Какво образование денес, таква иднина утре

Кога еден млад човек е социјално и економски зајакнат, ќе има соодветни вештини за да ја дизајнира сопствената иднина, повеќе е веројатно дека ќе го заврши своето образование, ќе ги намалува здравствените ризици, ќе избегне експлоатација и секако поверојатно е дека ќе обезбеди оддржлива егзистенција.

Љуан ИМЕРИ

На една меѓународна конференција од областа на образованието, ни беа презентирани податоци за состојбата со образованието на децата и младите. Дознав дека 38% од децата во светот не го завршуваат основното образование, 67% на младите не се финансиски писмени а дури 55% од студентите кои завршуваат високо образование не се подготвени за работа (според работодавачите).

Значи многу деца во светот не го довршуваат основното образование. Младите имаат малку разбирање за парите. А дури и кога ќе го завршат своето образование, она што го учат често не е релевантно за она што го бараат работодавачите односно не се подготвени за работа. Како резултат на тоа, постојат сериозни предизвици за непречен премин од училишните/универзитетските клупи во соодветна работна позиција.

Светот се менува. Општо земено, децата и младите денес се пообразовани, дигитално по поврзани, имаат поголемо разбирање за нивните права од било кога до сега. Образованието го менува животот на сите луѓе низ светот, отворајќи можности и потенцијали за развој и промена. На децата им треба квалитетно образование кое ќе им помогне целосно да го искористат својот потенцијал и да ги зголемат шансите да станат среќни, здрави, успешни и корисни членови на општеството. Истовремено предизвиците се големи. Загрижуваат податоците дека во многу делови од светот децата се изложени на ризик да бидат принудени да работат, има извештаи за злоупотреба на детскиот труд и експлоатација, децата стапуваат рано во брак и раѓаат. Здравствените услуги не им се достапни а многу деца се заразени со ХИВ/СИДА.

Општ е заклучокот дека мора нешто да се направи. Образованието мора да се трансформира како одговор на глобалната криза во образованието, кризата во квалитетот, кризата во нееднаквоста и сеопфатноста. Несомнено е дека образованието бара голема национална посветеност и солидарност, и особено во време на многу предизвици образованието мора да биде на врвот на секоја политичка и општествена агенда. Сите мора на оваа криза да и го посветиме вниманието што го заслужува. Образованието дава можности, но денес, во многу случаи, образованието нè дели. Кризата во образованието бара од нас темелно да ја преиспитаме неговата цел и наставни програми. А многу е едноставно, образованието само треба да нè научи како да учиме, да нè научи како да живееме заедно, на нè научи да правиме и да нè научи да бидеме.

Веројатно мора повеќе да користат/прифатат новите технологии кои имаат потенцијал да ги зајакнат образовните системи и да го зголемат досегот и влијанието. Пристапот до мобилната технологија брзо ја трансформира нашата способност да допреме до повеќе деца и млади. На сите деца, без оглед на потеклото и способностите им требаат вештини што ќе им овозможат да ги користат своите знаења за да практикуваат здрави облици на однесување и да ги избегнат оние што се закана по нивното здравје и развој. Децата мора да се зајакнат и подготват за да се соочат со предизвиците на модерното време. И секако, мора да се инвестира многу повеќе во образованието. Инвестирање: повеќе, поправедно и поефикасно.

Истражувањата направени кај нас укажуваат дека во земјава се троши помалку за образование за разлика од просекот на меѓународно ниво, а и овој процент е во опаѓање. Нашата земја често е критикувана во годишните извештаи на Европската комисија кои напредокот во областа на образованието и културата го оценуваат како ограничен. Како резултат, меѓународните оценувања како ПИСА и др. со кои се оценуваат образовните системи покажуваат дека земјата не ја исполнува обврската да обезбеди квалитетно образование за сите деца. Всушност, резултатите низ годините не само што се слаби, туку и покажуваат дека квалитетот на образованието опаѓа. А, според Конвенцијата за правата на детето, секое дете има право на образование а децата треба да бидат поттикнати да одат на училиште до највисокото можно ниво. И не било какво образование, акцентот се ставава на квалитетно образование. Сите креатори на политики и меѓународни документи од областа водат кон тоа дека сите деца мораат да го уживаат правото на квалитетно образование.

Иако сите поважни чинители во нашата земја, од воведувањето на деветгодишното образование па до денес, прават обиди да се следат современите трендови во образованието, како и да се подигне квалитетот на наставата и учењето, од моја перспектива најхрабриот и најважен чекор е направен со новата Концепција за основно образование од 2021 година. Меѓу другото, дефинирањето на националните стандарди односно групирањето на компетенциите што треба да ги поседува секој ученик/ученичка по завршување на основното образование, каде што посебно се нагласува финансиската писменост, по мене е огромен чекор напред кој на секое дете ќе му овозможи да го достигне својот полн потенцијал и уште повеќе, ќе ги зајакне и оспособи децата во оваа сфера.

Во услови на пандемии и различни кризи, овие вештини се наметнаа какао клучни за преживување. Концептот на социјално и финансиско образование е моќна алатка која има потенцијал да им помогне на земјите да ги исполнат целите за оддржлив развој. Зајакнувањето е клучно а зајакнувањето доаѓа во многу форми. Понекогаш доволно е да се ​​биде во можност да се видат достапните можности и да се има знаење за тоа, понекогаш  да се донесат добри и соодветни одлуки, а понекогаш траба да им се помогне на децата да се изградат врз основа на нивните силни страни, да ги пронајдат своите вистински интереси и да им се покаже какви избори имаат во животот.

Кога еден млад човек е социјално и економски зајакнат, ќе има соодветни вештини за да ја дизајнира сопствената иднина, повеќе е веројатно дека ќе го заврши своето  образование, ќе ги намалува здравствените ризици, ќе избегне експлоатација и секако поверојатно е дека ќе обезбеди оддржлива егзистенција.

Во време кога целиот свет се дигитализира, размислува како да се унапреди и модернизира образованието, кога сите размислуваат како да ја направиме Европа по зелена и по дигитална, во време кога се соочуваме со некои од најголемите предизвици на нашата генерација, а нашиот успех во исполнувањето на нив ќе ја дефинира нашата иднина, ние имаме свој начин на реакција: ќе блокираме, протестираме против дигитализацијата, ќе поставиме неспособни и неписмени кадри и секако ќе ги намалиме инвестициите во образованието!?

Треба да знаете
Moже да ве интересира