Европа подготвува тим за мировните разговори за Украина, Москва се противи на учеството на Каја Калас

проширувањето на ЕУ

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен оцени дека во последните недели се појавил нов замав во преговорите за мир во Украина. Таа најави дека европски тим ќе учествува во следната рунда разговори и нагласи дека економските санкции ги поткопуваат основите на руската воена машинерија.

Обраќајќи се пред пратениците во Европскиот парламент, Урсула фон дер Лајен истакна дека Русија плаќа сè повисока цена за војната во Украина и дека нејзината офанзива запрела. Според нејзините наводи, руските сили во изминатите два месеца загубиле повеќе територија отколку што освоиле, при што забележале околу 50 илјади жртви.

Претседателката на Европската комисија посочи дека рускиот претседател Владимир Путин не успева да ја скрши Украина на бојното поле, поради што се обидува да го скрши духот на населението со повеќе од илјада напади врз клучната инфраструктура од септември наваму. Таа додаде дека Европската унија ќе направи сè што може за постигнување мир преку дипломатија, максимална поддршка за Киев и засилен притисок врз Москва.

Во говорот во Стразбур, Фон дер Лајен наведе дека постојат сè повеќе показатели за влошување на состојбата во руската економија како резултат на западните санкции. Европската унија во понеделникот го најави новиот, 22. пакет санкции, со кој се опфаќаат дополнителни 60 руски банки, се забранува европски компании да развиваат и одржуваат руска инфраструктура и се воведува забрана за европски државјани да членуваат во управните одбори на руски претпријатија.

Таа прецизираше дека Европската унија од почетокот на војната ѝ обезбедила помош на Украина во износ од 235 милијарди евра, а за следната година се предвидени дополнителни 45 милијарди евра. Според најавите од Брисел, Украина ќе треба да ги врати овие средства дури откако Русија ќе ѝ исплати воена отштета.

Дел од европратениците за време на денешната расправа побараа Европа во преговорите да ја претставува високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас. Од друга страна, Москва го одбива нејзиното учество и порачува дека разговорите би пропаднале уште пред да започнат доколку Калас ја предводи европската страна.

Фон дер Лајен оцени дека Русија би покажала сериозна намера за преговори доколку прифати зимско примирје за нападите врз енергетската инфраструктура и овозможи непречен извоз на храна преку Црното Море. Новите дипломатски иницијативи се одвиваат паралелно со засилена воена ескалација меѓу двете земји и проширување на инцидентите во подрачјето на Медитеранот и Балтичкото Море.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?