Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Таравари: Единствен интерес на Рама и Курти е Македонија да се одржи на европскиот пат

Запрашан за влијанието на косовките и албанските политичари на политичките процеси во Македонија, претседателскиот кандидат Арбен Таравари во интервју за Слободен печат истакна дека од средбите со Еди Рама и Албин Курти добил уверување дека тие сакаат да ја видат нашата држава на европскиот пат.

„Сум имал неколку средби и со Еди Рама и со Албин Курти и нивниот единствен интерес е да се одржи европскиот пат на Македонија, ништо друго. Нивното инсистирање е да не се влегува во Влада ако не се осигура европскиот пат на државата и секако да се намалат влијанијата од Русија и Србија. И ако имало некакво инсистирање од нивна страна тоа било за одржување на европскиот пат. Тоа е она што е добро за Македонија. Не знам дали постои друг пат, друга алтернатива за Македонија освен да одиме онаму каде што луѓето секојдневно ни бегаат. Ние не може да бараме друг пат, а сите наши луѓе, наши деца, наши роднини да бегаат за Европа“, рече Таравари.

Таравари додаде дека патот на Македонија е тој и немало никакво инсистирање или мешање на Курти и Рама во процесите во Македонија.

Таравари рече дека потребните потписи за кандидатурата ги собрал во релативно брз временски период, додавајќи дека меѓу потпишаните имало луѓе од сите етнички заедници.

Зборувајќи за условите на неговата партија за идно коалицирање во следната влада, Таравари рече дека примарен услов е внесувањето на Бугарите и другите етнички заедници во Уставот.

„Сега имаме три услови, од нив два се стари услови, едниот е бугарското малцинство и другите малцинства да се вметнат во Уставот, што е услов да бидеме дел од ЕУ, втор ни е формулацијата „20%“ и мислам дека сите албански партии се за тоа и трет е идниот претседател нека се избере од Собрание како што беше избран првиот претседател на Македонија, господинот Киро Глигоров. Ако се сеќавате Глигоров беше избран од Парламентот и ги имаше истите ингеренции како сегашниот претседател. Или да размислиме евентуално за повеќе ингеренции на претседателот, па да одиме на избори. Мислам дека претседателот во Македонија има слични ингеренции како што има претседателот во Грција, во Албанија, во Косово, во други држави кои се слични парламентарни демократии и таму се избира директно во Парламентот. Зошто ние би правеле трошок од пет, 10, 15 милиони евра за претседателски избори, кога можеме да го избереме заеднички во Собрание?“, посочи тој.

Таравари, сепак ретерираше и кажа дека ова барање повеќе треба да се гледа како предлог отколку како услов.

„Но, ова не е условување дека еве вака мора да биде, туку еве отвораме дебата во општеството. Македонските партии афективно реагираат, реагираат емоционално без да влезат во подлабока анализа на овој предлог. Ајде ова да го дискутираме во кампања, ако е добро зошто да не го примениме, ако е лошо ќе го отфрлиме“, рече Таравари.

„Со Зијадин Села не сум се видел неколку недели, но со задоволство би се видел веднаш после изборите, бидејќи не сме имале некое големо недоразбирање, тој мислеше дека треба да одиме сами, јас мислев дека треба да се обидеме со опозицијата да ја донесеме промената кај Албанците“, порача Таравари.

Запрашан за иднината на партијата, Таравари рече дека ќе се чека одлуката на надлежниот суд и дека без разлика каква таа ќе биде, тоа ќе биде испочитувано.

„Имаше една фракција која многу се доближи до ДУИ и тоа е неспорно. Аргументите кон судот се дадени и од наша и од нивна страна, па судот нека одлучи, ние таа одлука ќе ја прифатиме. Кога почна целата оваа работа, јас инсистирав кај одредени членови на Централното претседателство, 17 се од наша страна, 11 се од друга страна и во Централното собрание имаме повеќе од 50% и инсистирав да им го дадеме печатот и да не продолжуваме со овие драми кои се случуваа претходно и во БЕСА со Алтернатива, но огромниот дел од ЦП и ЦС инсистираа дека партијата е на членовите и затоа ќе ја чекаме одлуката на Судот“, појасни Таравари.

Зачлени се на нашиот е-билтен