Добрососедството е критериум за членство, но истовремено е и билатерална авенија. Очекувањето е ДВЕТЕ страни да работат посветено и со добра воља и да вложат мерливи и видливи напори за изнаоѓање на меѓусебно прифатливи решенија
Тони ПОПОВСКИ*
Според Мицкоски, „…дури и да бидат Бугарите дел од Преамбулата и да добиеме гаранции за идентитет, сепак, Протоколот и Билатералниот договор се опасност за дополнителни пречки во иднина, односно дополнително вето.
Дури Македонија и да исполни се што бара Бугарија, никој не гарантира дека државата ќе стане членка во Европската Унија, додавајќи дека многу преставници на меѓународната заедница дојдоа во државата да ни го кажат токму тоа и за пример ја посочи Република Турција која што е економски е многу помоќна од нас и со децении преговара со ЕУ и уште е далеку од нејзино полноправно членство.“
Изјавата во пресрет на собраниската расправа е индикативна. Дали ќе бидат Бугарите во преамбулата и уште во неколку структурно поврзани одредби (намерно или ненамерно е испуштено во изјавата) зависи од поддршката на пратениците на неговата партија. Хипотетички, треба прво тоа да се случи за да анализираме што ќе се случи потоа.
„Дури и да добиме гаранции за идентитетот“ – колку и да е во основа бизарно некој да ни го гарантира идентитетот бидејќи е вграден во самото наше постоење и себеопределување, на вакви барања на ВМРО ДПМНЕ е излезено во пресрет со Резолуција во германскиот Парламент, со последователни изјави на врвни европски лидери и функционери во ЕУ.
Настрана од ова и основачките акти на ЕУ (Договорот за ЕУ како Устав на ЕУ) и Повелбата за фундаменталните права на ЕУ, гарантираат право на себеопределување и упатуваат на етничкиот и јазичен диверзитет како фундаментална вредност на ЕУ. Дури и во Бугарија, иако анахроно си дозволуваат да лицитираат со нашата етногенеза вклучувајќи го и потеклото на македонскиот јазик (тоа ние со право го доживуваме како навреда, непризнавање па дури и говор на омраза), со исклучок на една радикална партија во подем, сите останати не си дозволуваат јавно да го спорат правото на себеопределување. Значи ја спорат етногенезата и можат да продложат да ја спорат како нивен колективен – државен став, но тоа спорење не може да биде основ за блокада на преговорите. Затоа и Бугарија даде правно – процедурално необврзувачка (за другите или ЕУ како целина) изјава по однос на македонскиот јазик.
По однос на идентитетот нема резонски основ за „дури ако“ бидејќи македонскиот јазик како најцврста идентитетска котва е во Фронтекс и во рамката си пишува дека правото на ЕУ ќе биде преведено на македонски јазик. При прием во ЕУ, јазикот за меѓународна употреба на новата држава членка е како што е уредено со нејзиниот Устав – а кај нас тоа е само македонскиот јазик и тој по автоматизам станува еден од јазиците на ЕУ. За да се промени оваа процедура треба консензус на сите ЕУ27.
И сега доаѓаме до најинтересното во оваа изјава, дека Договорот и поврзаните протоколи се ОПАСНОСТ од дополнително вето. Ако се опасност Мицкоски треба да објасни дали се опасност сама по себе и во целина, бидејќи Договорот е потпишан, а протоколите се оперативен инструмент за спроведување на Договор за пријателство, добрососедство и соработка (ДПДС) поврзан со работата на Меѓувладината македонско-бугарска комисија, предвиден со договорот. Ако Договорот и оперативните протоколи се ОПАСНОСТ сама по себе, Мицкоски треба јасно да се искаже дали е за повлекување од Договорот и да ги објасни придобивките и поврзаните ризици, односно можните последици. Ако само делови од Договорот и протоколите се ОПАСНОСТ, имајќи предвид дека овие билатерални акти имаат и развојна содржина со која се уредува широка мултисекторска соработка, тогаш треба да објасни кои се точно тие делови и во што се состои опасноста.
Да тргнеме од претпоставката дека резервите и стравувањата се првенствено поврзани со употребениот термин „заедничка историја“ и поврзаната работа на Комисијата за историско образовни прашања. Доколку се прочита Протоколот (а за жал многумина градат ставови и коментираат без да го прочитаат) ќе се осознае дека во него СЕ ОХРАБРУВА Комисијата да ги забрза своите активности во рамки на мандатот кој е уреден со ДПДС. Во Протоколот НЕМА содржина – нема наратив кој експлицитно се однесува на идентитетот на македонскиот народ, ниту пак со ДПДС или во двата протокола е предвидено да се разговара за идентитетот на македонскиот народ. Надоврзан на ова и фактот дека во преговарачката рамка НЕМА засебно поглавје кое би овозможило вградување на историско-идентитетски одредници. Бидејќи е така, а не поинаку, стравувањето од ОПАСНОСТ е хипотетичко односно претпоставено.
Јавно соопштен став на Владата на Северна Македонија е дека историските прашања треба да им бидат препуштени на историчарите во Комисијата, како експерти за таа проблематика, а притоа енергијата и сите напори на двете влади да се насочат кон динамизирање на економската и инфраструктурна соработка.
Што се однесува до Комисијата, таа носи одлуки со конзензус во рамки на група историчари и меѓу двете групи историчари. Ова е превентивен механизам за да се избегне мајоризација или подлегнување под нечиј притисок. Тоа е меѓународен стандард за работа на вакви тела. Бидејќи добрососедството е критериум за членство, но истовремено е и билатерална авенија, очекувањето е ДВЕТЕ страни да работат посветено и со добра воља, и да вложат мерливи и видливи напори за изнаоѓање на меѓусебно прифатливи решенија. Дали работата на Комисијата може да биде легитимен основ за вето, процедурално и само по себе НЕ, но основ за вето може самите да создадеме доколку создадеме ПЕРЦЕПЦИЈА дека тенденциозно не го спроведуваме Договорот и протоколите како целина. Субјективна перцепција на Бугарија дека не се исполнети нивни очекувања од работата на Комисијата не е легитимна основа за вето. Такво вето е процедурално можно со овој начин на одлучување во ЕУ, но ќе има цена за Бугарија.
Симплифицирана замена на сето она што го означуваме како „македонско“, било да се работи за историски настани или личности со „бугарско“ нема и не смее да се случи. Никој не смее да посегне по идентитетските котви на македонскиот народ. Од друга страна, треба да направиме заеднички цивилизациски напор и ние и во Бугарија, да ги прилагодиме нашите наративи кон стандардите на „Педагогијата за мир“ на Советот на Европа и на УНЕСКО. Да се заложиме за промоција на поврзани слободарски вредности и меѓусебно почитување и да ги опишеме лекциите од минатото на начин кој јасно и директно ги осудува причините за историските настани кои довеле до воени конфликти и нанеле огромни последици. Со цел да не се повторат.
Впрочем ЕУ е политичка унија формирана меѓуостанатото и со цел да се трансформираат непријателствата од минатото во пријателство и сојуз за иднината, од таа причина – претензии за еднострано „објективно право“ базирано на еднострано толкување на историјата не е европски пристап.
*Текстот е преземен од профилот на авторот на Фејсбук