Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Љубовта ќе нè растргне

Грешката не е толку во политичарите – иако мнозински се погрешни – колку во народот кој сопствените интереси ги подредува на емоции. И уште со тоа и се гордее

Пишува: Ненад ЈОВАНОВИЌ

Насловот на оваа колумна „Love will tear us apart“ го позајмив од оној британски рок бенд со име Joy Division, чисто само како увертира во тоа „што има ново“!

A новото е, имено, оној што побегна во Будимпешта од „народот свој“, го знаете сите, името да не му го спомнувам, напишал втора книга, или трета, кој ќе го знае. Насловот го (пре)крстил со (или се работи за една книга во „три работни наслови?“) „Будипештански записи“. Прво, помислив, грешна ми душа, се работи за виц, а не бев мрзлив и се оддадов на „истражувачко новинарство“, кога вака – јебо ме бог – Грујо стварно се распишал. Нека, ако, поарно да пишува отколку да се врати, па да гони, апси и прислушува, така си реков, чесна пионерска. А сигурен сум дека има и „писмен“ свет што ќе го чита во новата читанка. А ние да се вратиме на нашите карактери.

Марксистички гледано – а јас сакам некои работи марксистички да ги набљудувам – Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ во оваа земја е историска нужност. Да не речам „врвот на катастрофалната македонска државност“. Тоа што има луѓе кои се „далдисани“ за таквата „македонска државност“, зачинета со „двојни (бугарски) пасоши“ (Боже, прости ми, за малку не реков „дупли играчи“, ама тоа не е мој проблем!). А зошто е „нужност“, ќе се обидам да објаснам во зборовите кои следат подолу.

Нам ни се чини – а во таквото дресирање нè убедуваат за да ни се чини – македонската историја почнува од крајот на завршувањето на изборите. Сè пред тие избори – без разлика кој ѝ „убедливо да ги добие“ – се опишува како мрачно минато исполнето со пљачки, назаконитости и пустош. Чесно да си речеме, добитниците на тие избори нема да погрешат; нивните претходници беа – со мало претерување – вајстина работеа сè што може да им се стави на душа.

Нашата (граѓанска!) неволја се состои во тоа што „повеќе од убедливо“ добитниците на следните избори истото ќе го речат за новопечените губитници и – како своевремени губитници – исто така нема да погрешат.

Некој сега со право ќе ми рече: па, добро, море, црни Ненаде, како нам ни се паѓа последниве 30 години да гласаме за „осведочени поштењачини“ кои, штом изборите ќе „прднат во чабар“, се претвараат во издувани пљачкаши и криминалци? Тоа е така, драги мои, затоа што државните работи во земјата Македонија – од чисто занаетчиска перспектива – не се водат законски и во складот на разумот, туку се темелат на емоции.

И наместо да ја владеат државата и го почитуваат законот, тие неа ја сакаат. Да не речам „ја љубат“. Што, од друга страна, „нè љубат и нас“, да не речам „многу нè љубат нас граѓаните“. Нè љубат толку многу додека не почнат да нè тужат, апсат, клеветат и денунцираат низ разните канцeларии на УДБА. Но, да го оставиме ние сега тоа по страна, и да се вратиме на љубовта, а УДБА нека си ја брка својата работа.

Оној восклик (се сеќавате?), „Николааа, Николчеее…“ или оној восклик (верувам се сеќавате?), „Го сакам Мицкоски повеќе од жена ми“, претставува еклатантен пример на политичка емоција. И секој следен Груевски е еклатантен пример на оној претходниот. Само што таквите работи „вмроовците“ ги прават рустикално, неталентирано и без политичка смисла. Класично испразни пораки без политичка содржина во себе, како најобичен „прдеж во чабар“.

Логички се чини дека нашите „државотворни емотивци“ се опкружуваат со луѓе кои ги љубат, поточно најчесто се опкружуваат со луѓе кои се најобични пајташи – за малку не реков кумови и слична роднина.

Сè ова би било во ред, да не би биле „вечните македонски поделби“. Никако не ни тргнува од рака да се заљубиме сите заедно во еден „државник“ и Господ да нè види. Ако на едната чаршија едниот „државник“ не и се допаѓа, дел од Македонија не работи на следните избори да го тргне, и да го замени со некој што ќе постапува според законите, туку почнува да го мрази и на следните избори гласа за оној што во меѓувреме ќе се заљуби.

Од погоре напишаното, грешката не е толку во политичарите – иако мнозински се погрешни – колку во народот кој сопствените интереси ги подредува на емоции. И уште со тоа и се гордее. Рационалното гласачко тело – по сила на крајна нужда – довербата ќе им ја даде на рационалните политичари, а не на масовните љубовници, а политичарите би требало – кога реално повеќе не се занимаваат со Груевски, а би требало, чисто како најлуд пример за земјата Македонија – здушно граѓаните би ги хушкале на рационалност. А тоа е: Европа, владеење на право и слобода.

А што се однесува до љубовта, тукa ќе мора да го цитирам не нашиот новепечен писател од Будимпешта, ами брилијантниот Бранко Чопиќ, човекот што ја измисли љубовта: „Љубовта ја измислија оние кои не планираат да платат“, вели Бранко. (Фронтлајн)

Зачлени се на нашиот е-билтен