Информациите се бесплатни, но точноста на вестите веќе не е гаранција туку веројатност

информацијата

Информацијата не е бесплатна. Бесплатна е само за читателот. Некој секогаш плаќа: или преку реклами, или преку политичко влијание, или преку пад на стандарди.

Миле БОШЊАКОВСКИ

Кога започнав да го пишувам овој текст, добив миг на „дежа ву“ не во смисла на веќе видено, туку на веќе напишано. Така што, доколку се повторувам во некои мои поранешни јавно искажани ставови, разберете го тоа како конзистентност, а не како заборавеност. Ова е барање со доза на сарказам до вас,  благодарам.

Пораснав во време без интернет, а кога почнав професионално да се обликувам, интернетот веќе добиваше забрзан развој. Иако го фатив во неговите зачетоци, морам да бидам искрен дека не секогаш го следев адекватно. Развојот на каналите за комуникација беше секогаш поинтензивен и побрз од моите капацитети целосно да ги совладам тие вештини, за да го задржам степенот на квалитетен комуникатор.

Како се менувавме?

Денес, во 2026 година, е јасно дека преминот од класичното информативно новинарство кон интернет медиумите не беше само технолошка промена. Тоа беше промена на целата економија, култура и вредност на информацијата.

Во ерата на националните телевизии и печатените медиуми, информативниот систем беше ограничен. Имаше мал број центри на продукција: редакции, уредници, филтри, јасни стандарди. Информацијата имаше цена затоа што имаше трошок: новинарски труд, проверка, производство и дистрибуција. Приходите беа релативно стабилни – реклами, претплати, лиценци.

Со интернетот, а особено со социјалните мрежи, се смени сè. Информацијата стана инстант, масовна и достапна, но истовремено и драматично обезвреднета. Пазарот на примачи на информации, односно јавноста, се прошири, но приходите за создавање на информации се распаднаа. Телевизиите и весниците веќе одамна не се доминантни огласувачки платформи. Рекламните буџети се префрлија кон интернет платформите.

Глобалниот пазар на рекламирање расте, но најголемиот дел од новите приходи завршуваат кај дигиталните гиганти, не кај редакциите. Во таа распределба, медиумите произведуваат содржина, а Google и Meta го земаат најголемиот дел од рекламниот колач. Тоа е економскиот механизам што го објаснува падот на традиционалните медиуми: не исчезна публиката, исчезна приходот што ја финансира редакцијата.

Каде е проблемот? Во тоа што интернет медиумите не создадоа нов стабилен модел. Порталите ја направија информацијата бесплатна, а со тоа и публиката ја научија дека информацијата нема цена. Се создаде навика која е погрешна и од аспект на одржливост, и од аспект на квалитет. Парадоксот што го живееме е едноставен: никогаш немало повеќе вести, а никогаш немало помалку економија што ги одржува тие вести.

Тука доаѓаме и до квалитетот или до „неквалитетот“.

Во моето време, кога немаше интернет, доколку сакав да научам нешто ново, отварав енциклопедија вообичаено „Илустрирана енциклопедија на светот“. Два големи тома што поминале низ редакција, лектура и проверка. Маргината на грешка таму беше минимална.

Денес новите генерации отвораат Google. Не затоа што се мрзливи, туку затоа што тоа е новата навика.

Но Google не е енциклопедија. Тоа е пребарувач во океан од содржини со различен квалитет. Точноста не е гаранција, туку веројатност. Можеби не е прецизно да се каже „над 50% грешка“, но суштината е вистинита: количината не создава сигурност, туку хаос ако нема филтер и стандарди.

Рефлексијата на состојбите во Македонија има свои посебности и специфики кои не ни одат во прилог. Пазарот е мал, приходите ограничени, конкуренцијата огромна. И токму во таков систем сега доаѓа нова фаза: правната реалност.

Веќе извесен период работам проект и креирање на портал кој ќе покрива вести поврзани со комуникациите. Во последните две недели, кога работите влегуваат во завршна фаза, дојдов до информација дека поголем дел од актуелните интернет портали, и информативни, и лајфстајл добиле бран на емаилови со copyright claims, односно тужби и барања за отштета поради користење фотографии без лиценца.

За многу портали тоа е шок, затоа што цела една генерација интернет медиуми функционираше со идејата дека „сликата е само илустрација“. Но тоа не е правно одржливо. „Ја најдов на интернет“ повеќе не е одбрана, а медиумот носи одговорност.

Ова значи дека тоа што деновиве се случува во Македонија не е локална епизода, туку дел од европската правна нормализација на дигиталниот простор. Она што не го знаеме е: како ќе заврши?

Дали дел од порталите ќе затворат? Дали некои ќе имаат формално „рестартирање“ гасење правен субјект и отворање нов? Дел ќе се обидат да преживеат со минимален ризик, без фотографии или со евтини бази.

Вистинското прашање е колкав број ќе инвестираат во лиценци и сопствена продукција и ќе донесат квалитетна информација во целосна смисла на зборот. Веројатно малку. Зошто? Затоа што нема како да ги вратат тие вложени средства и да обезбедат пари за плати.

Информацијата не е бесплатна. Бесплатна е само за читателот. Некој секогаш плаќа: или преку реклами, или преку политичко влијание, или преку пад на стандарди.

Проценката како ќе заврши информативното новинарство на интернет би звучела вака:

Консолидација со мал број портали кои ќе имаат правна структура, лиценциран визуелен материјал, јасна редакција и модел на приходи. Дел ќе се префрлат на претплати. Дел ќе бидат поддржани од донатори и проекти. Голем дел ќе исчезнат.

Интернетот нема да умре како медиумски канал, но веројатно ги живее последните години од фазата „див запад“.

Зачлени се на нашиот е-билтен