партнери, кога можеме да очекуваме дека ќе се случи некој пресврт?
Знаете голем дел од мажите во ова опшстевство би ви рекле, “не, жените се сега многу помоќни, кои права не ги ползуваат?“ Дури и жени ме имаат прашано ма што ќе ви феминизмот? Жените ги имаат сите права во ова опшстество.
Знаете, тие прашања вообичаено доаѓаат од жени кои имаат висок статус во ова опшстество и кои, ама појма немаат како живее обичната жена, жената работничка. А инаку ние кога разговараме за овие прашања, секако дека се сведува на тоа што прават оние кои одлучуваат за нашите права.
Ние никогаш нема да престанеме со таа борба, ние ќе организираме активности, кампањи, ќе протестираме, маршираме, гласно ќе говориме и ќе ги разбиваме табуата со тоа што ќе ги кажуваме во очи работите што не сакаат да ги слушнат. Но, на крајот се сведува на политики. Политиките се тие кои ни овозможуваат да живееме, да ползуваме, да произведуваме да егзистираме во ова општество.
Кај нас било кој политичар да го прашате ќе ви каже дека се залага за родова еднаквост, било кој од политичарите. Дали сте виделе некој од политичарите да излезе да речеме кога одбележуваме 16 дена активизам и да не ви каже силни реченици за тоа колку се залага за родова еднаквост, за тоа колку се важни жените во ова општество. Но, тоа не е доволно. Тоа треба да биде преточено во политика.
Каква е сега ситуацијата со поддршката што доаѓаше од странските фондови, фондации итн. Сега имаме еден „удар“ со тоа што е запрена финансиската поддршка што доаѓаше од УСАИД, Америка. Се прегрупира ли граѓанскиот сектор?
Веќе ја добивме ние онаа терминална порака дека нема да бидат вратени оние фондови кои ни беа дадени на користење. Голем дел од организациите кои престанаа да работат, што е многу тажно и тоа организации кои беа многу активни кога станува збор за ЛГБТ правата, правата на трансродовите луѓе.
Ете и ние бевме принудени да го затвориме нашиот Шелтер, сигурната куќа за ЛГБТ луѓе жртви на насилство. И тоа навистина произведе еден многу лош ефект и секако дека влијае обесхрабрувачки кога станува збор за овозможувачка средина за функционирање на граѓанските организации.
Меѓутоа секако дека ние сме живееле во лоши времиња и повторно ќе кажам сме научиле некакви лекции. Ние нема да се откажеме од тие теми, тоа нема никако да се случи, но, секако дека мора сега пред сѐ и над сѐ да се прегрупираме и да почнеме да бараме нови донатори. Ние никогаш и не сме зависеле од државна помош. Ние никогаш не сме имале финансиска поддршка од страна на државата освен за тие лиценцирани сервиси кои сме ги давале, како на пример – оние со нашата сигурна куќа. Странската помош била таа со која секогаш сме живееле и егзистирале.
Јас се надевам дека Европа ќе даде соодветен одговор на ова и дека со свои фондови на некој начин ќе ни овозможи понатаму активно да работиме на овие теми заради тоа што сепак ние зборуваме за маргинализирана заедница која што спасот го гледаше во нас – граѓанските организации кои постојат за да им го пружат сервисот кој им е потребен.
Е сега, во моментов ние можеби нема да можеме да им даваме Шелтер, но затоа ќе бидеме тука за психо-социјална поддршка, за интервентна помош, ако недајбоже некој треба да се засолни, да му се плати кирија, сѐ уште го имаме Комитет – нашиот центар каде што се случуваат најголемиот дел од настаните поврзани со овие теми.
Но, граѓанскиот сектор е многу ослабнат во смисла на тоа дека ова не е првата криза со која се соочува. Ова беше на некој начин капак на сето она што се случуваше, години наназад. Нас прво не погоди и пандемијата. Со пандемијата голем дел од фондовите бе аскратени за граѓанските организации. Потоа се случи војната во Украина, па голем дел од донаторите не известуваа дека тргаат настрана пари за безбедноста на земјите. Сето тоа се удира на фондовите наменети за граѓанските организации.
Меѓутоа мислам дека и после Шарената револуција се случи одредено осипување на граѓански активисти, многу од граѓанските активисти прејдоа да работат во Владата. Така што, ние сега се соочуваме со се помал број на организации кои што имаат доволно капацитети за да може да останат во ова време.
Ова време е многу лошо време за граѓанскиот сектор при што морам да нагласам дека се чуствува една апатија, немање ентузијазам, немање едностанвно, не постои веќе активизам. Секако дека не можеме да речеме дека тоа е резултат само на немањето на фондови иако во голем дел е, бидејќи сега ние мораме да бидеме потполно фокусирани на тоа како да егзистираме, да продолжиме да егзистираме. Но, мислам дека се должи и на еден вид на разочарување од тоа што следеше после Шарената револуција,од неисполнетите очекувања од таа власт што дојде после Шарената револуција.

Ние мораме да наоѓаме нови сојузници во нашата борба
Дали допреа до вас некакви сигнали, иако е тоа премногу оптимистичко да се очекува, дека државата бар да ве праша, како сте, што правите и што ние можеме да направиме?
Државата не не праша секако, не праша дипломатскиот кор како и секогаш. Амбасадите веднаш почнаа да ги скенираат нашите потреби – што се случува на терен.
Секако дека тоа е важно е заради тоа што граѓанскиот сектор е коректор на власта. Граѓанскиот сектор е секога тој кој треба да ја потсетува власта до каде може да оди во своето практикување на власта. И сега се соочуваме одеднаш еве со 4 организации кои не постојат. И тоа нема да престане.
Но, ние нема да се откажеме од темите за кои толку години работиме и морам да кажам постигнавме исклучителни резултати ако се има предвид дека ние одржавме 5 успешни паради, без инциденти. Но, дали може да замислите како тоа делува на луѓето на кои им ги даваме сервисите. Кога слушаат дека се затвораат организации кои служеле да им помогнат кога ќе им бидат прекршени нивните права. Некако имам чувство дека кога зборуваме за маргинализирани заедници дека некако и ние ќе влеземе во таа заедница и мислам дека се почнува да преовладува реториката на анти-родовите движења, на националистичките движења, што секако дека има врска и со она што се случува и во Америка и во Европа. Некако ми се чини дека и ние давајќи им помош на оние кои се маргинализирани и ние ќе станеме маргинализирани, имајќи ги предвид дека нашата влада ќе застане на исправната и на правата страна.
Како понатаму ќе тече оваа заложба, борба ваша да се преиначат овие ситуации за кои алармантно укажувате?
Ние мораме да наоѓаме други начини на кои што ќе успееме да егзистираме без да бидеме зависни секогаш од странска помош. Сѐ повеќе ќе треба да се работи на тоа што значи социјално претприемништво. Тоа го пробавме со нашиот социјален центар, Комитет и можеби тој сѐ уште не дава којзнае какви резултати, но очекуваме дека би можел во иднина да ни овозможи некаква стабилност.
Мора да почнеме да работиме малку повеќе надвор од Скопје, да наоѓаме организации кои го имаат капацитетот, идеолошки капацитет би рекла. Нас ни требаат истомисленици, за да можеме да опстанеме. Тој круг е многу смален. Ние мораме да наоѓаме нови сојузници во нашата борба затоа што човековите права исто така станаа маргинална тема. Не се зборува веќе за човековите права, човечкиот живот е малку ценет имајќи предвид што се случува во светот и оттука мораме да наоѓаме нови сојузи и нов начин како да ги заштитиме тие кои се најранливи бидејќи тие секогаш ќе бидат на удар особено во ваква ситуација во каква што сме денес.