Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Како си гласавме (фалш) така и си добивме (кич)

Неспорно е дека оваа наша парламентарна демократија функционира во еден бизарен систем во кој на власт доаѓаат само оние кои ем ќе се кандидираат за тоа, ем некоја „велична од гласачи“ ги избира

Пишува: Ненад ЈОВАНОВИЌ     

Додека низ „белиот свет“ ФБИ трага како од Британскиот музеј се исчезнати вредни антички предмети, овие наши „индигнадоси“ се определуваат за нешто помалку возбудливи пракси: сè уште немаат направено/родено/еклектички присобрано влада, а таквото оправдување го темелат на, „ги дефинираме нашите принципиелни и вредносни компоненти со коалиционите партнери“.

Неспорно е дека оваа наша парламентарна демократија функционира во еден бизарен систем во кој на власт доаѓаат само оние кои ем ќе се кандидираат за тоа, ем некоја „велична од гласачи“ ги избира. И најчесто ги бира масовно десните, популистички и авторитарни „перосни драматис“. Не е ни чудо, мислам тоа, дека ги бира таквите: можеби во некои поуредени земји постои реален замор од „владеење на институциите“, па ова им доаѓа како освежување –  масовно гласање за популистичка партија – некои тврди популисти кои со својата „тврда рака“ кончено ќе воведат „совршен“ ред во земјата? Тоа, се разбира, е обмана. Такво нешто ниту може, ниту е возможно, освен ако не живеете во Северна Кореја или сте дел од некое амазонско племе.

Туку, да се вратиме ние на нашите „индигнадоси“. Еве, масовно го гласаа Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Секоја чест, дечки, еве рака, и сега – „кај мо нам је за делати“? Поточно, знаев дека некоја ваква глупост ќе се случи, поточно, тоа што го очекував, тоа и си го добив. Имено, луѓе кои размислуваат за јавните работи не можат туку така да бидат рамнодушни спрема судбината на нивното опкружување.

Тоа што насушно, пак, ни треба, мора некако и да се докаже, од типот – „што е она кое ги доби овие избори“?, како што треба да се докаже и тоа – „нема да гласам за никој“, а треба да се објасни и тоа – „не сакам да гласам затоа што немам за кого да гласам“.

Имено, потребно е да се „маркира“ (идеал-типска) алтернатива, која очигледно е недостижна, па токму заради таа недостижност и гласањето стана „невозможно“, освен за онаа какофонична и еклектична десница наречена ВМРО-ДПМНЕ.

Ако таа алтернатива ја нема во сегашноста (сите тие се исти, сите тие нас нè изневериле, бла, бла, бла), тогаш таа алтернатива мора да биде на друго место? Добро, се поставува прашањето: каде е таа алтернатива и кое е тоа „друго место“?

Да речеме во иднината: еден убав и сончев ден, кога ќе ги набркаме овие (ќе ги казниме така што нема да гласаме), однекаде волшебно ќе се родат некои сосема нови, млади, способни, чесни, неискомпромитирани луѓе (кои се тука позади ќошето, и само чекаат ние да им го расчистиме теренот, нели?), и тогаш „Јас“ (и сите Ние) радосно ќе ги препознаеме и со гордост ќе гласаме за нив.

Ова што сега ви го опишав не само што не постои, ами е и најчесто користена техника за самозалажување, поточно, ова е една човечка мана со која се оперира со нешто кое е матно и апстрактно: тоа што нешто нема и еден ден ќе се случи, а нема препознатливо човечко лице, нешто со кое човек не може да се идентификува, претставува најголемата лага и обмана во политиката (и опкружувањето!). Затоа минатото е многу подобро и поупотребливо „за објаснување“.

Кажуваа луѓе во предизборието, „вреди да се гласа за Гордана Силјановска оти другите не вредат пет пари“. Опа, види, види, нешто конкретно! А оние од СДСМ? Аууу, за нив никако, никој од тамо не чини. Значи во СДСМ не вреди никој, а во ВМРО-ДПМНЕ вреди „младата“ и „полетна“ Гордана?

Сега ќе се обидам да објаснам, по малку дрско: ВМРО-ДПМНЕ е анти-институционална партија во основа. Нивната улога во политичкиот живот е да ги подрива институциите и да го држи населението во една перманентна, а „тивка војна“ – секој против секого. Така ги разградува институциите, политиката ја персонализира во еден човек, а керефеки од типот на името, идентитетот, јазикот, тоа се само димни бомби околу кои ја држи во перманентна мобилизација таа нивна фамозна партија. Така работи теророт на мнозинството кон малцинството. Тие имаат фиксирано гласачко тело од некои триста илјади гласачи. Не само што нема да признаваат институционално име на држава со име „Република Северна Македонија“, туку нема да признаат ништо што досега се сработи во оваа земја.

И таквото поведение од чисто политичко-партиска логика ним им носи голема корист, ама во основа е погубно за целото општество. Ги гледате тие кавги и тревожења прво од соседите, на пример со Грција и нејзините „предупредувачки ноти“ за ново можно вето и изолација на Македонија на Европскиот пат. Уште недојдени на власт, добиваме тешки конфликти со соседите за кои, пак, во минатото плативме голема цена.

Заев плати со својата политичка кариера за еден договор што претставува навистина државнички, и тоа во најдобра и најзначајна политичка смисла; веднаш после таа фамозна Преспа добивме и зачленување во НАТО, нешто кое го посакувавме со децении и беше прокламирано од сите политички партии во своите програми во минатото.

Немаше политичка партија во земјата која пред 2017 година немаше заложба за влез во Алијансата. Ама, нели, тоа го направи – или имаше храброст, поточно! – само една партија и еден лидер. И тоа не можете да го пребришете со пенкалце, како што не можете и да ги пребришете со пенкалце и големите империјални земји од Западот кои се гаранти на таквиот договор.

Но добро, како си гласавме, така и си добивме. И нема што тука многу да се објаснува. Ако немате за кого да гласате, секогаш може да ѝ се вратите на онаа ваша (и масовно изгласана) метафизичарка која нема појма ниту каде, ниту кој реално главата ѝ ја носи. А со тие одлуки ќе мора сите ние да живееме. (Фронтлајн)

Зачлени се на нашиот е-билтен