Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Случајот Палевски како илустрација за македонската десница и руските проекции за нас

Либералното општество е поспособно да обезбеди слобода, отколку да се заштити од нејзината злоупотреба. Во овие изборни денови само се потврдува таа констатација кога од бирачките кутии испливува желбата на народот да живее во неслобода и покореност

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

Морам да признам дека во петокот вечерта ми требаа многу марамчиња. Ја гледав исповедта на дел од родителите на децата убиени во белградското училиште „Рибникар“, крвав чин што се случи пред една година. Не беше случајно што мислата ми летна на она што се случи при крајот на минатата годината кај нас, грабнувањето и убивањето на  деветоодделенката Вања Ѓорчевска, што предизвика гнев и воедно растревоженост во земјата. Тогаш.

Па полека влезе во заборав, а неодамна дури еден од клучните потенцијални актери во тој грозоморен чин, нејзиниот татко, беше дури пуштен од притвор во домашно заточеништво, со можност да влијае на сведоците, секако.

Впрочем, кога е happy hour за криминалците на еден најширок замислен фон последните месеци од страна на правосудните органи, плус-минус еден, само осомничен, не значи ништо.

НА ОПОЗИЦИЈАТА И ПУКНА БОМБА ВО РАЦЕТЕ Во мигот кога се дозна кој е убиецот на Вања, а потоа дека истиот е уапсен во Турција, опозицијата молеше истиот да не биде испорачан барем додека не минат изборите

Чувствата кај граѓаните на Србија, можеби поконкретно на белграѓани доведоа до спонтани изрази на гнев заради тој настан, а потоа и до формирање на граѓански отпор под наслов „Србија против насилството“, идентификувајќи го убиството на школските деца во „Рибникар“, како и убиствата што се случија ден потоа во околината на Смедерево како евидентен симптом на едно длабоко деградирано општество, со силна морална криза која еруптира во невидено насилство и во светски димензии!

Што грабнувањето и убиството на малата Вања предизвика кај нас? Најпрвин, да се потсетиме, кога грабнувањето стана евидентно, тоа доведе до спонтана потрага по киднаперите (веднаш беше јасно дека тоа е криминал на цела банда) и тоа главно по социјалните мрежи, каде учествуваат сограѓаните на жртвата. Морам да кажам дека тоа беа спонтани иницијативи од доблесни сограѓани на Вања. Но за големиот, предоминантен медиумски апарат на македонската политичка опозиција тоа беше само сигнал да ја нападнат власта. Светнаа кај нив сите црвени светилки за аларм.

Во тој момент акцентот беше на полицијата, која се товареше за наводната спорост во истрагата. Тука се вмеша и оцрнувањето на состанокот на ОБСЕ во Скопје како наводна пречка во поголемо ангажирање на полицијата, при што секако како притаени содружници во критиката, барем од политички интерес, сме ги имале опозициските кругови на „огнените“, заради тоа што претседавач на состанокот на ОБСЕ беше министерот Османи.

Но таа „две во едно“ критика, која деновиве „процветува“ во потенцијална постизборна коалиција, наиде на кинески ѕид во мигот кога истрагата на обвинителството со користење на полициските инструменти успеа за експресно време да ја открие трагата на киднаперите, а потоа и да се дојде до расветлување на целиот настан за помалку од една недела.

Пресот на Обвинителството и МВР беше бомба која пукна во рацете на македонската опозиција! Киднапирањето било организирано и проследено со брза егзекуција на малата Вања од човек во нивниот двор. Каков автогол беше тоа, особено кога се виде дека Љупчо Палевски, клучен обединител на македонската десница, дури и знаејќи дека ќе биде откриен, побегнал преку граница. Згора, неговата трага е следена и истиот набргу и беше уапсен од турските власти. И се чекаше негова брза екстрадиција.

ГЕОРГИ ЛОЗАНОВ Руските стратези масовно го користат Интернетот и „комшиското“ набедување да станеме антинато и антиевропско општество

Монструмите под знамето од Вергина, како што ги опишав тогаш учесниците во киднапирањето и убиството на две лица, да не одиме во детали, открија дека постои поврзаност со оперативните активности на десницата, но и присуство во главната опозициска рамка на македонската сцена, како што се на пример, постојаните обиди да се манипулира со пензионерите, најголема и најзначајна социјална група.

Малите десни партии кои беа во постојан обид за окрупнување беа очевиден инструмент на големата десница, а нивните врски со руската пропаганда (потенцијално и со тамошните финансии) беа, ако ништо друго, барем индиректно интересни за ВМРО-ДПМНЕ.

Нејзиниот шеф, според зборовите на Стевчо Јакимовски, градоначалник на Карпош и самиот деклариран како опозиција на актуелната власт (згора и довчерашен претседателски кандидат), јасно укажа на фактот дека Мицковски имал најмалку две средби со избегнатиот Палевски и тоа во четири очи, во неговиот дом.  Дури имаше и признание, за што пишуваше и неделникот „Фокус“.

Тајноста е јасна за контактот ама тоа сознание не беше наивно во мигот  кога целата земја (освен политичарите и медиумите на десницата)  посакуваше да го види Палевски осуден со најстрога казна. Ниту малку невина позиција за шефот на најголемата партија.

Се работеше за трула штица на која седеше целиот корпус на лица со иста идеолошка матрица, почнувајќи од оние што знаат да седат на Ленинова, на пример, со и без руски ордени на реверите, но и блиски до функционери кои се практично контаминирани во односот со бандата на Палчо. Всушност, тие и ним слични ликови се само показател на вкупната деструкција која лежи во валканиот топуз на политичкото милје, нивните методи и надворешни врски.

НАГРАДИ Амбасадорот Баздникин доделува признанија на тема „Русија во очите на децата“

Да се потсетиме на тоа дека Палевски беше уапсен пред да полета за Москва на белградскиот аеродром на барање од Хрватска, уапсен ама не и испорачан на оној кој ја распишал меѓународна потерница. Москва беше патем и омилен домаќин на експретседателот Иванов, по чии стапки очевидно чекори актуелната кандидатка на десницата за нов жител на вилата Водно.

Ако Палевски беше вратен во земјата во разумен рок, целата таа оркестрација за идната изборна победа (успешна кај локалните избори, неуспешна во обидите за преземање на парламентарно мнозинство) просто ќе издишеше, а можеше и да стане цел на осуда во јавноста и потенцијал за дебакл при гласањето.

Да не заборавиме дека смената на еден диктатор како Груевски сепак доби иницијални земјотреси во т.н. „бомби“, низ прислушуваните разговори на членовите на Началството. Коинциденција е секако онаа со масовните протести во Белград како први крилја на опозицијата во борбата со системот на Вучиќ – во борбата на левицата со десницата помагаат само случајни ама силни протресувања на јавноста за настани во заедницата..

Она што прво се обидоа да постигнат стратезите на ВМРО-ДПМНЕ во случајот Палевски е обидот да се докаже дека министерот Оливер Спасовски не сторил доволно да го сопре злосторот, па ни да го фати злосторникот (како да е тоа навистина нивна цел!). Во тоа предничеа некои веќе изгубени новинарски пера, на пример, како Латас и Ивона Талевска. Тие се претставуваа како раководство на МАН (Македонска асоцијација на новинари), демек организација на македонските новинари. МАН објективно не постои, практично е фантомска, но е добра како „легитимација“.

ЧЕСТ ГОСТИН Амбасадорот е чест гостин на Куманово, а тамошниот градоначалник основа партија со крајно шарена програма

Секако и тука постоеше бројна армада на уредници и новинари (а над сè сопственици на медиуми) кои се фаќаа за сламка, обично и таа измислена, за да се дезавуира истрагата за Палчевски. Тука свои прсти има вмешано и актуелниот времен орган во МВР кој иницирал некакви врски со велешката полиција во таа насока (јасно, не без стратегиска причина), но сеедно, сето тоа се покажа „фалшливо“.

Единствен ефект беше, како заклучок, да се сопре испораката на Палевски во земјата и продолжување на истрагата и отворање на судски процес против него и неговата камарила.

Јасно е дека тоа им успеа. Според зборовите на сè уште актуелниот шеф на државата Пендаровски, во своето последно гостување во емисијата „360 степени“, последниот акт што требало да се потпише за непречена испорака на Палчевски бил на масата на турскиот министер за надворешни работи. Па кој можел да влијае пресудно за тој потпис да се даде или не? Да прескокнеме една бариера и да погледнеме веднаш кон Москва, како диригент на дестабилизаторските процеси и на Балканот, чија моќ на влијание врз Анкара во целиот контекст е лесно да се претпостави!

Испораката конечно ќе ја имаме после изборите или ден претходно, кога нема да влијае на изјаснувањето на граѓаните. Сè друго ќе биде отпосле, со далеку поголемо влијание на оние кои стравуваа од овој чин ако се случеше во јануари или февруари, да речеме, кога процесите во земјава би се одвивале со нормален тек.

Не е јасно дали актуелната власт имаше доволно концентрација на овој важен, можеби и пресуден момент. „Бомбите“ предизвикаа реакција дома и надвор, во земјите на либералната демократија и само така се дојде до една промена и тоа одново со судни маки и бројни други компромиси, кои тогаш изгледаа помало зло.

Што да се стори денес кога од Кремљ се води толкава силна пропаганда, што најпластично се оцртува на влијанието врз МПЦ – и покрај тоа што во нејзиното осамостојување само оваа влада успеа да го постигне она што претходно другите политички актери не можеа или не сакаа – тие ја добиваа поддршката на црквата преку постојано „комерцијално“ подмитување. Колку и нашите безбедносни органи, поддржани од структурите на НАТО да се бореа со уфрлените агенти од Русија во МПЦ, толку на крајот тие останаа внатре во црквата и го совладаа отпорот на разумните и родољубиви владици. Длабоко вгнездени, победуваа промосковските елементи.

АЗЕСКИ Со Комората нема шега… особено кога заличува на Камора

Слично е и со дејствувањето на Комората која процени дека евроатланските тенденции се опасни по нејзините монополистички интереси, најпрвин обезбедени со налет на министерски места во времето на Заев како премиер а потоа со отворено непријателство кон Владата на Ковачевски, кога истите тие наметнати функционери беа изгубени како „наш кадар“ па и добро илустрирани во црните листи на Стејт департментот. Што би рекол метузалемот Азески: „Или ние или слободниот свет на либералната економија“… И би додал, Комората е како мафија… дајте аплауз“. И додава дека може да му се даде „позитивна смисла“ на мафијашкото организирање !

Кој може да се одбрани од такво друштво кое го напаѓа либералниот свет? И денес кога се избори, како може да победи нормалноста во такво опкружување?

Извонредниот аналитичар од Софија Георги Лозанов во есејот „Големата заблуда дека само Путин може да нè спаси“, говори за дејствувањето на руската пропаганда во нивниот, бугарски амбиент, кој и не се разликува од нашиот во многу елементи.

„А во медиумите застрашувачки е продорот на антиевроатлантската пропаганда, но таму се судира со инстинктот на самоодржување на оние новинари кои многу добро знаат дека нема слобода на говор надвор од либералната демократија. Од друга страна, социјалните мрежи се идеален медиум за пропагандни откритија, бидејќи нашироко се перципирани како медиуми, но не се, бидејќи немаат уредувачка одговорност за нивната содржина. Мислењата искажани во нив (надвор од официјалните профили) немаат професионална посветеност на факти и аргументи, туку се потпираат на чувства и предрасуди. А ако се доволно шарени, агресивни, сакани и циркулирани од трол-армиите, лесно се пренесуваат како ‘во соседството’ и ги прифаќате како свои. А кога ќе дознаете дека не ви биле во интерес, веќе е доцна, затоа што гласавте, поддржавте, одбивте вакцина, се скаравте со пријател… Социјалните мрежи ја направија хибридната војна возможна, со тоа што ќе му даде платформа, од која ќе се зрачи со неговите теории на заговор за големата Русија, виновникот НАТО итн. Европејците и Американците. Да им се прикажеа таквите шутеви во друг комуникативен модус, а не во нешто како виртуелна комуникација „на маса“, тие би останале скептични-исмејувачки кон нив. Општо земено, Интернетот е уште еден доказ дека либералната демократија, како што сугерира нејзиното име, е многу поспособна да обезбеди слобода отколку да се заштити од нејзината злоупотреба“.

Не е обична коинциденција фактот дека деновиве по вибер на многумина им стигнуваат текстови со наслов „Само Путин може да нè спаси“!

Текстовите се исти, на српски јазик (!) и се дел од Путинов говор за припадниците на „рускиот свет“. Необична е раздвиженоста кај нас на потомците на лицата дојдени кај нас од некогашниот СССР! Меѓу нив актуелно е сега и гласањето за Левица, од причини кои ги остават самите да си ги разјасните, но оние кои некогаш гласаа за Тупурковски, на пример („наше дете“), денес се подбуцнуваат да гласаат за партија која е јасно поврзана со антинатовскиот и антиевропскиот контекст. (ЦивилМедиа)

Треба да знаете
Moже да ве интересира