Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Долга и мачна македонска несоница

И не е важно дали ќе звучи „многу Македонски“, важно е дека на Мицкоски некој друг му реши сè. И денес некој друг се обидува да му реши сè. Негово е само да прави бељи, кочи и негира сè што е постигнато во оваа земја за нецели седум години

Пишува: Ненад ЈОВАНОВИЌ         

Овие предизборни хистерии, лупетања, халуцинации, едноставно речено не се трпат. Тоа веројатно тргнува од некој природен човечки срам – а срамот е најдоброто нешто во луѓето, па сфаќаш дека некако почнува да ти се губи, додека со текот на времето не се претвори во своја спротивност, додека не помислиш дека „сè ти е дозволено“, дека стануваш некаков главен „Баја“ на кој можеш да им ги тумбаш животите на луѓето како тебе ќе ти ќефне, а Уставното име на државата од Северна да го нарекуваш „само Македонија“. Па, пријателе, можеш дома – оти дома си замислил дека сè ти е дозволено, надвор не можеш, затоа што таму има некои правила и некои конвенции за кои се ставило потпис, печат, лично име, личен интегритет и ако сакаш – личен идентитет. И не може тоа да го рушиш или виткаш преку колено.

Ги думам овие зборови откако го слушнав појавувањето на Христијан Мицкоски на ЕПП, поточно, некаде низ Брисел, Х.М. ни вели, или поточно ни велат неговите епигони дека бил претставен како „Мицкоски од Република Македонија“, што, се разбира, претставува одвратна лага. Христијан Мицкоски е претставен како лидер на ВМРО-ДПМНЕ од Република Северна Македонија. Кој сака да слушне и види, може тоа многу лесно да го направи само со неколку клика на глувчето од својот компјутер.

Но, на самиот почеток да го замислиме најпрво ова. Се викаш Христијан Мицкоски, година е 2018; во политичка смисла си никој и ништо, си лежиш дома на перница, гледаш некоја серија на Нетфликс, надвор врне-истура, а за тоа време некои луѓе ти го решаваат тридеценискиот спор со Грција. На среде филм твоја драга женичка ти вари кафе, чисто колку на пауза од филмот да се соземеш и продолжиш со гледање на возбудливата акциона драма. Уживаш неоптеретен, безодговорен, баш ти е гајле што некои други се препотуваат, мислат, мерат и премеруваат.

Ги отвораш очите после некое време откако сфаќаш дека пред самиот крај на филмот си задремал, а надвор слушаш кајшто лае кучето на Стаматовци, па некако благо се смешкаш на таа безначајна бесмислица од некој бивш живот. Ги отвораш очите и благо се sвериш во плафонот од собата што некој друг ти ја изградил, а тој што ја изградил, денес е проколнат и „протеран“, ама тоа не ти помага, затоа што ти си тука – во неговата куќа – во неговиот чуден рамничарски свет, па се прашуваш дали си ти тоа што лежи и се sвери во плафонот? Убаво чувствуваш, не те прима таа куќа, не те примаат ниту сокаците, сè те боде и „жуља“, никако да се „ухлебиш“.

После извесно време минат некои години, таквите ноќи се редат една-за-друга па исчезнуваат, ти се присторува страшно кајшто си се затекнал, а околу тебе се наоѓаат исти такви кои веќе поминале слични бдеења. Старото паметење за земјата станува сè повеќе сентиментална успомена на едно минато време кое беше грозно и одвратно, насилно и најблаго речено – лудачко; без употребна вредност, пасошот ти е во џебот – не дај боже да ти притреба – ама сè друго ти е дел од Новиот Живот. Единствено кое те притиска е тоа што чувствуваш дека си никој и ништо, и дека позади тебе – во политичка смисла – нема ништо. Тоа село, таа куќа, тие улици: сè е домашно, а сепак не е твое, како да ти исклизнува од рацете, ти паѓа, како стално да произведува некаков невидлив вишок кој ти исчезнува.

Од таквата меланхолија се раѓаат најчесто идеи – да речеме, децении старото село го промениш во нешто подобро и поубаво, нема што друго да биде; не е направено од злоба и пизма, туку од идеја дека со решени спорови, ти и твојата земја (или твоето село!) ќе живеете понормално и почевечки. Сфаќаш дека од симболика не се живее, туку од конкретни и важни работи за сите луѓе, а тоа е најпрво мир во себе за мир со соседите. Од тука почнува сè.

И не е важно дали ќе звучи „многу Македонски“, важно е дека на Мицкоски некој друг му реши сè. И денес некој друг се обидува да му реши сè. Негово е само да прави бељи, кочи и негира сè што е постигнато во оваа земја за нецели седум години. А од друга страна, нели, имате впечаток како сè тоа да е одвратно, и нефер, и мачно, и затоа сè тоа еднаш мора да застане и се вразуми. Да се подвлече црта и да се каже: па, по ѓаволите, луѓе – името „Северна“ е нешто кое ќе претставува подобро и поважно од тоа што беше претходно. Затоа што во варварство и насилство ја поништивме старата земја и држава. Зарем примерот со Груевски не нè научи на ништо?

Знам, долги се Македонските ноќи, ама и тие улици се некако поинакви, не велам подобри, велам поинакви, некои се движат низ нив, некои застануваат и се одмараат, циркулира животот, продолжува, се движи кон напред, сосема природно и можеби неоптеретено. Ама ако таквиот не може да го најде мирот во Скопје или Тетово, нема да го најде ниту во Белица, Припој, Осој, а уште помалку ќе го најде на големите конференции и симпозиуми низ „белиот свет“. (Фронтлајн)

Зачлени се на нашиот е-билтен