[ВИДЕО] Шасивари: Уставни измени треба да овозможат разграничување помеѓу Македонците и Бугарите од повеќе аспекти

Членот на работната група што ќе го подготвува текстот за уставните промени, професорот по уставно право Др. Јетон Шасивари во интервју за Рацин.мк вели дека од многу предлози треба да се најде соодветно решение што ќе биде одраз на македонските општествени прилики, ќе биде кохезивно и ќе го одразува стремежот на Македонија за членство во ЕУ.

Со проф. д-р Јетон Шасивари разговараше Љубиша Николовски

Љубиша Николовски: Ќе си земам за право да ви предочам условно речено четири предлози кои јас ги доживеав како такви во јавниот дискурс. Првиот беше овој што Владата го пушти во оптек дека е лесна работа, дека во преамбулата треба да се додадат Бугарите и евентуално Хрватите, Црногорците и некои други етнички заедници. Ако е тоа така тогаш тоа би било многу лесна работа, едноставно да се допишат.  Како вие на тоа гледате?

Шасивари: Мислам дека ова ќе биде предизвик и новина затоа што Бугарите никогаш не биле експлицитен уставен субјект во нашата држава. Сметам дека на тоа прашање не може да се одговри дали ќе биде лесно или тешко, ќе зависи пред сѐ од техниката, со каква уставна формулација треба да се впишат  Бугарите во преамбултата на Уставот. Битно е да се дојде до едно уставно решние што ќе и помогне на државата, на општеството и на граѓаните во нашите стратешки приоритети – европските интерграции.

Љубиша Николовски: Каде вие гледате излезно  решение?

Шасивари: По мое мислење треба да се изнајде решение со кое ќе се овозможи демаркација или разграничување и тоа јасно и потполно помеѓу Македонците и Бугарите, од повеќе аспекти. Првиот и најбитен е самобитноста на Македонците јазично, етнички и културно и тоа е многу битно и сметам дека тоа ќе биде една од придобивките  на овој процес ако се изведе како што треба. Тоа е важно и како превентива од идно можно бугаризирање на општеството. Нашето општество е сепак мултиетничко, но да се повлече една јасна и експлицитна етничка јазична и културна разлика како разграничување меѓу Македонците и Бугарите во смисла Македонците во целост ќе се разликуваат од Бугарите. Тоа би се постигнало преку тоа уставно решение со кое Бугарите ќе се конституционализираат во нашиот Устав, значи ќе станат уставен, посебен субјект во нашиот Устав и во таа смисла граѓаните кои во нашата држава по национална припадност се изразуваат како Бугари, ќе бидат дел од бугарскиот етникум, а не дел од македнскиот етникум. Тоа ќе биде голема придобивка во однос на европските интеграции.

Ни треба уставно решение со кое Бугарите ќе се конституционализираат во нашиот Устав како дел од бугарскиот етникум, а не дел од македонскиот етникум

Љубиша Николовски: Две прашања тука има г-дине Шасивари. Дали тоа нема да биде продолжение на постојната преамбула во која покрај низата етнички заедници како делови од народ ќе се додадат и Бугарите, или тоа значи дека тие ќе се разликуваат од останатите и ќе имаат посебно место во реченицата на преамбулата?

Шасивари: Да, тоа е веќе прашање на техника односно на уставна формулација на впишување. Но, битно е дека ќе се постигне тоа разграничување односно демаркација или дистинкција. Тука зборуваме за наши граѓани, инаку во јавноста често пати се машаат работите се повикуваме на реципроцитет, реципроцитет се применува према странски државјани под услов таа друга држава да го признае истото право кон наши државјани што се таму. Тука зборуваме за  наши граѓани односно наши државјани кои се изјаснуваат како Бугари кои ќе бидат дел од бугарскиот етникум, а не од македонскиот етникум и со тоа ќе се воспостави јасна демаркација меѓу Македонците и Бугарите и во јазична и во етничка и во културна…

Љубиша Николовски: Дали ќе се оди со уставни амандмани или ќе се интервенира и во текстот на преамбулата?

Шасивари: Ви кажав, работната група сѐ уште немала состанок и тоа е прашање на уставно правната техника, нашиот Устав се менува со уставни амандмани. Сигурно ќе има уставен амндман, но дали со тој уставен амандман, како во 2019, некои реченици ќе се менуваат, односно ќе се дополнуваат или ќе се оди со цела преамбула тоа останува да се види. Ако мене ме прашате кога ја читаме нашата преамбула, оваа новата од 2019, која е во сила, таа има две празнини. Првата празнина е во целите и мој личен предлог во работна група би бил посветеноста на граѓаните за вклучување на државата во европските интегративни процеси. Тоа сега не е наведено како цел, а таа цел соодветствува на овој процес што сега го правиме и што ни претстои, бидејќи ова го правиме заради европските интеграции. Значи нашите граѓани се навистина посветени на овој процес на евроинтеграции. Втората цел би била посветеноста на државата да придонесе за стабилноста на регионот и на цела Европа преку создавање добрососедски односи и соработка со сите соседни држави. Мислам  дека ова би биле две клучни теми кои обезбедуваат кохезија, имаат голем потенцијалл за обединување на граѓаните. Нашиот концепт е сепак граѓански, Македонија е држава што припаѓа на граѓаните. Затоа особено е важна првата цел бидејќи ја отсликува смислата зошто се правата овие уставни измени.

Љубиша Николовски: Професоре ја споменавте синтагмата консензус. Од тоа произлегува едно друго прашање. Дали ние правиме промени на уставот заради задоволување н нашите политички барања или на бугарските барања и дали ќе бидеме сигурни дека таа промена ќе ги задоволи бугарские очекувања?

Шасивари: Правиме сѐ од ова што споменавте, но пред сѐ тоа е интерес наш, на нашата држава и на нашите граѓани во кој приоритет имаат европксите интеграции што ни се стратешки приоритет затоа што тоа од осамостојувањето и независноста на Македонија тоа ни е приоритет над приоритетите – европските интерграции. Едниот дел, членството во НАТО го исполнивме, останува уште членството во ЕУ. Тоа е и историски сон на минатите генерации. Историски сон на луѓето што живееле во Македонија и во ова поднебје, а пред сѐ имајќи ги продобивките што доаѓаат од ЕУ, од тој сојуз на држави, од вредностите, слободите и правата, економскиот развој и да не  ги редам сите придобивки.

Ова е нешто што треба да се прави и ова е во однос со ЕУ, и тука ние немаме релација со Бугарија туку имаме со Брисел, со ЕУ, за преговарачката рамка и јас сум убеден дека ако ова успешно се направи ние ќе продолжиме со европските интеграции

Така да, убаво ви е прашањето дали има некаква сигурност од страна на Бугарија и дали тие ќе бидат задоволни или евентуално во Брисел утре можеби на некој бирократ одоносно допломат нема да му се допадне или ќе најде некоја фалинка во уставните измени, меѓутоа ние првенствено ова го правиме за нас, за нашата држава, за нашето општество, за нашите граѓани и за она што значат европските интеграции. Немаме ние некаква сигурност дека Бугарија во иднина нема да бара нешто друго, но засега како што се дефинирани работите и од нашата надворешна политика и од Владата, ова е нешто што  треба да се прави и ова е во однос со ЕУ, и тука ние немаме  релација со Бугарија туку имаме со Брисел со ЕУ за преговарачката рамка и јас сум убеден  дека ако ова успешно се направи ние ќе продолжиме со европските интеграции.

Треба да знаете
Moже да ве интересира