Македонија е точно таму каде што е и нејзината демократска зрелост

Со лажење, омраза и популизам долгорочно нашиот лифт никогаш нема да функционира, а нашиот влез секогаш ќе биде на работ на депонија.

Миле БОШЊАКОВСКИ

Политичарите во Македонија не се доселеници од „Марс“, тие се нашите комшии со кои се возиме во лифт наутро, родители на другарче на вашето дете во градинка или училиште, понекогаш братучед – прв, втор или трет, инфлуенсер од влезот спроти вашиот, ќерката на локалниот месар и слично. Така што кога зборуваме за нив пред кооперација, на слави, на родендени, во кафана, онака неврзано, имајте предвид дека на некој начин и вие „сте – тие“!

Одржувањето на зградите во Македонија и функционирањето на куќните совети во голема мера ја отсликува и генералната слика на нашето општество на државно-институционално ниво. Имено, ретки се куќните совети кои функционираат перфектно, барем во Скопје. Секогаш е подобро некој друг да ти мисли на проблемите со одржување на хигиената, техничката поддршка и останатото – и затоа се појавија приватни компании кои ги нудат тие услуги. Тие често работат подомаќински од самите домаќини, затоа што домаќините не можат доволно да се самоорганизираат за подобро да живеат. Така е и со државата – ние не се почитуваме доволно меѓу себе за да се организираме сами и да живееме подобро!

Локалните избори 2025 се шанса, но и секои избори се шанса да се изберат најдобрите меѓу нас, оние кои имаат вештини и капацитети да направат разлика. И овде доаѓаме до комуникацијата како основна алатка – за да слушнеме, да научиме кој што кажува, кој како размислува. А сепак, феноменот е дека во општества во кои демократијата нема долга традиција, политичката комуникација има различни стандарди од оние каде што таа се практикува подолго време.

Македонија овој октомври гласа за подобар живот во локалните средини. Темите со кои се соочуваме се основните: дали е доволно чисто, дали е воопшто чисто, дали имаме градинки за децата, дали имаме безбедни улици, пристапни услуги и сервиси? И, покрај тоа што со ова се соочуваме секојдневно, овие не се темите на нашата политичка комуникација.

Што е тоа политичка комуникација?

Едноставно – тоа е процес во кој политичарите, здружени во политички субјекти, разменуваат пораки и информации со медиумите и граѓаните. Квалитетот на политичката комуникација го одредува степенот на демократската зрелост во секое општество.

Или, во зрелите демократии каде што изборите се одржуваат долги децении, политичката комуникација е отворена, транспарентна, а многу важна компонента е и одговорноста преку отчетност. Ова е, да кажеме, врвот на зрелоста на едно општество!

Наспроти тоа, во демократиите кои се во развој, политичката комуникација често се состои од манипулација, пропаганда и партиска реторика без реална содржина. Во овие ситуации зборовите губат значење и се отвора спирала на бесконечни лаги.

Улогата на медиумите и граѓаните

Исклучително важна е позицијата на медиумите. И повторно, разликата меѓу зрелите демократии и оние во развој е видлива и јасна. Во старите демократии постои поимот дека медиумите се „четврта власт“. Во земјите каде што демократијата е во развој, медиумите често се само алатка за политичка манипулација.

Мораме тука некаде во мозаикот да ги спомнеме и главните актери во целава игра – граѓаните. Комуникацијата не е еднонасочна улица и граѓаните во развиените демократии активно учествуваат во размена на идеи и креирање политики. Јавните дебати не треба да бидат само формалност за да се помине ДУП-от. Дебатите треба да бидат вистинско споделување информации кое ќе креира критички елементи што ќе се чујат во таа дебата. Само на овој начин политичката комуникација ќе придонесе кон унапредување на демократијата.

Многу често, додека бев и самиот политички активен, на средбите со претставници на меѓународни институции ни беше посочувано дека најголемиот дел од одговорноста за развојот на нашата држава е наша одговорност. Истиот став го споделував и тогаш, а го мислам и сега – целосно е наша одговорност и ничија друга на кој комшија ќе му ја дадеме довербата да го води мојот/нашиот куќен совет!

Да не бидам досаден, ќе дополнам само она што сите го знаете – со лажење, омраза и популизам долгорочно нашиот лифт никогаш нема да функционира, а нашиот влез секогаш ќе биде на работ на депонија.

Или, за крај – нашата држава е точно таму каде што е и нејзината зрелост во демократска смисла. Натпреварот кој ја сака повеќе треба да биде во насока на развој на плурализам, подготвеност за носење информирани одлуки и дијалог наместо монолог. Само тоа ќе донесе институционална стабилност и демократска зрелост.

Зачлени се на нашиот е-билтен