Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

[Видео] Маричиќ: Нема откажување од ЕУ како наша најдобра и единствена цел

Во „Реално“ со Мишко Иванов, вицепремиерот за европски прашања и секретар за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ, говори за она што државата ја очекува на европскиот пат, до каде сме по прашањето на борба против корупција, каква ќе биде понудата на СДСМ на претстојните избори и што може да се очекува по изборите.

Сега е моментот да ги завршиме уставните измени, наредниот пат не знаеме која ќе биде цената на уставните измени, вели во интервјуто Маричиќ, но и одговора дали ќе биде кандидат за пратеник во првата изборна едница, зошто пропадна заедничкиот европскиот фронт со ДУИ, што мисли за анкетите на ВМРО ДПМНЕ и во чија корист ќе бидат резултатот на изборите.

Во продолжение, погледнете го целосното интервју на Маричиќ за „Реално“ на 24Инфо.мк.

Од овој ден, колку сме блиску или далеку од ЕУ?

Маричиќ: Од овој ден сме оптрилика 6-7 години до членство во ЕУ. Полноправно членство. Ние веќе до пред година дена не сме разговарале за некаков план за раст, сега имаме веќе развиена цела агенда поврзана со тоа. Еве вчера имав можност да разговарам со молдавската колешка, министерка за европски прашања. Тие веќе го тераат скринингот, ќе го завршат за пократко време од нас бидејќи им ги предадовме и материјалите и снимките за да го следат побрзо. Така што, со забрзано темпо се движат работите. Тој пат не треба да го идеализираме, тој пат е трнлив. Не треба ни да даваме преголем оптимизам на граѓаните, ниту пак да велиме ете ќе биде се розево. Но, сметаме дека тоа е нашиот пат, дека тоа е механизмот за суштински реформи, за вистински промени, за економски развој и за промена во клучните политики.

Дали е ова приказната со која СДСМ ќе оди на избори?

Маричиќ: Ние немаме право да се откажеме од иднината и немаме право да се откажеме од ЕУ како наш најдобар и единствен пат. Затоа овие избори се токму за тоа. СДСМ е токму партијата која во изминатите 7 години поднесе многу политички жртви, за тешките одлуки. Но, исто така имаше и чест и привилегија и среќа но и несреќа во тешки 7 години со повеќе кризи кои го погодија светот, не само Македонија. И Ковид кризата и економска, енергетска, воена криза да заедно со граѓаните испливаме. Имавме проблеми, имаа граѓаните многу проблеми, но никогаш не ги напуштивме. Помагавме толку колку што можеше во тој даден момент, сигурно дека имаме и недостатоци, грешки но патот беше трнлив. Она што може да го ветиме е дека најтешките години се зад нас и во наредниот мандат може да се посветиме на подобрување на сите недостатоци кои ги имаме, фокусирање на прашањата кои ги имаме поврзани со владеењето на правото и борба против корупцијата. Еве и законот за рестриктивни мерки го повторуваме повеќе пати да биде донесен во Собраниете. И да ја вратиме довербата на граѓаните во институциите, да  ја вратиме вербата на граѓаните дека има надеж за подобра иднина. Тоа може само со ЕУ. За жал ВМРО – ДПМНЕ нема план за тоа, ние имаме план и со таа понуда изглегуваме пред граѓаните. 

И тие ќе речат дека ова е Влада каде што има многу корупција?

МаричиќВо секоја Влада имало корупција, разликата е што сега постојат механизми за отстранување на коруптивните кадри но и расчистување на оние случаи кои се покажале или докажале како коруптивни. Никогаш претходно не сме имале ситуација во која што институциите имале можност слободно да работат на случаи на актуелните влади и да расчистуваат случаи и да носат правосилни пресуди против луѓе од актуелниот естаблишмент. Тоа го имаме сега и тоа е нешто што треба да се земе како вредност. Дали е  доволно не е, дали можеме уште, можеме. Јас верувам дека ако го искористиме паметно наредниот мандат, фокусот ќе биде токму на борбата со корупцијата. 

Возможно е во ваква констелација на анкети да се случат уставните измени?

Маричиќ: Следниот парламент ќе биде парламент кој ќе има многу тешки задачи. Ќе има прво тешка задача за да се формира нова Влада, да го продолжи европскиот пат со уставните измени и тешка задача да носи закони кои ќе значат расчистување со некои досегашни практики, давање повеќе сила на граѓаните, помалку сила на партиите и ставање на приоритет на борба против корупцијата и владеењето на правото. Дали е можно? Јас мислам дека ќе биде неопходно ние да разговараме за уставните измени и да направиме план како тоа да се направи. Времето не работи за нас. БиХ ќе добијат преговори, еве Молдавија и Украина веќе го поминуваат скринингот и ќе влезат во фаза на отворање на поглавјата многу скоро.

Дали ви е жал,  што направивме многу, а никако да ги почнеме тие преговори? А веднаш и даваат на Украина преговарање, на Молдавија. БиХ која што беше тргната на страна, ја враќаат во игра?

Маричиќ: Не била ЕУ секогаш праведна со нас, тоа е факт. Но, ние терајќи ги правдините во минатото, многу често ги пропуштавме моментите да ги зграбиме шансите што ни се пружаат. 2008 година ни беше јасно кажано кога добивме ветото за НАТО дека ако не најдеме решение во тој момент со Грција, Албанија и Хрватска ќе станат членки на НАТО а ние ќе останеме во чекалната. Ние мислевме дека цел свет ќе не чека нас и решивме да не ги решаваме тие прашања, решивме да ги одложиме за 10 години. Во тие 10 години не добивме ништо чекајќи. Само си ги нарушивме сопствените позиции и имаше се повеќе држави кои велеа Грција можеби има нешто право којшто претходно велеа дека Грција има неразумна позиција. Слично ќе ни се случи ако мислиме слично и сега. Ние имаме еден француски предлог којшто е тежок но избалансиран, ни овозможи да ги почнеме преговорите и од нас се бара да ги внесеме Бугарите во уставот за да продолжиме понатаму. 

Јас не можам да разберам, ни ВМРО – ДПМНЕ не знае да објасни зошто е проблем да влезат Бугарите во уставот? Што тоа ќе направи негативно кон нас? Зошто е проблем францускиот предлог кој ни го гарантира македонскиот јазик? Зошто е проблем да ние продолжиме понатаму и да наместо тоа да преговараме пак уште 10 години со Бугарија? Јас мислам дека ќе биде допрва жално кога за 6-7 години ќе ги видиме на бината за нови членки Украина, Молдавија, Црна Гора, Албанија а ние ќе им апалудираме како вечна кандидатка и ќе велиме „ќе чекаме подобри времиња“, „ќе чекаме Бугарија да се вразуми“ и да имплементира дел од пресудите во Стразбур, за да ние направиме нешто што веќе сме го направиме за 7 или 10 други заедници. 

Загрозен ли е опстанокот на Македонија во една ваква ситуација?

Маричиќ: Во една ваква ситуација е загрозена нашата иднина доколку концептот на ВМРО – ДПМНЕ преовлада. Загрозен е нашиот европски пат а тоа неминовно ќе донесе и отвори многу прашања внатре на политичката сцена. Јас велев и не само јас, дел од СДСМ луѓето кои разговараа на оваа тема во јавнсота и пред година и пред две, дека сега е моментот да ги направиме овие уставни измени не заради Бугарија, туку заради тоа што сега сме успеале да направиме амбиент да само тие уставни измени врзани со бугарите бидат тема. Наредниот пат кога ќе се отвори по изборите, не знаеме што се партиите ќе стават на маса и која ќе биде цената на тие уставни измени. Затоа што побрзо ги завршиме тие обврски, нашата позиција ќе биде посилна. Да имаше некој подобар план, еве да го чуевме досега, некој реален план, не фантазии не скапи заблуди – туку да имаа реален план кој ќе изложеа и ќе имаше смисла ние ќе го прифативме. Ќе го чуевме на крајот на денот. Нивниот план е да поништиме се, да почнеме пак за македонскиот јазик да разговараме? Гледате дека денес никој тоа не го отвора како прашање, американскиот сенат носи резолуција за нашите евроинтеграции, германскиот Бундестаг носи резолуција за нашиот јазик и идентитет а ние бараме не знам кој да не признае. Па ние сме признаени од сите етаблирани. Самите си ги отвораме прашањата кои што веќе сме ги затвориле. Тоа е се резултат на безидејноста на ВМРО – ДПМНЕ и немањето на конкретен план како да ја движат државата напред. Тоа веќе сме го гледале. 

Избори. Дали Маричиќ е трето место во 1ИЕ?

Маричиќ: Овие денови ќе се расчистат сите дилеми, јас реков дека ја прифатив со задоволство и со гордост кандидатурата од мојата месна организација и ОО во Карпош и дека во наредните денови до сабота кога е конгресот, 23.03.2024, за објавување на кандидатските листи ќе имаме време да видиме на кое место ќе се најдам. Јас мислам дека е логично да бидам во 1ИЕ доколку концептуално договориме да бидам на листите, но на кое место ќе видиме до сабота. Важно е, ние ќе имаме силни 12 носители кои што, по 2-ца во секоја ИЕ, кои што ќе бидат носители на нашата политичка приказна, кои што ќе бидат носители на клучната порака дека нема откажување од иднината и дека само во ЕУ сме посилни. И кои што ќе ги носат нашите кандидатски листи пред граѓаните. Јас сум тимски играч и ќе се вградам во овој тим како и да се договориме и со раководството и со претседателот Ковачевски. Но, сметам дека треба СДСМ да игра со најсилниот тим и верувам дека ќе биде така.

Во прва изборна единица Димитар Ковачевски, Моника Зајкова, Бојан Маричиќ?

Маричиќ: За Димитар Ковачевски не е спорно, за сите други ќе видиме до крајот на оваа недела.

Втора изборна единица Фатмир Битиќи, Оливер Спасовски, Славјанка Петровска?

Маричиќ: Велам, значи очекувам дека денес или утре и носителите објавени, претседателот Ковачевски ќе ги соопшти. Да но мислам дека ќе ги соопшти и  останатите и неблагодарно е јас тоа да го коментирам и да го кажам, мислам дека сепак негова е конечната одлука, може да има и промени ви последен момент и затоа е неблагодарно да се потврдува или демантира, меѓутоа сите луѓе што ги набројавте и што би ги набројале до крајот на шеста изборна единица…Значи сите што ги спомнавте сигурен сум дека ќе бидат, се се тоа имиња што ќе се најдат на нашите листи а на кое место и на која позиција тоа стратешки ќе го одлучи раководството.

Ќе бидете секако на листа?

Маричиќ: Значи велам зависно од тоа како ќе го одредиме концептот доколку раководството смета дека треба да бидам јас со задоволство ќе прифатам.

Крешник Бектеши вели дека далеку сме од договор со СДСМ, таа приказна за европски фронт пропадна?

Маричиќ: Видете за жал започнаа разговорите кои никогаш не доживеаа свој конечен исход и мислам дека пресвртната точка беше онаа одлука за претседателските кандидати да се оди посебно затоа што тоа требаше да биде еден заеднички концепт, ако не се водат разговори не можеме да бидеме ни блиску до договор, мислам дека во моментот такви разговори нема и дека сите партии се насочени на своите кандидатски листи, гледате дека и ДУИ го прави тоа  и тоа е легитимно. Ние никогаш не сме биле цврсто договорени дека мора да одиме на заеднички листи. Мислам дека ќе бидат изборите добра прилика за сите партии да си ги покажат и своите кадровски потенцијали и својата сила на терен и своите програмски определби. Ние сме имале 7 годишна коалиција со ДУИ во која што имало и резултати и силни страни, имало и пропусти и недостатоци и јас верувам дека по изборите ќе имаме за што да разговараме со ДУИ и дека ДУИ е легитимен партнер на СДСМ, но во овој момент фокусот треба да ни биде на нашите кандидатски листи, впрочем знаете претседателските избори исто така се многу важни, после првиот круг треба граѓаните и партиите да се определат меѓу два кандидати, ние сме убедени дека тоа ќе бидат Пендаровски и Силјановска и јас сум сигурен дека албанските партии ќе имаат лесен избор и албанските гласачи бидејќи имаме од една страна еден јасен концепт на Стево Пендаровски кој ја води државата кон ЕУ  кој што ја потврдува како силен НАТО партнер и кој што се залага за вредностите на слобода, демократија, отчетност, одговорност се она што го одликува Пендаровски. Од друга страна имаме една реприза на Ѓорге Иванов во госпоѓата Силјановска, професорката Силјановска, тоа не е нова политика, тоа е нешто што сме го виделе, самото спомнување на помилување на сторителите од 27 април веќе ни кажува што не очекува со тој концепт.

Се плашите ли од бојкот евентуално на втор круг претседателски избори?

Маричиќ: Немаме зошто да се плашиме, во истиот ден се и парламентарните и мислам дека е одговорно, секоја партија нели си носи одлуку, меѓутоа одговорно е да се избере претседател во вториот круг, одговорно е сите граѓани ќе имаат слободна можност, Пендаровски покажал на дело дека е претседател на сите граѓани без разлика на својата етничка припадност или политичка припадност и мислам дека таков тип на внесување на државата во еден таков вид на криза нема да донесе никому ништо добро, ниту еден бојкот на ниту една партија не донел никогаш ништо добро. А по изборите, по завршување на изборите ќе имаме можност да разговараме за сите теми и мислам дека е легитимно да се разговара за сите теми дури они кои што се отворааат но не со бојкот затоа што тоа нема да донесе никаков успех и резултат.

Ве плашат анкетите?

Маричиќ: Не, апсолутно анкетите оние кои што се презентираат во еден голем дел од анкетарите на ВМРО-ДПМНЕ се далеку од реални, мислам дека ќе бидеме позитивно изненадени особено од СДСМ, дека ќе биде многу подобар резултатот од тоа што го кажуваат анкетите, знаете ние сме се соочувале и порано 2020 година велеа од ВМРО-ДПМНЕ дека 8 пратеници во нивна корист, 8%, 10% на крајот заврши 2 пратеника за листите на СДСМ и БЕСА во тој момент и другите коалициони партнери. Мислам дека борбата ќе биде тешка и тесна и сигурен сум дека СДСМ  ќе биде столбон за формирање на следната влада.

Можна ли е широка влада СДСМ- ВМРО?

Маричиќ: Во овој момент е тоа премногу нереално да се коментира, ВМРО-ДПМНЕ е нашиот главен политички противник, а нашите партнери ги наоѓаме во оние партии кои што се јасно определени за европската иднина, кои што имаат јасни ставови кон сите овие прашања за кои што ВМРО блокираше изминатиот период и не гледам како во овој момент би се случило такво нешто. По изборите ќе биде прилика да се разговара за сите можни комбинации меѓутоа јас во овој момент мислам дека треба да се фокусираме на тоа како СДСМ да добие што повеќе гласови и пратеници за да имаме јасна прогресивна, проевропска кауза на политичката сцена која окосница на следната влада.

Ваш коментар последната црна листа на САД?

Маричиќ: За дел од тие луѓе, мислам за двајцата кои што се од кај нас од Северна Македонија ставени не е тоа ништо изненадувачко, прво за Катица Јанева таа е веќе осудена, три години скоро ја одлежува казната затвор така што малку и задоцнето ми делува баш за овие двајца, меѓутоа за Јакимовски многу пати сме и коментирале, имаше и активни случаи така што не би коментирал ништо повеќе од тоа што го коментираме во било која друга ситуација а тоа е дека САД ни се стратешки партнер кој што ни помага во сите стратешки политики вклучувајќи ја и борбата против корупцијата, сериозно ги зимаме и со внимание сите нивни укажувања вклучувајќи го и ова ставањето на луѓе на тие листи за ретстриктивни мерки, ние дури и предложивме закон како влада во собранието кој што за жал го блокира Антонијо Милошоски три недели не ја свикува комисија за надворешни работи за да се усвои тој закон и за да оди на пленарна седница. Ајде ние го повикуваме од вчера постојано и мислам дека ќе биде одлична прилика нивните зборови да се преточат во дела. Повикувањето за борба против криминалот и корупцијата да го покажат на дело еве уште денес нека ја свика, нека ја помине, да го изгласаме тој закон и да тие рестриктивни мерки добијат и своја правна форма во нашиот систем.

Преземено од 24Инфо.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен