Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ВИДЕО Бојан Маричиќ за ЦИВИЛ МЕДИА: Национализмот е силна страна на слабите политички опции!

За целото време на извршување на функцијата вицепремиер за европски прашања, Бојан Маричиќ, нашата земја секој ден се соочува со безброј предизвици. Регионот и светот живеат со целосно нова динамика, различна од онаа со која неговите колеги во земјите кандидати за членство во ЕУ. Во делокругот на работата на вицепремиерот Маричиќ денес се жестоките кризи со кои се соочува светот. Тоа е, во прв ред, руската агресија против Украина и хибридната војна против Западот, економските и енергетските кризи кои произлегуваат од таа војна, но и од други тектонски поместувања во овој мултиполарен свет.

Маричиќ е една од централните политички фигури во земјава во чија агенда е процесот на евроинтеграциите и низа други прашања поврзани со општествено политичките процеси во Европа.

Затоа, редакцијата при медиумската платформа на ЦИВИЛ реши да направи интервју со вицепремиерот Маричиќ на теми кои не се дневнополитички, туку стратешки и сеопфатни. Одговорите што во ова интервју ги дава тој, ќе бидат референтна точка за оваа фаза од евроинтеграцискиот процес, како и сведоштво за најжестоките предизвици за нашата земја како што се дезинформациите, руското малигно влијание и национализмот.

Навистина, невозможно е да се одвојат посебно важни делови од оваа интервју, бидејќи одговорите што ги дава нашиот соговорник се збиени и преполни со содржина. Ова интервју е важно да се прочита, но и да се зачува како документ за еден од најважните периоди низ кои минува македонското општество.

ЏАБИР ДЕРАЛА / ЦИВИЛ МЕДИА: Дезинформациите и пропагандата се дел од дејствувањето на антизападните ентитети во и надвор од земјата. Како ја оценувате ситуацијата во овој контекст? На кој начин дезинформациските кампањи од илибералните (антидемократски) центри на моќта во странство, во прв ред Кремљ, влијаат врз евроинтеграциските процеси на Северна Македонија? 

БОЈАН МАРИЧИЌ: Ситуацијата треба и мора да се оцени како сложена, бидејќи борбата со дезинформациите и со говорот на омраза како најмалигни појави во борбата за демократско општество е постојана и секојдневна.

Значи, таа не се случува ниту еден ден, ниту еден месец, тука таа е постојана и секојдневна, согласно со случувањата и во светот и во државата. Ние, како Северна Македонија и како една од поновите членки на НАТО, и како држава кандидатка за членство во Европската унија, сме постојана мета на малигните напади на дезинформациите, говорот на омраза, национализмот, и сè она што има цел да ја наруши довербата на граѓаните во ЕУ како идеја и како концепт, да ја поткопа вербата на граѓаните во демократијата како идеологија и како систем, и да ја зголеми недовербата на граѓаните генерално кон системот.

Ние не смееме да заборавиме колку време беше нашава држава мета на дезинформативни напади поврзани со безбедноста на училиштата на пример. Не смееме да заборавиме колку време бевме под жестока малигна кампања мотивирана и иницирана од Кремљ, а одиграна од домашните политички играчи поврзани со идеологијата на Кремљ, поврзана со францускиот предлог. Со месеци лажеше Левица и ВМРО-ДПМНЕ како, ете, сега и докажани коалициони партнери, дека тоа е предлог што ќе го збрише нашиот идентитет, дека ќе го загрози. Имаше јавни судења на високи владини функционери, имаше една жестока кампања дека нашиот јазик ќе исчезне итн.

Сите тие, со текот на времето, пукаат како меур од сапуница, меѓутоа, прават огромна штета.

Затоа, треба да ги препознаваме на време, да се занимаваме со нив, и институционално и политички, што мислам дека е подеднакво важно, бидејќи институционалното справување со дезинформациите и со говорот на омраза е една работа и е многу важно за секој граѓанин. Исто така, за секој граѓанин е важно, политички да се справиме и да им се спротивставиме на концептот на дезинформации и говор на омраза, затоа што антидемократските и антизападните политички сили не се воздржуваат од тоа да ги користат и говорот на омраза и дезинформациите како нивно политички средство.

Се соочуваме со пад на поддршката за членство во Европска Унија, иако тоа се ублажува и полека се враќаме на вистинските патеки. Тоа е директен производ на дезинформациите и лажните вести. Кризните години и кризните подрачја се многу погодно тло за ширење дезинформации и говор на омраза. Да не заборавиме, ние во изминатите три години имавме кризи, една врз друга, кои оставија енормни последици врз општеството, граѓаните,  јавните политики и институциите.

Сакате на Ковид кризата да се сетиме? Со вакцините, какви дезинформации имавме? Генерално, околу Ковид пандемијата, и околу самата болест.

Руската агресија врз Украина исто така беше производ и извор на дезинформации, што ден денес ги користат проруските политички фигури, и проруските медиуми кај нас. Енергетската и економската криза кои произлегуваат од руската агресија врз Украина. Во овие кризни години се соочивме со навистина сериозни напади во оваа смисла.

Имаме направено многу, но не е доволно. Секако можеме да направиме многу повеќе и треба да направиме, доколку сакаме да го задржиме концептот на мултиетничко, демократско, проевропско општество.

ЦИВИЛ МЕДИА: Каков вид поддршка добиваме од нашите партнери и пријателски држави? 

МАРИЧИЌ: Тоа е глобална битка. И затоа е нормално и логично да имаме и помош. Но, пред сè, треба да се базираме на иницијативата на нашите институции. Знаеме дека има добар сајбер тим во МВР, има добра екипа и во другите институции во владата, која работеше на ова многу долго, за да воспоставиме некаков внатрешен систем за препознавање и борба со појавата на дезинформациите и говорот на омраза. Мислам дека е клучно тоа да се напомене.

Имаме и наша стратегија за борба против хибридните закани, што треба да се потенцира, за период од 2021 до 2025 година, и се спроведува со одредена динамика и акциски план.

Исто така, како членка на НАТО, ние сме дел од системите на НАТО за заштита и стратешка комуникација, и тоа многу ни значи.

Во извештајот од Европска Комисија, наведено е дека правиме значителни напори во оваа област и нормално е дека има уште многу што да се направи.

Најважно е, во конкретните ситуации, кога се соочуваме со такви напади – како што се случаите со повеќемесечните закани со бомби во училиштата и со кои успешно се справивме, а што не беше едноставно, со сите серии на дезинформации за францускиот предлог, за руската агресија врз Украина, за Ковидот и вакцините, сајбер напади врз конкретни институции кои имаат голем број податоци и заробување на дел од тие податоци – со сето тоа се справуваме со заеднички напори на нашите НАТО партнери и партнерите од ЕУ. Затоа е битно, во овој дел, да се задржи таа димензија на соработка, бидејќи ова е глобален проблем и проблем на сите демократски држави, кои веруваат во демократијата и се борат за неа.

ЦИВИЛ МЕДИА: Националистичките наративи, чиј пораст го гледаме веќе во овој период, особено во светлина на предизборието во кое влегуваме, се најчеста алатка која се злоупотребува во дезинформациските кампањи и другите облици на хибридни закани. Националистичките наративи се една од алатките. Како со нив да се справи општеството, зборувам за медиумите, граѓанските организации и другите кои се соочуваат со овие наративи на дневна основа, и кои се закануваат со подигање на тензии во земјата, во општеството, меѓу заедниците. Што е потребно за да се охрабрат за повеќе, и посистематски пристап да му дадат на овој предизвик?

МАРИЧИЌ: Ова е многу важно прашање и мислам дека тука имаат улога и државните институции, и образовните, и граѓанските организации. Исто како што имаме секојдневни кампањи, за чување на здравјето и проверување на здравјето, машко, женско… Исто како што имаме секојдневни кампањи за извесни принципи, вредности, како што се спречување и казнување на насилство врз жените, или врз децата…

Како што се промоција на родовата рамноправност, како што е која било од овие вредности поврзани со демократијата, така е подеднакво важно, на секој граѓанин да му биде обрнато вниманието кон тоа како да се одбрани од дезинформациите и од говорот на омраза, и како самиот да не учествува во тоа. Бидејќи граѓаните секој ден се мета на напади од дезинформации, голем дел и наседнуваат на тие дезинформации.

Тоа е подеднакво опасно, како било која од другите појави што ги споменав. Како родовата нееднаквост, како насилството, подеднакво се опасни овие работи. Да не се враќаме историски, во последниве десет години, какви одлуки донесоа демократски држави општество. Сакате Брегзит, сакате други примери преку океанот може да ги дискутирам. Особено за Брегзит, денес се гледа дека некои од одлуките што ги носеле тогаш граѓаните, биле врз основа на неточни информации, полуинформации, дезинформации. А тие одлуки носат последици, и за граѓаните, и за сите.

И затоа е битно, кон ова прашање да се настапи со подеднакво внимание и значење, како и кон сите други прашања. И тука е улогата на граѓанското општество. Мислам дека тука треба и похрабро, и поотворено да се кажуваат некои работи, и да се означуваат лажните вести, дезинформациите и говорот на омраза, ако сакаме да го заштитиме здравото ткиво на нашето демократско општество.

Нашата земја, Северна Македонија, е скроена да биде успешен мултиетнички модел, општество. Затоа, така ќе дојдам до национализмот… Затоа е битно тој модел да го браниме на соодветен начин, со вистински информации, со вистински активности и со политички концепти коишто го штитат тој модел. Национализмот е многу атрактивна идеја, што обично се користи во предизборието.

Национализмот е силна страна на слабите политички опции!

Слабите политички опции, кои немаат што да понудат во денешно време, како на пример Левица и ВМРО-ДПМНЕ, мораат да прибегнат кон овие инструменти. Деновиве, имавме ситуација каде што еден пратеник прикажува слика од некој друг настан, и кажува како да е тој настан кај нас. Тоа е класична измама на јавноста. Со такви работи ќе се соочуваме многу.

Целта на тие напади е да се замени безидејноста на тие политички опции, да се надополни со национализам. Со емоции, со чувства.

Јас сум сигурен дека секоја заедница што живее во Северна Македонија, подеднакво си ја сака државата. Дека секој граѓанин што живее во Северна Македонија, подеднакво си ја сака државата. И дека сме должни, и како држава, и како влада, и како граѓани, да го браниме тој концепт.

Затоа што, по мое мислење, тоа ќе биде и главната изборна дилема. Дали ќе се брани овој концепт, или ќе се приклониме на празните концепти на национализмот, кои не нудат ништо друго, освен несреќа, кавга, конфликт, а долгорочно, служат само како изговор за неносење на тешките одлуки.

Тешките одлуки мора да ги носиме заедно, за тие да имаат ефект. Инаку, убеден сум дека национализмот, заедно со дезинформативната пропаганда и со говорот на омраза, се најтешките болести на демократијата.

ЦИВИЛ МЕДИА: Доколку победи националистичкиот наратив во изборниот процес што нè очекува? Дали имаме шанси да влеземе во ЕУ како такви?

МАРИЧИЌ: Ние немаме шанса да опстанеме како општество и држава доколку национализмот победи и доминира.

Секогаш кога национализмот доминирал кај нас, ние сме биле под прашање – како функционално општество и функционална држава. Затоа, не смееме да дозволиме, не заради било која политичка опција.

Знаете, има легитимни десничарски опции кои не подразбираат национализам. Ние имаме низ Европа многу сериозни и легитимни демократски десничарски партии кои имаат своја идеологија, која ја промовираат и ја унапредуваат во општествата без национализам. Да не заборавиме дека неодамна во Полска имаше една таква битка, каде што тоа беше битка меѓу крајната и централната десница. Централната десница ја доби таа битка. Имаме и други сосема легитимни политички опции како што се ЦДУ во Германија.

Самата припадност, да се биде десно од центарот, не значи да се биде националист, но кај нас ситуацијата е таква што, практично, немаме десен центар. Ние имаме радикална десница, како ВМРО-ДПМНЕ и Левица, која што е обзнаена овие денови со концепт што се базира на страв од политичко насилство, бесперспективност. А ако мислиме дека решението на одбивање на некои амандмани на некој пратеник или пратеничка група е демолирање на собраниската сала, и ако тоа треба да ми биде демократскиот концепт што ќе им понуди иднина на младите и на оваа држава, јас мислам дека треба сериозно да се замислиме и да го осудиме, и да се бориме против тоа.

Ние сме имале многу потешки кризи во оваа држава, па не сме се приклониле кон насилство, бидејќи насилството не може да биде легитимно политичко средство.

Затоа, мислам дека национализмот ќе биде присутен во кампањата и веќе е присутен. Според мене, тоа е силен инструмент на слабите политички опции, кои немаат што да понудат и кои се кријат зад националистичката идеја, бидејќи немаат ниту сила, ниту храброст, да им одговорат на сопствените гласачи како ќе ги решат проблемите, како ќе ја решат нашата пречка кон европската унија која денес може многу едноставно да ја завршиме.

Нашата пречка денес е додавање на неколку заедници во Уставот по мерка која веќе ја имаме направена во 2001 година. Зарем навистина за тоа вреди да се блокира нашата иднина?

Тоа сум го кажал и пак ќе го кажам, нашата блокада има име и презиме, тоа е ВМРО-ДПМНЕ. И тоа треба да го повторуваме не заради ВМРО-ДПМНЕ, туку заради нас, затоа што целиот свет и цела Европа, за жал, смета дека сега ние сме на потег. Имаме предлог што ни го заштити јазикот и идентитетот, имаме предлог што ни ги отвори преговорите. Ние веќе повеќе од една година преговараме и сега сме во една точка кога треба или да продолжиме, или да застанеме. ВМРО-ДПМНЕ во овој момент одлучува дека треба да застанеме.

Јас мислам дека има сили и на десната страна од спектарот кои ја сфаќаат сегашната ситуација, кои ќе треба во еден момент да се охрабрат за во интерес на државата конечно да ги потврдиме нашите стратешки приоритети. А национализмот е најголем непријател на нашата стратешка определба за членство во Европска Унија.

Тука немам никакви дилеми, затоа што национализмот секогаш нè дефокусира и од реформите, и од бројните обврски кои произлегуваат од преговорите со ЕУ, и од реформирање на нашиот економски пазар, и од отворање на пазарот за многу можности кои до сега ги немало, и од користење на европски фондови кои досега не сме имале можност да ги користиме, и од сè она што живот значи за секој наш граѓанин. Безбедноста и стабилноста секако.

Можеби пред пет години членството во НАТО не ни изгледало толку значајно, но денес гледаме што значи да сте на безбедната страна на границата. Гледаме на какви страдања е изложена Украина, гледаме како држави како Финска и Шведска, високо развиени економии, кои со векови имале политика на неутралност, денес ја преиспитуваат таа политика на неутралност и бараат членство во НАТО, а ние сме веќе таму. Тоа значи дека сме направиле вистински избор.

ЦИВИЛ МЕДИА: Шведска направи и уставни измени, и тоа во концепцискиот дел. Зошто? За да влезе во НАТО.

МАРИЧИЌ: Тоа значи, Џабир, дека државите кои знаат што сакаат и се цврсто определени за исполнување на стратешките цели, се подготвени на пожртвуваност, дури и кога тоа не е едноставно. Сигурно не било едноставно, ни за Шведска. Јас сум бил повеќе пати таму, имам редовна комуникација со политичари од Шведска и знам дека не е едноставно, особено некои принципиелни работи да ги промените. Но тие го направија тоа, бидејќи навистина знаат што сакаат.

Јас сум убеден дека мнозинството граѓани знаат што сакаат. Тоа е членство во Европската Унија и трансформација на нашата држава во насока на тоа како изгледаат денес европските развиени држави. Треба ли да ги даваме за пример Бугарија, како изгледала пред 25 години, а како изгледа денес, Романија, Хрватска итн. Тоа се држави што се успешни приказни за успешна транзиција, кои денес успешно се справуваат со сè, и со национализмот, и со корупцијата, и со дезинформациите. Штети има, но имаат и механизми за нивно решавање.

Ние за тоа се бориме. Да не дојде до тоа да останеме надвор од тој систем, да не се враќаме кон некои приказни и концепти што ги закопавме во 90-те или по 90-те. Да не се враќаме повторно кон тоа и да нудиме на младите луѓе секој ден порција национализам, наместо да им нудиме порција на развој и иднина.

Џабир Дерала
Камери: Ариан Мехмети, Дехран Муратов
Фотографија: Биљана Јордановска
Монтажа: Ариан Мехмети
Транскрипција: Тимот на ЦИВИЛ МЕДИА

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново