Колку (не) се познаваме

Читаме различни книги и гледаме различни телевизии. Избегнуваме и да комуницираме на фејсбук – круговите на „пријатели“ многу малку ни се преклопуваат, ако воопшто. Градиме паралелни „наши“ светови. Едноставно не се познаваме.

Љуан ИМЕРИ

“Колку вие Албанците сте многу хомогени, се држите заедно. Алал да ви е. Така треба!

Види ги овие нашиве, очи ќе си извадат едни на други! За ништо не можеме да се договориме“, беа коментарите на една учесничка Македонка која ги упати кон друг учесник Албанец на една скорешна обука. Учесникот Албанец зачуден одговори дека всушност тој го мисли истото за Македонците, односно дека Македонците се многу хомогени и дека многу се држат заедно. И двајцата беа зачудени. Како е тоа можно?

Вакви и слични констатации имам слушнато безброј пати низ годините особено на повеќедневни обуки кога се среќаваат припадници од различни етнички заедници и откако ќе се создаде соодветна доверба помеѓу учесниците. И не само за односите помеѓу Албанците и Македонците, туку и Албанците и Србите, Србите и Хрватите… општо, ние имаме тенденција да мислиме дека „другите“ се многу по единствени и хомогени во нивните ставови, наспроти „нашата“група која секогаш е разединета и неединствена.  

Реалноста е дека ние не се познаваме. Албанците и Македонците сѐ помалку се познаваат и покрај сите напори на сите чинители од крајот на деведесеттите години до денеска. Имаме многу стереотипи и предрасуди едни за други. Некои веруваат дека Албанците и Македонците живеат во меѓусебна хармонија, ама политиката и политичките елити се тие што им ги комплицираат животите. Ова едноставно не е точно.

Поделеноста врз основа на етничката припадност постои а етноцентризмот кој се шири (и преку учебниците и наставните програми) е широко распространет. Учебниците наменети за настава на македонски и албански јазик низ годините промовираа етнички национализам. На часовите по историја многу често се прескокнуваа лекциите за „другиот“ народ. Не се вложува доволно труд за инклузија во образованието и постои сегрегација меѓу учениците од различни етнички групи. Учиме во различни училишта, а во ретки случаи кога мораме да учиме во ист објект тогаш учиме во различни смени. И ако учиме во иста смена, на одмори сме во различни делови од дворот. Учениците од различни етнички заедници сѐ помалку се дружат на училиште. Децата не се среќаваат, не комуницираат. Кога сепак комуницираат тогаш тоа најчесто го прават на англиски јазик. Академските заедници речиси и да не комуницираат меѓусебно. Младите не им веруваат на припадниците на други етнички заедници, не ги сакаат ниту како соседи.

Тенденција е да се спречи директен контакт посебно помеѓу учениците Албанци и Македонци, со образложение да се избегнат конфликти. Живееме едни покрај други. Ретко излегуваме на исти места. Читаме различни книги и гледаме различни телевизии. Избегнуваме и да комуницираме на фејсбук – круговите на „пријатели“ многу малку ни се преклопуваат, ако воопшто. Градиме паралелни „наши“ светови. Едноставно не се познаваме.

По повеќе од две децении од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор стана јасно дека политиките за унапредување на правата на етничките заедници не нужно мора да продуцираат и односи на соживот. А овој Договор и понатаму за едните претставува добра идеја и позитивен компромис додека за другите, Рамковниот е од старт лоша идеја во која не само што не се пронаоѓаат себе си, туку и го сметаат како причина за сите негативности кои се случуваат од денот на потпишувањето до сега, а веројатно и во иднина.

Не се идентификуваме со граѓанството, повеќе сме приврзани кон својот етникум. Не сакаме да учиме за „другите“ и со „другите“, не сакаме да го учиме нивниот јазик, ама сакаме другите да го познаваат нашиот јазик.

Оваа состојба сепак ја сметам и за личен пораз. Низ годините работам да го постигнам токму спротивното. Без на навлезам во тоа каде погрешивме, неминовно е сите да работиме на подобрување на состојбата. Развивањето на односите меѓу етничките заедници подразбира континуирано институционално и персонално вложување во капацитетите за интеркултурна комуникација и соработка меѓу граѓаните од различни заедници и институциите. Имплементацијата на мултикултурализмот во образованието е клучно за подобрување на меѓуетничките односи со што значително би се подобрил и квалитетот на образованието. Локалните власти и јавните институции мора активно да работат на промоција на мултикултурализмот на локално ниво. Мора да се подобри соработка со сите чинители на полето на промоција на мултикултурализмот, да се зголеми фреквенција и квалитетот на мултиетнички наставни и воннаставни активности, промоција на мултикултурализмот преку културата и секако соработка меѓу институциите и други локални чинители на полето на промоција на мултикултурализмот. Треба да се работи особено кај учебниците по историја и секаде каде што се зборува за етничките заедници со што би се елиминирал стравот од „другиот“ кај децата. Училиштата треба повеќе да работат на едукација, повеќе да зборуваат со учениците на овие теми, не само од аспект на културата и традицијата на различните етнички заедници туку и да ја организираат наставата на начин на кој учениците од различни етникуми би имале повеќе контакт, па оттаму, да работат на нивната интеграција, наместо само да ги сегрегираат. Да научат да соработуваат наместо да се натпреваруваат. Да научат дека интеракцијата ќе ги направи посвесни, помудри и побогати во духот.

Албанците и Македонците мора да градат заедничка иднина, истовремено мора да се соочат со минатото. Секој за себе треба да размисли што е тоа што треба да се промени во средината каде што мојот народ е во мнозинство, а што би претставувало чесен однос кон минатото и чекор кон помирување. Откако ќе решиме самите во рамки на својата етничка група, тогаш ќе треба да го прашаме и нашиот сосед, припадник на друга етничка заедница, дали има нешто да додаде? Само така ќе можеме да градиме заедничка иднина.

Не сум во право? Мислите дека се познаваме? Еве неколку прашања: колку од јазиците што ги зборуваат вашите сограѓани ги разбирате/зборувате? Колку книги од автори од друга етничка заедница имате прочитано? Колку нивни музички бендови познаете? Која ви е омилена песна? Кога последен пат сте биле на кафе или на настан од културата заедно? Што им зборувате на вашите деца за другите? И најважно, како мислите да живеете и работите заедно ако знаењето за „другите“ ви е базирано на стереотипите и предрасудите и, уште повеќе, ако не сте научиле меѓусебно да комуницирате.

Треба да знаете
Moже да ве интересира