Сите се тепаат за министри, мандатарот ја прошири владата толку што сега на секој десет граѓани ќе доаѓа по еден министер, а овој од Кавадарци сака да си ја гледа водата и лозјето
Пишува: Бранко ТРИЧКОВСКИ
Во конкуренција за вест на столетието имав неколку работи. Првата ми ја испрати мојот пријател, професорот Небојша Вилиќ, кој во своите истражувања открил дека филозофијата за Јин и Јанг во високите сфери на македонската политика, не може да даде добри резултати ако на Јин и Јанг не им се додаде и Јунг.
Веднаш го проследив неговото епохално откритие до високите инстанци на политичкиот шнајдерлак.
Луѓето од кланот на тагата беа воодушевени затоа што додатокот на Јунг ја шири зоната на нивните приватни права до непресметливи нивоа. Претседателката, да речеме, во оваа комбинација може да говори и за Македонија од три дела која пак ќе биде цела, па и уште послободни работи, затоа што за приватната сфера Јунг е како Цар ослободител, како бензин од илјада октани, а Јин и Јанг се елементи на хибридната памет на секој функционер кој во приватно својство ќе сака тивко да му се доближи и да му каже на својот народ дека не го заебал кога му ветувал поништување на сите договори со кои претходната власт ја размакедончила Македонија, туку само го рајцал односно дека само го спремал за ебачина.
Плус ќе може малку повеќе и послободно да ги позаебава комшиите.
А може и да ги смири.
Јунг има и такви моќи.
Да им шепне нешто волшебно на каучот или да им удри по една шлаканица на умислените и да им каже дека не е убаво да ги заебаваат своите гласачи, комшиите и светот.
Ете почитувани, тоа беше првата работа која сакав да ја прогласам за вест на столетието.
Втората беше дека Јанчев од Кавадарци паднал на колена и го замолил мандатарот да не го става министер оти како градоначалник може најмногу да придонесе за подобрување на животот на луѓето под новата власт предводена од вмро-дпмне.
Уф, јеботе, си реков, да не ни се слоши од толкаво подобрување на животот!?
Одамна не бев прочитал поважна вест.
Вест за саможртвата на еден човек во името на општото добро. Сите се тепаат за министри, мандатарот ја прошири владата толку што сега на секој десет граѓани ќе доаѓа по еден министер, а овој од Кавадарци сака да си ја гледа водата и лозјето. Плус го става во многу непријатна позиција идниот премиер кој пред некоја година не го бутна од лидерската позиција во вмро само поради ковидот и мерките против масовните собирања.
Ковидот усмрти многу луѓе, но Мицкота го спаси.
Каков к’смет за него и каква несреќа за Македонија.
На трето место е неверојатната внимателност со која мандатарот ги бира идните министри и заменици. Човекот вложува максимални напори да не му се протне некој не мерит тип и да му го сјебе целиот концепт за способни луѓе кои од Македонија за кратко време ќе направат лепота живленија при што, тоа е главната поента, Македонците ќе се стимулираат да работат уште помалку за да ја намалат емисијата на штетни гасови во атмосферата.
И така, почитувани, дојдов до една интересна вест која кај Македонците помина под радарот затоа што сите се туркаат во долги редови по своето парче гордост и својата пача Македонија кои им беа отуѓени за време на предавничката власт на сдсм и дуи.
Еве ја таа вест што успеав да ја извлечам од купиштата стравотии и смртоносности што секоја милисекунда ни ги набиваат во главите од кои мозокот се повлекува во правецот на газот.
Истражувачите од Универзитетот во Бристол тврдат дека нивоата на хидрохлорофлуоројаглероводород (HCFC) кои го уништуваат озонскиот омот и на тој начин го загрозуваат животот на земјата и го зголемуваат нивото на климатските промени, се смалува побргу отколку што се очекувало.
– Ова е голем светски успех. Гледаме дека работите одат во вистинска насока – изјавил Лук Вестерн од Универзитетот во Бристол, главен автор на студијата објавена во списанието Нејчер Клајмат Чејнџ.
Големиот пад на нивото на HCFC според Вестерн се должи на Монтреалскиот договор за испарувањата кои го оштетуваат озонот, но и на построгите национални закони направени во и за индустријата.
Како што гледате во конкуренција ставив само позитивни вести. Не сакав да турам ништо од богатата понуда со која нѐ чести мозочната импотенција на луѓето кои се конституираа како политичка фракција на црвената армија на власт.
Купете си неколку кутии сардини и месен нарезок, смрзнат ослич, брашно, сол, компир и нешто сув зарзават и чекајте го голден ејџот на Македонија, ако може цела, ако не, колку може, толку. (Фронтлајн)