„Алијанса за Албанците е дел од Влада, меѓутоа игра улога на опозиција во Владата и одлучивме пред 8-9 месеци по барање на повеќе релевантни фактори да оневозможиме 2023 година да се одржат парламентарни избори и да се даде се даде шанса на уставните промени т.е. започнувањето на преговори со ЕУ. Ние ризикувавме од нашиот кредибилитет и влеговме во една влада во којашто секојдневно имаше разни скандали. Денеска неспорно е дека имаме три министри и два заменици министри и одреден број на директори коишто се назначени од Алијанса за Албанците, на кои сме многу горди“, рече претседателот на Алијансата за Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, во утринската програма на „Слободен печат“.
Тој додаде дека АА покажува најдобри капацитети за коалицирање, кое го докажеле историски, односно 9 години од нивното постоење и се сметаат за една од попосакуваните партии со која би сакале да остварат соработка и други албански партии.
„Нашиот пат беше тежок, меѓутоа секогаш подготвени да ризикуваме од нашиот кредибилитет и рејтинг за да се случи нешто добро за земјата. Во 2017 година кога СДСМ имаше 49 пратеници, ние во тоа време имавме 3 пратеници и тогаш им кажавме на СДСМ пред да одлучи било кој плус од 49 имате 52. Во тоа време ДУИ имаше само 10 пратеници. Им кажавме зборувајте со ДУИ, ние сме тука“, потенцираше Таравари.
Тој додаде дека половина од режимот си заминал, во тоа време ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ биле режимот според Таравари и дека за жал втората половина од режимот останала и продолжила да владее.
„Во 2017 година јас бев министер за здравство и само 100 дена бевме во Влада, после тоа повторно заминавме во опозиција. 2019 година за НАТО бевме опозиција и тогаш не критикуваа дека не треба да се поддржат уставните измени, ние ги поддржавме. Сега повторно кога беше критична состојба, дали ќе има избори, кога ќе започнеме со преговори, бевме свесни дека за една година не можат многу работи да се сменат“, посочи Таравари.
Тој заклучи дека преку трите министри дале пример како министрите треба да дадат се од себе.
„Сега сме на една раскрсница кога треба да одлучиме како понатаму, пред се за нас е битна партијата, меѓутоа ни е битно во кој правец ќе се движи државата. Не би прифатиле по никоја цена и по никоја бројка да бидеме во погрешен пат. Мене ова ме потсетува на 2008 година Букурешт. Се вративме од Букурешт, имавме шанса Македонија само за надворешна употреба да биде Северна Македонија. Се вративме од Букурешт и одиме на избори и веднаш ќе го решиме проблемот и ни треба 11 години да се приклучиме на НАТО“, рече претседателот на Алијансата за Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, во утринската програма на „Слободен печат“.
Тој додаде дека сега се случува истото, повторно се оди на избори и сите велат дека ќе се реши проблемот следната година, меѓутоа сите знаеле дека ќе биде скоро невозможна мисија, избори во европски парламент јуни 2024, во Бугарија ќе има вонредни парламентарни избори најверојатно, а ќе има избори и во САД.
„Тежок момент за тешка меѓутоа и битна одлука и за нашата партија и за државата“, потенцираше Таравари.
„Членството на Алијанса за Албанците е најопозициското и антиДУИ членство. Опозициските албански партии коишто се сега, сите се деривати на ДУИ. Меѓутоа, ако ги анализирате сите три партии, понекогаш биле членови или функционери на ДУИ на високи позиции“, рече Таравари.
Тој додаде дека 70 отсто од членството на АА, 21 година се борело со ДУИ за да дојде до смена во албанскиот блок и АА да донесе промени.
„Меѓутоа, ние не влеговме во власта ад хок, ги поминавме сите ограноци на Алијанса и објаснивме што е целта, кои се препораките до нас, што сакаме да постигнеме и на крај организиравме политичка партија на внатрешен референдум во партијата“, потенцираше Таравари.
Тој додаде дека тогаш тој имал дилеми дали да се влезе во влада, но членството сакало да влезе во владата.
„Затоа постојат претседатели на партии, некогаш може да згрешат, меѓутоа и да сносат одговорност, меѓутоа повеќе да мислиме за нашите деца и државата отколку за самите себе и нашите кадри“, истакна Таравари.
ВМРО-ДПМНЕ и Левица го поларизираат општеството со нивните радикални ставови. ВМРО декларативно кажува дека е за европска Македонија, дека биле првите кои го промовирале тоа во деведесеттите, меѓутоа практично на терен не остава таков впечаток. ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да биде пречка за понатамошно вклучување на Македонија во ЕУ“, смета Таравари.
Тој смета дека ако одат со СДСМ во коалиција и ДУИ и другите албански партии можат само да и штетат на СДСМ.
„СДСМ треба да си собере сите проевропски македонски партии и да си направи кампања. Ние албанските партии треба да смислиме опција како помалку блокови да имаме или една заедничка што е невозможна мисија, најмногу два. Алијанса е одлучувачки фактор во моментот. Ако оди Алијанса со ДУИ најверојатно ќе има 4/5 од вкупниот број на албански пратеници. Ако оди со опозицијата ќе има над половина, ќе се случи промена во албанскиот блок и за првпат ДУИ ќе биде победена. Ако оди АА сама, со одредени помали албански партии, тогаш ДУИ повторно ќе победи и тогаш ќе имаме три блока, што не е добро“, заклучи претседателот на АА.