Во духот на новогодишните празници ви ja претставуваме новата колекција на честитки на архитектката Тијана Стојковска. Честитките претставуваат илустрации кои се инспирирани од македонската архитектура каде објектите се поставени во зимски амбиент.
Ова е продолжување на низата на илустрации која Стојковска ги изработува повеќе години наназад, секогаш одново откривајќи ги вредностите на домашното градителско наследство со поставување на објектите во фантастични пејсажи. Авторката вели дека преку овие честитки сака да го пренесе духот и топлината на празничната атмосфера, магијата на зимскиот амбиент, вредноста на заедништвото и топлата прегратка, убавината на споделување радости со блиските луѓе.
Трн: Како објектите од брутализам и модерната архитектура влијаат врз твоите дизајни на честитки за новата година?
Тијана: Тие се почетната точка во создавањето на празнична приказна. Главна причина зошто почнав воопшто да креирам честитки, за да можат луѓето да се поврзат со одредени објекти и места врз база на меморија, спомени, носталгија, а од друга страна да создадам топла празнична атмосфера што ќе поттикне позитивно поистоветување и навраќање кон тие спомени, и желба за споделување на убавите емоции со други луѓе преку пораки на честитките.
Трн: Кои сѐ објекти ти биле досега предмет на интерес ?
Тијана: Па дефинитивно брутализмот најмногу, мислам дека е и најзастапен во сите дела што ги имам до сега не само кај честитките, меѓутоа би сакала малку да истражам и од традиционалната и еклектична архитектура во Македонија, сметам дека има доста интересни примери што заслужуваат малку повеќе вреднување и внимание.
Трн: Што мислиш за културата на пишување честитки за нова година? Праќаат ли луѓето сѐ уште честитки?
Тијана: Мислам дека новогодишните честитки, па воедно и сите честитки за роденден, за било која убава прилика се важни за споделување позитивни мисли и желби за луѓето што ни се блиски. И многу ми е мило што последниве години забележувам дека се враќа интересот за пишување и испраќање честитки како едно носталгично навраќање кон некои поедноставни времиња. Можеби е чудно, бидејќи живееме во дигитално доба и развиена технологија, но кај нас сеуште постои вреднување на старите едноставни начини.
Трн: Дали си задоволна од продажбата на честитките?
Тијана: Да сум, веќе трета година дизајнирам новогодишни честитки инспирирани од македонската архитектура, и секогаш сум изненадена од позитивниот feedback и од интересот на луѓето, посебно што има заинтересирани луѓе од сите возрасни групи и професии. Но најмногу ме исполнува радоста на луѓето кога ќе им ги доставам и нетрпеливоста да си ги напишат и да ги испратат на своите блиски не само во Македонија, туку и ширум светот.
Трн: Кои аспекти од овие архитектонски стилови ти претставуваат најголема инспирација при креирањето на твоите честитки?
Тијана: Експресивното надворешно обликување на објектите ми е главен фокус во делата, воедно и најголема инспирација.
Трн: Кои елементи или дизајнерски детали ги вклучуваш во твоите честитки, што ги прават уникатни и впечатливи?
Тијана: Можеби најмногу внимание обрнувам на атмосферата што сакам да ја создадам, најчесто носталгична, меланхонична или романтична, атмосфера што ќе побуди некои чувства, а мислам дека уникатното нешто што ги издвојува е главниот фокус на архитектурата, на објекти кои се неразделен дел од нашето секојдневие.
Трн: Како твојот архитектонски поглед се пренесува во дизајнерскиот свет и дали планираш да се потпишеш на некои други проекти во иднина?
Тијана: Мислам дека архитектонското знаење многу се одразува на начинот на кој се восприема околината, светот и се што не опкружува, вклучително и начинот на кој се создава уметност, илустрација, колаж, скулптура. Во моментот немам некои актуелни проекти, но имам планови за во блиска иднина, идеи што би сакала да ги реализирам и потенцијални соработки за кои би ми било ептен задоволство да ги остварам.
Трн: Какви емоции или пораки сакате да пренесете преку твојот дизајн на честитки, користејќи ги аспектите на модерна архитектура?
Тијана: Духот и топлината на празничната атмосфера, магијата на зимскиот амбиент, вредноста на заедништвото и топлата прегратка, убавината на споделување радости со блиските луѓе.
Александра Тодоровиќ (Трн)