Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Легитимно е да се биде горд на предците, но многу е подобро тие да бидат горди на вас

Лидерот на Шпанската социјалистичка работничка партија (PSOE) Педро Санчез
Лидерот на Шпанската социјалистичка работничка партија (PSOE) Педро Санчез

Благодарение на членството во Европската Унија и пристапот до Структурните фондови, како и благодарение на иновациите и креативноста, вложувањето во технологија, туризам и обновливи извори на енергија, ја позиционираа Шпанија како една од водечките економии во Европа и една од 24-те потполни демократии во светот.

Андреја СТОЈКОВСКИ

Пред речиси 20 години, дури ги завршував постдипломските студии по Право на Европската Унија, на Универзитетот Карлос III во Мадрид, моите драги колеги мотивирани од потребата да ја одбележат годината за секој од нас, на разделба ме именуваа за “El más Español del Máster” или најголемиот хиспанофил од студиите. Да бидам појасен, речиси две третини од групата беа Шпанци. Оттаму, оваа „титула“ секогаш сум ја истакнувал со особена гордост.

Шпанија поседува огромна историја и културно наследство кое го негува за сопствените граѓани и туристите кои во огромен број ја посетуваат. Во исто време, државата вложува огромни напори и средства во иновации и современи технологии обезбедувајќи напредок за своите граѓани. Напредокот го гарантираат и политичките лидери кои на граѓаните им нудат можност да го препознаат прогресот и напредните политики кои ќе ги носат во иднината. Доволно е да се каже дека Шпанија беше сурова диктатура во која се казнуваше различното, а слободата на мисла и искажувањето на мислата беше толкувано според блискоста на „прекршителот“ со каудиљото*. Франциско Франко починал во 1975 година, а во 1978 година, шпанскиот парламент го усвоил демократскиот устав на државата. Денес, според Индексот на демократијата на угледниот Економист, Шпанија е една од 24-те потполни демократии во светот. Не е тешко да се вљубиш во Шпанија денес.

Има многу причини за оваа релативно куса трансформација на Шпанија: големата и разновидна територија, долгиот морски брег, излезот на едно море и еден океан, големите количества ресурси и природни богатства, чувството за државност, итн. Сепак има една причина која можеби е тешко за сите да ја идентификуваат, но мене ми отсекогаш ми оставала силен впечаток, а тоа посветеноста на самите Шпанци, нивниот порив кој не им дозволува да го остават општеството во културна и секаков друг тип на деградација поради лична неодговорност. Оваа нишка во моралниот кодекс на Шпанците најдобро ја опишал Хозе Ортега и Гасет кога рекол: “Многу е легитимно да се чувствувате горди на вашите предци, иако подобро е да им оддадете почит, а тие да бидат горди на вас.“

Ортега и Гасет починал во 1955 година, речиси две децении пред враќањето на демократијата, но со својата философија го нацртал патот на демократската транзиција и економскиот развој на Шпанија. Во овој процес од речиси 5 децении, Шпанците покажаа дека е можна изградбата на нови вредности и демократска култура, почитувајќи ја нивната култура и предците, но вложувајќи се во создавањето на стабилна и просперитетна нација.

Благодарение на членството во Европската Унија и пристапот до Структурните фондови, како и благодарение на иновациите и креативноста, вложувањето во технологија, туризам и обновливи извори на енергија ја позиционираа Шпанија како една од водечките економии во Европа. Демократската трансформација го демонстрира и значењето на етиката и лидерството во тежнеењето кон подобра иднина. Адолфо Суарез во периодот на транзицијата, Фелипе Гонзалез во периодот на пристапувањето во НАТО, Педро Санчез во периодот на пандемијата и политичката поларизација, се пример за лидерство кои покажува дека успехот на Шпанија е резултат на колективната волја и напорите на нејзините граѓани да создадат општество кое не само што го цени своето историско наследство, туку активно работат на неговото подобрување и модернизација. Шпанците на повеќе избори до сега, но на овие од јули 2023 година особено, беа пример за таа посветеност и колективна волја да создадат прогресивно, подобро и модерно општество.

Македонските граѓани треба да научат од Шпанците и да излезат на изборите. Бидејќи општеството се менува низ учество, минатото се почитува, а иднината се гради. Неучеството во изборниот процес носи огромен ризик по демократијата, развојот, иднината на државата.

За Северна Македонија годинешниве избори треба да бидат таков пример. Пример во кој граѓаните ќе покажат колективна волја за прогресивно, подобро и модерно општество, но и колективна свест да проценат и да разликуваат помеѓу различните понуди. Оваа пролет, изборите ќе бидат есенцијални за иднината на државата. Од повеќе причини, но, особено во контекст на нејзината европска интеграција. Повеќе од две третини од нашите граѓани сметаат дека членството во Европската Унија е најдобра опција за државава. За нив ЕУ е синоним и можност за економски развој и нови работни места, гарант за владеењето на правото и почитувањето на човековите права, како и партнер во борбата за транспарентност и одговорност. За нив, но и за сите наши граѓани патот до членството во Европската Унија е јасен. Тој минува низ уставните измени и вклучувањето на деловите од бугарската, хрватската и црногорската заедница во листата на конститутивни народи. Така пишува во Преговарачката рамка која ја усвои Советот на ЕУ, а таа не се менува. Оттаму, кандидатите и политичките партии мора да презентираат јасни и конкретни планови за тоа како планираат да го продолжат пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија – усвојување на уставните амандмани во првите три месеци од конституирањето на новото Собрание.

Од другата страна, граѓаните… Тие треба да научат од Шпанците и да излезат на изборите. Бидејќи општеството се менува низ учество, минатото се почитува, а иднината се гради. Неучеството во изборниот процес носи огромен ризик по демократијата, развојот, иднината на државата.

* Каудиљо или на шпански Caudillo била официјалната титула на диктаторот Франциско Франко, а потекнува од латинскиот термин capitellum што е деминутивната форма на caput или capitis, односно глава, што води во тоа дека титулата означува Главатар.

Moже да ве интересира