Условите за еднаквост и слобода не се „природно“ дадени, општеството мора активно да ги создава овие идеали или неизбежно ќе стане жртва на ирационалност, предрасуди и угнетување. Стремежот кон вистината е една од основните етички насоки, а почитувањето на вистината е најважната задача на секој човек.
Љуан ИМЕРИ
Многу одамна во еден град се појавил слон. Никој не знаел што е тоа. Во градот имало шест слепи мудреци па веднаш ги повикале да кажат што е тоа. Дошле слепите мудреци, се доближиле, го пипкале, го пипкале… Едниот го допрел увото на слонот, другиот опашка, забите, сурлата, ногата… Слонот заминал, а мудреците останале да за да кажат што е тоа. Мудрецот што допрел еден од забите рекол дека слонот е како копје, другиот кој ја допрел опашката тврдел дека слонот е како јаже, третиот што ја допрел сурлата ги убедувал другите дека слонот е како змија, мудрецот што ја допрел ногата тврдел дека слонот е како дрво, тој што го допрел увото тврдел дека е слонот е како лепеза а последниот што го допрел неговото тело тврдел дека слонот е како ѕид. Мудреците почнале да се расправаат и да се борат за своето тврдење. Лепеза! Дрво! Јаже! Змија! Копје! Ѕид! Секој бил убеден дека ја знае вистината. Сепак, никогаш не се согласија како изгледа слонот.
Дали ја кажале вистината? Дали некој лаже?
Оваа приказна која потекнува од Индија, каде што параболата била широко распространета, нè тера да размислуваме како понекогаш работите не се ниту вистинити ниту лажни, едноставно можат да постојат различни перспективи од вашите, што може да бидат толку вистинити како оние што ние ги браниме. Самите често имаме тенденција да тврдиме дека ја знаеме вистината врз основа на нашето искуство кое (речиси секогаш) е ограничено и субјективно а ги игнорираме ограничените и субјективни искуства на другите луѓе кои можат да бидат подеднакво вистинити. Понекогаш, иако нечие субјективно искуство и мислење може да бидат вистинити, тие може да бидат ограничени поради недоволното сеопфатно знаење односно немањето на холистички пристап кон одреден проблем.
Параболата за слепите мудреци и слонот илустрира како нашите индивидуални перцепции може да доведат до погрешна комуникација и конфликт, но не само тоа, уште повеќе до многу погрешни одлуки во животот.
Симболиката на слонот не е случајна. Во многу култури слоновите симболизираат здравје, сила и среќа и се смета дека промовираат духовна благосостојба во секојдневен живот. Ниту симболиката на мудреците не е случајна. Веројатно секој од нас барем еднаш бил во улогата на овие мудреци.
Тука, не можам, а да не го спомнам и расказот на Орвел „Убивањето слон“ кога слонот по здобиените рани со часови сè уште стои на нозе и не се предава. Главниот лик во расказот знае дека мора да пука во слонот иако тоа е погрешно, знае дека тоа е битка на Давид и Голијат, но сепак со секој нареден куршум ја убива вистината. Продолжува да пука иако тоа е против неговите лични убедувања и вредности и уште повеќе, знае дека пука во своите убедувања и вредности, пука во себе.
Често и ние а особено луѓето што се бават со политика во нашата земја, знаат дека нешто што прават не е добро, не ја кажуваат вистината или се фокусираат на едни факти кои им одат во прилог, а ги игнорираат другите факти, манипулираат и нè доведуваат во заблуда да донесеме погрешни одлуки. Знаат дека тоа нешто е погрешно а сепак продолжуваат. Тие се убедени дека „невидливата рака“ на Адам Смит која е впрочем многу видлива во пазарната економија не ги засега и нив. Мислат дека се доволно заштитени „меѓу своите“ и „со своите“ и нивното манипулирање со вистината ќе помине незабележано. Нивното неодговорно однесување придонесува уште повеќе кон дискриминација, расизам, експлоатација, насилство и многу повеќе. Забораваат дека сепак поединецот, како „мерило за се“ одлучува за вредностите што ќе ги цени, за патиштата што ќе ги следи или за системот што ќе го прифати.
Тие се убедени дека ја играат главната улога во општеството. Но, ние понекогаш само навидум ја играме главната улога во претставата, а во суштина ние сме неважни статисти туркани и водени од толпата зад нас. Играме за да ја одушевиме публиката според нејзините правила на игра. Условите за еднаквост и слобода не се „природно“ дадени, општеството мора активно да ги создава овие идеали или неизбежно ќе стане жртва на ирационалност, предрасуди и угнетување. Стремежот кон вистината е една од основните етички насоки, а почитувањето на вистината е најважната задача на секој човек.