Кој е мистериозниот Зоран Ристоски директор на МРТ конзул на Гвинеја

Македонската радио-телевизија доби нов директор, но јавноста не доби многу повеќе од име. Мистериозниот Ристоски како поранеше сопственик на маркетинг агенцијата Греј, нема никакво јавно достапна биографија ниту пак фотографии или јавно присувство. Неофицијално се поврзува како голем другар на премиерот Мицкоски но и уште повеќе како почесен конзул на држава која ниту е блиска на Македонија ниту пак има некаква дипломатска логика, Во државните записи е ставен како почесен конзул на Република Гвинеја.



Програмскиот совет на МРТ на 23 април го избра Зоран Ристоски за нов прв човек на јавниот сервис, по постапка во која, според официјалното соопштение, биле разгледани шест кандидатури, а програмите за работа биле оценувани анонимно, под шифра. Ристоски добил 12 од 13 гласови во Советот.

Но токму тука почнува суштинскиот проблем. Во официјалното соопштение на МРТ за изборот се објавени процедурата, формулацијата за „квалитет на програмата“ и трите општи очекувања од новиот директор, но не и негова биографија, не и негова професионална референца, не и фотографија.

За човек што треба да го води националниот јавен сервис, тоа не е технички пропуст, туку симптом. Дополнително, Здружението на новинарите во својот извештај нотира дека на веб-страницата на МРТ и онака тешко се наоѓаат информации за правилата на внатрешната организација и работењето на нејзините органи и тела.

Во јавноста за Ристоски најлесно се наоѓа една друга квалификација: дека доаѓа од маркетинг-бизнисот.

СДК го опишува како долгогодишен сопственик на маркетинг агенцијата „Греј ворлд вајд“, а истата линија ја повторуваат и дел од медиумските објави и политичките реакции.

Тоа не е безначајно, затоа што јавниот сервис не добива човек чиј јавен профил претходно бил врзан за МРТ, за редакциско водење, за јавна уредувачка визија или за видлива професионална биографија во самата куќа, туку човек за кого јавноста најмногу слуша дури по изборот.

Ристоски доаѓа на местото на Марјан Цветковски, кој беше на чело на МРТ од 2012 година и на функцијата остана 15 години. Тоа значи дека една иста директорска вертикала ја преживеа и ерата на Никола Груевски, и владеењето на СДСМ и ДУИ, и промената на власта во 2024 година.

Самата таа континуитетна линија е доволна да покаже дека во МРТ не се менувале системите, туку само партиите што се ределе над истиот систем.

Во истиот извештај се наведува дека нов Програмски совет бил избран во јули 2025 година, со што се затворил застој што траел уште од декември 2018 година. Тоа е период што ги опфаќа и годините на СДСМ и ДУИ и првата година од актуелната власт. Со други зборови, едните го оставија проблемот да скапува, другите влегоа во истиот простор за да го пополнат со свој избор.

И други извештаи ја даваат истата слика. ЗНМ нотира дека МРТ и натаму не е ослободена од системски политички влијанија, иако регулативата формално треба да ја штити независноста. Во истиот извештај се наведува дека во 2024 година не се направиле промени во внатрешната структура што требало да бидат дел од медиумските реформи, а како структурни форми на притисок се спомнуваат одложувањето на изборот на новите тела на МРТ и континуираното намалување на средствата за јавниот сервис.

„Метаморфозис“, пак, во својот сенков извештај наведува дека МРТ е под постојан политички притисок и финансиска нестабилност, што ја поткопува нејзината способност да биде непристрасен сервис во јавен интерес.

Проблемот, меѓутоа, не почнува со оваа власт и не завршува со неа. ВМРО-ДПМНЕ во минатото ја третираше МРТ како послушен државен екран.

СДСМ, кога дојде на власт, не ја ослободи, туку ја остави да тоне во половични реформи и во одложена автономија. Денешната власт не покажува знаци дека сака да ја направи МРТ вистински јавна, туку напротив, остава впечаток дека сака да ја стави под нова контрола, само со нови лица.

Така јавниот сервис од власт до власт не се демократизира, туку се прераспределува.

И затоа најважното прашање денес не е само кој е Зоран Ристоски. Поважно е зошто јавноста мора да го поставува тоа прашање дури откако човекот веќе е избран.

Во нормален јавен сервис, директорот треба да влезе со јавен интегритет, програма, биографија, професионален профил и отчетност. Во македонската реалност, тој влегува со соопштение, молк и партиска расправија. И токму во таа разлика се гледа најточната дијагноза на МРТ: не дека нема директор, туку дека сè уште нема вистински јавен сервис.

Зачлени се на нашиот е-билтен