Идејата за заедничка резолуција со Бугарија е опасна заблуда

Барањето од Софија да го „признае“ нашето постоење е апсурдно, бидејќи тоа имплицира дека ние самите не сме доволно сигурни во сопствените корени и дека тоа е прашање на преговори.

Љубиша НИКОЛОВСКИ

Предлогот на премиерот Христијан Мицкоски и поранешниот министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, а меѓународно дистрибуиран од актуелниот министер Тимчо Муцунски за заедничка резолуција со Бугарија до Европскиот парламент, во која би се потврдил македонскиот јазик и идентитет, изгледа како обид за дипломатска иницијатива, но суштински е наивен и опасен. Македонскиот јазик и идентитет не се теми што се договараат на зелени маси, тие се историски и културни факти, зацврстени преку векови. Барањето од Софија да го „признае“ нашето постоење е апсурдно, бидејќи тоа имплицира дека ние самите не сме доволно сигурни во сопствените корени.

Како што нагласува академик Катича Ќулавкова, идентитетот е суштинска категорија што се темели на историска и културна меморија, а не на волјата на политичари или институции. Со ваква иницијатива, владата на Мицкоски не само што ја политизира темата, туку и го понижува македонскиот народ, ставајќи го во позиција да бара потврда од оние кои со децении го негираат.

Елка Јачева-Улчар јасно предупредува дека секој обид за документирање на идентитетот преку билатерални или заеднички декларации е опасен преседан. Таа потенцира дека јазикот не е монета за поткусурување, туку културно и историско наследство кое не бара ничија дозвола за да постои. Според Улчар, ваквата резолуција би ја потврдила бугарската теза дека македонската нација и јазик се политички конструкции, што е директно спротивно на научните факти и меѓународното право.

Проблемот е што ваквата иницијатива е всушност подарок за бугарската дипломатија. Наместо да добиеме европска гаранција за македонскиот идентитет, ризикуваме да создадеме правен и политички документ кој Бугарија ќе го користи како аргумент дека македонскиот идентитет е прашање за преговори.

Овој пристап го ослабува македонското преговарачко позиционирање и ги девалвира напорите на европските пратеници кои се бореа за јасна употреба на терминот „македонски јазик“. Токму затоа многумина сметаат дека се работи за дилетантизам, а не за дипломатска стратегија. Мицкоски во сослужение со МНР Муцунски го продаваат овој предлог како патриотска дипломатија, но дали навистина станува збор за искрена наивност или свесна политичка игра?

Со ваквите изјави тие го зацврстуваат националистичкиот вокабулар, ја подигаат евроскептичната реторика и ја шират тезата дека Европската унија е против Македонците, што можеби им носи дневно-политички поени, но ја уништува меѓународната позиција на државата.

Последното гласање во Европскиот парламент, каде што дури 461 пратеник гласаше против предлогот на известителот Томас Вајц во делот за „македонски јазик и идентитет“, е јасен сигнал дека Македонија не може да си дозволи луксуз на вакви политички експерименти. Напротив, потребна е сериозна стратегија и дипломатска координација, а не празни гестови кои ја даваат топката во рацете на Софија. Како што предупреди Ќулавкова, ова не е само политичка грешка, туку и национално понижување.

Македонија мора да биде активна и присутна во европските институции, да ја брани својата вистина директно, а не да бара посредници кои ја негираат. Затоа е време Мицкоски да реши дали сака да остане цврст во реториката со сите последици од изолацијата, или ќе се одважи да ја води Македонија со мудрост и со план кој ќе ја заштити нејзината иднина во Европа. Политички авантуризам од типот на „заедничка резолуција“ не ја штити македонската кауза, туку ја сведува на нешто што треба да се моли за признавање. А за тоа, ни ЕУ ни Бугарија немаат потреба да нè убедуваат – македонскиот јазик и идентитет постојат и без нивниот потпис.

Зачлени се на нашиот е-билтен