Новиот Клинички центар во Скопје се планира да се гради во близина на базенот „Борис Трајковски“, а Владата во моментов разгледува две можни локации – на платото пред или зад базенот.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека се водат разговори за двете варијанти и дека наскоро треба да биде донесена конечна одлука.
„Тоа се двете можности за кои размислуваме и преговараме. Многу бргу ќе имаме конечно решение, а како сето тоа ќе биде интегрирано, допрва ќе носиме одлука“, рече Мицкоски.
Тој најави дека наскоро ќе бидат соопштени и повеќе детали за тоа како новиот Клинички центар ќе биде поврзан со Градската општа болница „8 Септември“.
Уште во јуни беше најавувано дека новиот комплекс би се градел на потегот од Спортскиот центар „Борис Трајковски“ кон болницата „8 Септември“, со можност двата здравствени комплекси да бидат поврзани и со подземна врска.
Конечната локација, изгледот на комплексот и начинот на интегрирање со постојните здравствени капацитети сè уште треба да бидат утврдени.

