Студиите го употребуваат терминот кој е особено модерен, дека професијата добива „хибридни“ обележја, дека се креира нова ера на јавни комуникации каде што нема повеќе граници и воспоставени правила и најчесто се користи термин „хибридно новинарство“.
Миле БОШЊАКОВСКИ
Веројатно ова е една од моите потешки колумни, бидејќи тешко ми е да бидам меѓу првите во Македонија кој треба да го каже ова погоре во насловот, но реалноста е таа. Новинарството е при крајот на постоењето во традиционалната смисла на зборот и сè што стои зад тој збор во означување на тоа што значи професијата новинар. Тешко ми е затоа што тоа професијата во која ја започнав кариерата и веројатно во себе си еден дел од мене останува засекогаш новинар без разлика на фактот дека никогаш целосно не се одалечив од комуникациските вештини.
Оваа трансформација на самата професија срамежливо се надѕира некаде со појавата на тоа што го нарекуваме „интернет“ или World Wide Web. Овозможената пристапност на секоја информација од година на година се олеснува кон секој човек, па така некаде во 2002/2003 се појавуваат веб-блогови, стануваат блогови, доаѓа до развој на форуми, од форумите се креира мIRC – мрежа каде што луѓе четуваат, следуваат MySpace, па Facebook, Twitter, таму некаде Viber, WhatsApp, па доаѓа Instagram, Snapchat, TikTok и продолжува кон многу спомнати и неспомнати, ама да не ја заборавиме видео платформата YouTube.
И, така доаѓаме до славната фраза „новинарството е умрено во 2025“. Се разбира, не е умрено, ама многу убаво ми легнаа зборовите на нашиот поранешен Реис, па морав да ги искористам. Простете за забуна.
Не е мртво, но дефинитивно не е како што беше и нема да биде, бидејќи веќе во земјите каде што академската мисла тече со подобра брзина од кај нас постојат и се прават кованици за името на новата професија. Кај нас дебатата за тоа уште не е ниту почната, но во САД и земјите на Европа западно од нас веќе постојат голем број студии кои ја поткрепуваат оваа моја хипотеза. Инаку за момент си помислив некоја минутка дека можеби сум првиот во свет, ама ете не сум бил и мојава идеја или размисла или хипотеза не била баш оригинална, постои во академските кругови и има повеќе студии за фактот и реалноста дека новинарството е во процес на трансформација како професија.
Студиите го употребуваат терминот кој е особено модерен, дека професијата добива „хибридни“ обележја, дека се креира нова ера на јавни комуникации каде што нема повеќе граници и воспоставени правила и најчесто се користи термин „хибридно новинарство“.
И, пред да утврдиме што тоа велат за новото новинарство по светските академски установи, да ја поминеме накратко лекцијата низ неколку примери. Тоа што е јасно е дека терминот новинарство во 2025 во светот и следствено во Македонија, после долги години, е премногу „тесен“ за во него да се вклопат јавните комуникации како општествено добро. Време е да се признае дека улогата на информирање на јавноста не ја вршат повеќе само редакциите, туку и подкастерите, инфлуенсерите, а гледаме дека и поранешни политичари, актуелни политичари, самите политички партии, но и корпорации, правни лица создаваат медиумски продукти. Голем дел од светските подкасти се сериозен медиумски канала за информирање на јавноста, а меѓу авторите постојат голем дел кои не потекнуваат од класичното новинарско образование, ни имаат одличен истражувачки и аналитички пристап.
Кај нас, на пример, одличен пример е адвокатот Јанаки Митревски, кој го има подкастот „Основано сомнение “. Типичен пример за ова што го пишувам. Имено, Јанаки има природен талент за комуникации и неговата професија е тесно поврзана со начинот на комуникација, односно лесниот говор, немањето трема се дел од состојките за секој успешен новинар. Но, на Јанаки тој природен талент очигледно му носи бенефит плус, така што неговиот подкаст, на пример, е одличен информативен производ иако авторот не е новинар. Тоа што Јанаки не е новинар не го намалува значењето и добриот медиумски производ кој тој го прави. Се разбира, дека во Македонија имаме одлични подкасти кои ги прават искусни и обучени новинари, но тие не се тема на колумнава, затоа не ги спомнувам.
На ова треба да се надоврзе дека постојат студии кои укажуваат дека младите генерации повеќе им веруваат на инфлуенсери отколку на вестите на телевизија и на тој начин јавното мислење веќе се креира на поинаков начин. Втор пример овде кој сакам да го наведам е војната во Украина. Имено, од самиот почеток и до ден-денеска главен и клучен канал за информации на граѓаните и за аналитичарите е апликацијата за комуникација Telegram, на која не важат класичните новинарски правила: нема уредници, нема задолжителна верификација.
Тука некаде, при крајот, доаѓа клучното прашање: Кој одговара за точноста на овие информации и што се случува со етиката?
Одговорот кој јас сакам да го кажам е дека овие промени се можност за нов импулс во комуникациските науки и овие промени отвораат простор за нови формати и еден вид прогрес на јавниот дискурс. Знам дека постојат и други одговори дека овие промени значат крај на новинарството со стандарди, етика и професионален статус. Совршено јасно е дека кога нема јасни правила се зголемува просторот за дезинформации и се губи довербата во медиумите. Од друга страна, сè ова е реалност во која живееме и таа нема да исчезне. Класичните новинари се и ќе останат столбот на етиката, но ќе ја делат сцената со нови играчи, нови правила. И, ова не треба да се гледа како опасност, туку како можност.
Колку повеќе новинари ги прифатат и практикуваат новите начини на комуникација, толку повеќе ќе го заземаат просторот со квалитет, а квалитетот носи стабилност. Во наредните шест месеци веројатно сосема ќе исчезне професијата монтажер бидејќи „ВИ“ станува се подобар и подобар во тој сегмен на телевизиската работа.
На крај – да, идејата дека „новата професија“ веќе постои е научно поддржана: многу истражувачи користат концепти како хибридно новинарство, хибридни медиумски системи, дигитално изворни медиуми и слично, и сите овие дефиниции се всушност само проширување на класичното новинарство.
Сепак, се уште не постои еден универзално прифатен нов термин кој ќе го замени терминот „новинарство“. Постојат предлози, има дискусии, но нема консолидирана, широко призната алтернатива.
Така што, очекувајте го и мојот подкаст наскоро на тема „Комуникации“ и сè поврзано со нив!