Кога е жешко на политичката сцена, Мицкоски „испарува“

Мицкоски

Прашањето не е само каде е премиерот денес или претходните три дена. Прашањето е дали ова станува модел на владеење: гласен кога е удобно, невидлив кога е ризично.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Го видовте ли изминатите три дена премиерот Христијан Мицкоски? Го нема трет ден. Тишина.

За човек кој инаку има мислење за сѐ – од цената на лебот до геополитиката – ова не е вообичаено. Обично е прв на прес-конференција, прв на социјалните мрежи, прв во вербален дуел. Се кара со синдикати, им држи лекции на судии, ја прозива опозицијата по име и презиме. Омниприсутен е. Сѐ додека не стане жешко.

А сега е жешко.

По одлуката за домашен притвор на поранешниот вицепремиер Артан Груби, јавноста зовре. Груби – политичар со долг стаж и уште подолг список на контроверзии – доби мерка што многумина ја оценија како преседан за случаи поврзани со висока корупција. Наместо притвор зад решетки, домашен притвор. Наместо силна порака, тивка одлука.

И токму кога дебатата стана најгласна – кога се отвори прашањето дали постои политички договор, некаков „дил“ меѓу власта и Груби – премиерот исчезна од јавниот простор.

Ова не е првпат.

Шемата е препознатлива: кога темата носи ризик, кога може да отвори сомнеж или да создаде непријатни прашања, централната фигура се повлекува. Наместо него, во јавноста излегуваат „партиските војници“ – пратеници, портпароли, функционери од втор ред. Тие ја релативизираат темата, ја префрлаат вината, ја разводнуваат дебатата. Додека огнот гори, премиерот не е таму да го гаси – туку, очигледно, внимава да не изгори.

Во политиката, присуството е моќ. Но и отсуството е порака.

Кога премиерот молчи во момент на сериозна институционална и морална дилема, тој не е неутрален. Молкот станува став. Особено ако станува збор за случај што ја тестира вербата во борбата против корупцијата – клучно ветување со кое оваа власт дојде на позиција.

Ако нема договор – кажете дека нема.
Ако има принцип – бранете го јавно.
Ако одлуката е исклучиво на обвинителството или на судот, омилените цели за напад на Мицкоски, сега тој пропушта шанса уште еднаш да се истакне по ова прашање. Тоа не е својствено за него.

Но тридневна тишина од премиер кој вообичаено реагира за многу помалку, никако не моеже да биде случајност. Тоа личи на стратегија.

Исто така, прашањето не е само каде е премиерот денес или претходните три дена.
Прашањето е дали ова станува модел на владеење: гласен кога е удобно, невидлив кога е ризично.

Во демократија, лидерството не се мери според тоа колку често зборувате, туку кога зборувате. А најмногу се мери токму тогаш кога зборувањето демонстрира одговорност и кога е прифатен предизвик без разлика на политичката цена.

Зачлени се на нашиот е-билтен