Да беше Апасиев МНР, ќе не заглавеше во кинески долгови како Шри Ланка

Непримерно е интелектуалец како Димитар Апасиев да се користи со таков вулгарен речник во јавниот говор. Зошто еден професор, доктор на науки, натпросечен студент со десетки, лидер на партија, решил да зборува навредливо кон сите што не ги почитува, како уличар!!!!

Веројатно така добива на симпатии кај оние кои исто така како него зборуваат во секојдневието. На тој начин тој се проектира како еден од нив, за да можат да го разберат. Зашто ако почне да употребува високопарни, правни формулации, ќе биде неразбран, тие ќе почуствуваат дека е над нив. А Левица, според зборовите на Апасиев сака да се бори за работничката класа и неа и се обраќа.

Но, работничката класа не зборува така вулгарно. Ако Апасиев смета дека таа е проста и треба простачки да и се обраќа, ја навредува. Но штом смета дека тоа е добар ПР и дека дава резултати, нека тера.

На Димитар Апасиев меѓу политичките фигури кои не му се допаѓаат е и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Не му се допаѓа затоа што е Албанец. Требало да биде чист Македонец, затоа што, вели Димче, „се преговара за македонскиот ентитет и идентитет, а на Албанецот тоа ништо не му значи“. Според лидерот на Левица, тој Бујар Османи „бил изразит сецесионист, кој сонува за друга држава, не за нашата“.

Ако Бујар не му е доволно добар, тогаш зошто на Апасиев не му чинеше ниту Никола Димитров. Ете тој беше ас(ли) Македонец и по татко и по мајка. Но за Димитар Апасиев и тоа не беше доволно. Со што сè не го избербати: „Никола Димитров е шверцер и узурпатор што го потпиша договорот од Преспа и ќе оди во затвор за тоа. Како амбасадор во САД е веројатно врбуван од ЦИА структурите и тој е амерички шпион, тастер, кодош, тужибаба“. И на крај, како голема мана му зема што бил ВМРО-вец и тоа во две фази, кога бил асли вмровско дете и кога е рехабилитиран ВМРО.

Па каков ариевски тип Македонец треба да биде МНР за да ги задоволи страстите на Апасиев во одбрана на македонштината?

Можеби Димче себе си се препознава како македонски лик каков што треба да изгледа еден Македонец, достоен за МНР!

Дека е паметен, е паметен. Дека е убав, хм, вкусовите се различни. На пример, Димче Апасиев некому му личи на Кончита Вурст. Така барем го нарече Бугарот на протестот кога Димче му го украде УСБ-то.

На крајот на краиштата тоа и не е важно. Поважно од сè е каде Димче ќе ја води државата како МНР. На исток или на запад?

Тој вели дека е потребна реконструкција на надворешната политика и дека освен ЕУ има уште многу алтернативи.

Една од нив за него е во БРИКС. Ама на „простите“ следбеници од работничката класа треба да им каже што е тоа, дали се мачка на леб или се јаде со салама.

Или, вели Апасиев во едно интервју, ќе го копираме Вучиќ, и ќе играме со Неврзаните.

За неврзаните сигурно чуле постарите работници кои таму и работеле во бившата Југа, па ќе го разберат, но за иницијативата „Појас и пат“ за која се залага како алтернатива на ЕУ, ќе треба убаво да им објасни што е тоа.

Ќе мора да им каже дека е кинеска програма за ширење на нејзиното влијание во светот преку задолжување на земјите во развој како нашата. Според критичарите, Пекинг ја користи иницијативата „Појас и пат“ како геополитичка алатка за да ги зароби нациите преку дипломатски тактики на должничка стапица, со која Пекинг им нуди предаторски заеми на земјите во развој во Азија, Африка, Јужна Америка и Југо Источна Европа за наводно да им помогне да ја изградат локалната инфраструктура.

Така, Пекинг добива можност да ја преземе контролата врз инфраструктурата, а понекогаш и врз самиот имот кога заемот не се враќа, што често се случува ( Шри Ланка и Црна Гора). На тој начин за десет години Кина стана најголем инкасатор на долгови во светот со над 300 милијарди долари.

Освен тоа, Пекинг најчесто испраќа кинески работници на тие градежните проекти, што дополнително ги зголемува економските придобивки на Кина на сметка на локалните работници.

Каков закон за заштита на работничките права ќе носи Апасеиев со Мицкоски тогаш, по колку часа на ден ќе работат нашите работници, ако за нив остане работа.

Во суштина Кина има намера да го преобликува глобалниот поредок на начин што ќе го зголеми своето влијание, а тоа не може да се случи без интензивирање на конфликтите во светот.

На крајот, вели Апасиев во едно интервју, меѓу алтернативите на надворешната политика е и зближувањето со други големи светски сили.

Кои други освен Кина? Е па, само уште Русија остана.

Треба да знаете
Moже да ве интересира