Мерил Стрип и Кевин Клајн повторно ќе глумат заедно

Повеќе од четири децении по „Изборот на Софи“, Мерил Стрип и Кевин Клајн повторно ќе глумат заедно. Двајцата оскаровци ќе ја играат брачната двојка Ламберт во „Поправките“ (The Corrections), нова минисерија на Нетфликс според истоимениот роман на Џонатан Френзен.

За Клајн, „Изборот на Софи“ беше првата улога во долгометражен филм, а Стрип за својата улога во истиот филм го освои „Оскарот“ за најдобра главна женска улога. Во „Поправките“ тие ќе ги играат Инид и Алфред Ламберт, родители на три возрасни деца кои таа сака да ги собере на уште еден заеднички Божиќ.

Еден Божиќ што сите би го прескокнале

Инид е решена да го собере семејството во нивниот дом на американскиот Среден Запад, додека Алфред, човек навикнат да го има последниот збор, се соочува со деменција. За неа, празникот е можеби последна прилика сите да седнат на иста маса. Нејзините деца, пак, имаат свои причини да го одложуваат враќањето дома.

Најстариот син, Гери, се бори со симптоми на депресија. Чип останал без работа и се обидува да си го среди професионалниот живот, а Дениз е вплеткана во сложен љубовен однос. Секој од нив се обидува да изгради живот поинаков од оној на родителите, а празничната средба ги враќа во улогите од кои со години се обидуваат да излезат. Оттука доаѓа и црниот хумор на приказната.

Френзен самиот го адаптира романот, кој во 2001 година ја освои американската Национална награда за книга и се искачи на првото место на листата на бестселери на „Њујорк тајмс“. Режијата му е доверена на Корд Џеферсон, добитник на „Оскар“ за адаптираното сценарио на „Американска фикција“. Стрип е и извршна продуцентка на серијата.

Нетфликс засега ги потврди Стрип и Клајн во улогите на родителите. Датумот на премиерата сè уште не е објавен.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?