Коцкарска илузија при малку степени на контакт

Наместо да дискутираме за содржината на поглавјата во претстојните преговори со ЕУ, што е, и природно, и вештачки интелигентно, двете опозициони партии и нивните медиумски труби ни го вртат вниманието кон сламени (strawman) националистички плашила.

Емилија ЦЕЛАКОСКА

Во една јавна научна комуникација, астрофизичарот Нил Де Грас Тајсон изрази протест зошто темната материја воопшто е наречена материја, кога не знаеме дали навистина е материја. Притоа, со придавката „темна“ само се нагласува немањето дефиниција на таа појава. Сака темелно да ја расчисти ситуацијата на ословување на нешто, додека тоа не добие добра дефиниција.

Што да кажеме ние овде, секој ден гледајќи елементарно игнорирање на нормалниот систем на знаење од страна на спин-докторите или блажените Данинг-Кругеровци „експерти“? При живи дефиниции, при скоро половина век познати процеси, процедури и состојби и при туѓо искуство (од други народи), овде намерно се шири вирус на слепило на значењата и на разликувања на работите како што навистина се разликуваат. Имаме комбинација од квазиполитички, антианалитички и псевдоновинарски влијателни дезинформатори-антиедукатори во етерот кои искривоколчено „заваруваат“ едно со друго сѐ што ќе им дојде згодно на рака. Наместо да дискутираме за содржината на поглавјата во претстојните преговори со ЕУ, што е, и природно, и вештачки интелигентно, двете опозициони партии и нивните медиумски труби ни го вртат вниманието кон сламени (strawman) националистички плашила.

Најсилен дел од причините за примањето на такво ѓубре (junk news), според мене, ќе остане „кембриџ“ (и следната слична) програма по математика во целото основно и средно образование, каде што множествата, операциите со нив, релациите, класификацијата на тие релации и поврзувањето на сето тоа со стандардната Булова логика се турнати во ќош, практично отстранети во секој чекор од детското и младешкото образование, на сметка на претварањето на дечињата во дигитрони.

Двоцифрен е бројот на генерации кои не можат да се потпрат на ваков цврст столб во своето расудување – нешто што до почетните години на овој век им беше овозможено на децата уште во прво и второ одделение и се вмрежуваше и во останатиот дел од образованието. На пример, кога ќе кажев „Сите А се Б“ порано се подразбираше дека може да има Б кои не се А. Или, пак, дека некои Б се А. Денес, во обичниот говор ова се подразбира само како А=Б, исклучиво. Се разминуваме во секојдневниот говор токму од такви причини. Повозрасните се улежија во неодговарањето кон помладите заради редукцијата на расудувањето.

Исто така, читанките по македонски јазик добија четива со страотно слаби поенти. Лектирите и многу четива се, или со чудни изрази, скоро архаичен јазик, или со неквалитетен превод како за деца, а и како избор – не се во духот на светот денес. Децата се изложени, практично, на неупотреблив шунд уште од прво одделение. Како да добиваат дресура по издржување здодевност, а не едукација.

Предрасудите, нагаѓањата и шематизирањата се умствено поевтини и позабавни. Добивате инстант „заклучок“ и навирање на допамин како да сте добиле на лото и не ви паѓа на памет да го преиспитувате тој „заклучок“, тоа е голема болка. Тоа го преболуваа сите третачиња порано. Денес, изгледа, само се боледува на возрасни години и намерно се плука лекот. Саморецензијата не се гледа, а рецензијата е обележана со друга дефиниција – како цензура. Така добивме чуден вид на слобода на говорот во која интензивно уживаат токму оние кои би им залепиле уста (богами, и затвориле тело!) на секој либерален, демократски свет како што веќе направија во груевизмот. Без рецензија. На оние кои се саморецензираат, „превентивно“ им е порачано од лепачите на етикети – никогаш и да не се јават.

Така, злоупотребувајќи ја слободата на говор, денес за Вистина конкурираат спин-докторирани реинтерпретации. За основа е земено – ако е од „власта“ – тогаш не чини, затоа што е власт (кружен аргумент). Требало борба против власта оти е власт и веднаш се симетризира истото за груевизмот кога бил власт. Без да се помисли дека можеби, груевизмот навистина не бил добар за граѓанството, а не дека тогашната опозиција го симнала од чиста мира. Со вака логички извалкани оправдувања денес непрестано летаат во етер фантазии за „предноста“ на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа оди нон-стоп како познатото нацистичко радио во Холандија во Втората светска војна, како континуирана експлицитна партиска кампања, вклучително со измислување „пророштва“ за број на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ на следните избори. Последно, тоа го базираа на реинтерпретација на делови од анкети.

Имаше и порано анкети со „репрезентативни“ примероци (жалам, ама смешно ја користат терминологијата, тоа воопшто не значи ништо слично на „полно со авторитет“ како што скриено сугерира) и тие резултати воопшто не се остварија како факт. Ниту пак резултатите значат силно изразени тежнеења на граѓанството при избор – „да“, „не“ и „не знам“, уште и на фелерично поставени прашања. Мислам, такви прашања гледавме меѓу Миле и Тошо во К-15 како хумор и сатира. Четирите по ред таканаречени „анкети“ од Брима-без-веб-страна и јавно поврзаната со ВМРО-ДПМНЕ „Конрад Аденауер“ не изгледа дека беа наменети за унапредување на демократските процеси во Македонија, напротив. Антианалитиката потоа си синтетизираше од нив „објаснување“ на „антиевропските состојби“, небаре се утврден факт, со типичниот мирис од антидржавниот наратив на ВМРО-ДПМНЕ (не е само антивладин). Некако како вежба, редовно, прво антивладино, па потоа на етничко ниво ни е „изџвакан“ тој наратив за да се здобиеме со специјална „свест“ на која страна „треба“ да бидеме. Не може да знаеме дали само наполнувањето на суетета на псевдоновинарите е доволна за маката толку вештачки да ги накалемат една до друга сите измислени приказни во корист на, документирано, најдезинформаторската партија во Европа – ВМРО-ДПМНЕ.

Изгледа не се разбираме ни што е опозиција. Дали е можно дека до таа мера си ги мијат мозоците за да сметаат дека „опозицијата е должна да напаѓа“ ? (Комуникација со член на Левица, но веројатно и приврзаници кон ВМРО-ДПМНЕ го сметаат истото). Значи, не ја земаат предвид содржината на тоа што го напаѓаат, туку актот на напаѓање го сметаат за должност?! Тогаш, штом едни предлагаат, а други кочат, ситуацијата се сведува на кочење, без оглед на содржината. Во тоа и се состои објавената екстремно ниска оценка за политичка култура, со ваквото штетно однесување кон граѓаните. Како кучиња пред месара. Зарем не е јасно дека и покрај дисјунктната законска разделеност меѓу власт и опозиција, тие заедно се една унија која е поставена во Парламентот да анализира кои политики се добри за граѓаните, а кои не, според содржина, а не според тоа чии се предлозите? Кои од политиките се во линија на соодветните нивни уверувања, барем, па да предлагаат поостри или поблаги мерки? Сега „работат“ како да варат ручек, а го држат копчето на исклучена рингла, наместо да расправаат дали на посилен или потивок оган да вари, зависно од состојките! Да не е затоа што на другата рингла тенџерето кое го рекламираат е празно?

Како тоа, на пример, за цената на лебот, од една страна во своето соопштение, чесно, според уверувањата, од Левица тврдеа дека „регулирањето е чекор напред во насока на заштита на граѓаните и нивниот стандард“, а од друга страна, Апасиев, како некаков десничарски, небаре пекарско-елитистички крт, ги издава со изјава дека регулаторот на цената („Владата на СДС и ДУИ“) му наштетува на народот („го остави народот без леб“)? Очигледно, слична е ситуацијата и со ЕУ – како тоа Левица експлицитно се повикува на членови од законите на ЕУ за трговска размена во кои се дозволуваат типични социјалистички алатки, а ваму, само Апасиев (и оние кои некритички слепо го следат) изјавува дека ЕУ им е „империјалистичка“, „фундаменталистичка“, итн., во линија на наци-шовинизмот на ВМРО-ДПМНЕ (кој, по дефиниција, не е својствен на социјалисти)? Значи Апасиев се додворува на ВМРО-ДПМНЕ, спротивно на идеолошките уверувања на Левица? Ова е надвор од секаков интегритет. Нека е и приморан неинтегритет, но Апасиев, лично, го спојува со намерниот неинтегритет на ВМРО-ДПМНЕ, кој пак им е потребен за враќање луѓе и имот од затвори и конфискации. Двојниот бенефит во неинтегритетот на Апасиев е што оттргнува демократски социјалисти по уверување да не случајно станат социјалдемократи (приказните дека се спротивни идеологии се смешни со оглед со кого се држат за рака) и воедно, во очекувања на преврат (заблуда на „кому му е редот“, небаре се тркала коцка) за и кај нив да капне нешто преку ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш и во тековнава ситуација, ако ЕУ како најпрво од сѐ од Македонија бара да воспостави антикорупциска регулатива, а ВМРО-ДПМНЕ и Левица кочат, значи им одговараат можностите за корупција во системот. Во најмала рака, не им е толку приоритетна антикорупцијата, тогаш. Помили им се националистичките мотиви, на слепа улица.

Секако, бидејќи и така ја живеат сопствената контрадикција, темата за корупција ја презентираат само за членови на власта, секоја од двете партии, на истиот опишан начин претходно – ВМРО-ДПМНЕ со дезинформации кои се утврдуваат неколку часа подоцна, а Левица, кои на збор се колнат дека биле „и против едни, и против други“ и блажено се преправаат дека немаат поим за локалните документирани обиди за корупција, а мислат дека ќе поентираат ако посочат поединци со нивната „дефиниција“ за корупција: Штом е од власта – специјално – централната, тогаш е корумпиран (кружната заблуда). Изнасилениот додаток за нивни „револуции“ потекнува од нешто обратно на ова – „ако не е од власта, тогаш не е корумпиран“. Ова е додадена заблуда на местото на контрапозиција на оригиналната заблуда, но двете заблуди не се поништиле, туку станале логичко ѓубре.

За да не одиме со „А вие“ (tu quoque) аргументот, а и со изменетото значење на корупцијата како труење на бунарот на сѐ и сите во врска  – дали со централната власт или со која било партија или со сосем друга страна, на исклучив начин, ми се чини дека може да сметаме за точно дека системот не е доволно „стегнат“ за да нема корупција. Тоа до милиметар го знаат сите партии кои биле на власт. Се поставува прашањето, дали намерата на луѓето во партиите кога се на власт е:

а) да го искористат системот не само поединечно, туку и за партијата, па тоа да стане стабилен партиски државен систем, или

б) да го „стегнат“ повеќе системот за да не може поединци лесно да го искористуваат, бидејќи таквите им го дестабилизираат владеењето. 

Мислам дека со груевизмот поминавме низ а). Има силни индиции, особено со тежнеењето за преговори со ЕУ, но и осуди за поединци од сопствените редови, дека сепак сега се случува б), што не исклучува дека сеуште има корумпирани поединци. Поважно е за граѓаните да има атмосфера во која корумпираните се срам за колективот и имаат порив да се скријат, наместо обратно. Можеби и не ни беа потребни прислушкуваните разговори за да видиме дека во груевизмот многу отворено се играше оро на „никој ништо не ти може…“ и ВМРО-ДПМНЕ посакува да го врати токму тоа за повторно да се одвива а).

Во ситуација и на а), и на б) кога и во ваков лабав, недоволно регулиран систем еден човек со функција ќе се обиде да се коцка со својот углед, треба да знае дека во Македонија сите сме поврзани најмногу до 4 степени на контакт, но во многу бранши (дури и повеќе слични бранши заедно), степените на контакт многу често не надминуваат ни три. А го знае Б, а Б го знае В најчесто, а само понекогаш е вклучен и Г. (*Формула: Колку степени на контакт просечно има една единка со другите единки од еден колектив, е количник од природниот логаритам на вкупниот број на луѓе во колективот и природниот логаритам од бројот на контакти по единка). Така што, леснотијата да најде „врска“ е правопропорционална со леснотијата да биде откриен во изигрувањето „паметност“. Илузијата дека може, затоа што други можеле, или пак, дека може затоа што во моментот други не го прават тоа, се коцкарска илузија, лажна психолошка предрасуда како после неколку „петки“ при фрлање паричка. Некои мислат ред е за „глава“, а некои – дека баш ќе биде „петка“. Така што, не може да бараме од А да се откаже од квалификации во браншата на Б, или да бара суд во друг град за да не го загрози угледот на Б во својот град, ако А и Б се роднини или пријатели. Но, може да бараме мериторност на процедурите за А и изземање на Б. Затоа и ни е неопходно, потребно ни е како лепче, продолжување на преговорите со ЕУ, за да имаме мериторност најмногу во судството, но и во сите институции, да го стегнеме системот со механизмите кои ЕУ ги нуди. Тогаш ќе се поправат и дискусиите во цело општество и нема да има потреба за реинтерпретирано нелогично ѓубре за да се дојде до предност, или да се изгазат пишаните и непишаните етички правила и да се плукне на интегритетот, и личен, и колективен за да се освои буџетот – месара, ниту ќе се формираат толку експлицитни немериторни кругови околу власта кои чекаат коска или фаул, ниту, пак,меѓупартиската компетиција ќе може да оди со празно тенџере како што, на пример, сега се неписмените ветувања зад виножитото – смешното барање за друга преговарачка Рамка, поништување договори итн.

Луѓе, какви бугаризации, какви трици.

Треба да знаете
Moже да ве интересира