Мицкоски Модернио

Фото: Мета.мк
Фото: Мета.мк

И после најновата хаварија на нашата дипломатија, кога за „влакно“ е избегната катастрофлен амандман на сестринските партии на ВМРО-ДПМНЕ, пред „македонски јазик“ да се додаде „модерен“, на Мицкоски не му текнува да си го стави прстот на чело и да се праша кој пат го фатил.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Се зборува дека во Битола веќе му е скроен прекарот на премиерот Христијан Мицкоски. Ќе го викале – Модернио.

Иако е ова, сега засега, само новинарска шпекулација и слобода на изразување (за да не не тужи премиерот за клевета), нема да се изненадиме ако стане реалност познавајќи го табиетот на битолските мајтапџии и чаршијата, но се чини дека прекарот овој пат е заслужен.

И после најновата хаварија на нашата дипломатија, кога за „влакно“ е избегната катастрофлен амандман на сестринските партии на ВМРО-ДПМНЕ, пред „македонски јазик“ да се додаде „модерен“, на Мицкоски не му текнува да си го стави прстот на чело и да се праша кој пат го фатил.

Напротив, тој дипломатската хаварија ја прогласува за победа и си поставува прашање зошто и сам си одговара:

Затоа што во 21 век во Европа бевме сведоци на обид за создавање на вештачка нација и идентитет, денес, бидејќи тој амандман којшто денеска беше предложен дефакто е обид да се создаде некоја нова „модерна“ македонска нација, или некој нов „модерен“ македонски јазик што е само по себе преседан. Јас сум како човек и како Македонец разочаран, така што не го доживувам ова како успех, туку како нешто што за нас претставуваше пречка која што ја поминавме, но не е тоа доволно, изјави премиерот Мицкоски во ТВ настап.

И уште вели „успеавме да покажеме дека промената на Уставот не е последна, ќе се бориме до крај“, а сето тоа што го видовме во Европскиот парламент е, вусшност, резултат на избегнување на очигледното решение на сите проблеми: Спроведување на одредбите од така наречениот Француски предлог со единствената точка која ќе стави крај на целата оваа фарса, со внесување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија.

Наместо тоа, Мицкоски тврдоглаво (се извинувам, но и тука да напоменам дека „тврдоглаво“ е слобода на изразување) дозволува нови закани за националниот идентитет на Македонците чии главни и суштински атрибути, освен во Уставот, се утвтрдени и со Преспанскиот договор како легитимен, меѓународно признат договор, чии гаранти се Обединетите нации и Европската Унија, а срдечно го прифатија и САД.

Но, ајде да повториме уште еднаш што донесе Преспанскиот договор:

  1. Договорот ги овозможува правото да се определуваме како МАКЕДОНЦИ без никакви ограничувања.

Членот 7 од Договорот прави јасна дистинкција дека поимот МАКЕДОНИЈА и МАКЕДОНСКИ во Грција го означува Хеленскиот дел од историјата, додека МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНСКИ во наш контекст ги отсликува нашата територија, јазик, народ, со сите атрибути, со своја историја, култура и наследство различни од оние во Грција.

  • Договорот предвидува превод на името Република Северна Македонија на сите јазици.

На пример: Republic of North Macedonia

Договорот не предвидува транскрипција на името Република Северна Македонија на латиница!!!

  • Според Договорот, официјален јазик на нашата држава е „македонски јазик“ кој е преведлив на сите јазици (на пример, на англиски јазик „Macedonian language“).

Во ОН во Њујорк нашиот јазик останува како што е запишан и досега –  МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК. Без никаква фуснота со дообјаснување. Македонскиот јазик е утврден – идентитетот е зачуван.

  • Нашето државјанство ќе биде: македонско/граѓани на Северна Македонија.

Договорот го потврдува нашиот идентитет и го гарантира во иднина идентитетот ни е гарантиран.

  • Химната, Грбот и Знамето остануваат и тука ништо не се менува.

Државните симболи не беа дел од преговарачкиот процес.

  • МК – МКД остануваат меѓународно прифатени и препознатливи кодови.

Значи да потенцираме: МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК. Без никаква фуснота со дообјаснување. Македонскиот јазик е утврден.

Впрочем, после Преспанскиот договор следуваа уште неколку изјави, декларации, договори, со кои недвосмислено беа потврдени атрибутите на македонскиот идентитет како што се Декларацијата на германскиот Бундестаг и Договорот со Фронтекс, кој беше прв договор помеѓу Европската комисија и Република Северна Македонија потпишан и на на македонски јазик.

И што добивме со одлгањето на Мицкоски да ја прифати преговарачката рамка и засекогаш да се затворат прашања, кои, еве видовме, не донесоа пред заканата пред „македонски јазик“ да стои „модерен“.

И тоа како предлог на неговата, сестринска европска партија. Да, амандманот на помина на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, но европратеникот, автор на овој амандман, Михаел Галер кој доаѓа од групата на народните партии – ЕПП, во чие европско семејство припаѓа и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, најави дека “модерен”, како амандман ќе биде предложен да се појави на четири места, за да гласи “модерен македонски јазик и идентитет”, на пленарната седница кога треба да се донесе конечната одлука за извештајот.

Тоа е полседицата на неодлучноста и одлагањето кое се заменува со „лобирање“ за да гасат пожари. На тоа треба да се гледа само како на уште една од низата постапки на актуелната власт што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, што само ги блокираат евроинтеграциите на Северна Макекдонија.

Што значи тоа, би требало секому да му е јасно. Премногу време трошиме на Бугарија и на измислување проблеми. Тоа премногу време наметна да ги заборавиме нашите мерила, стандарди и вредности кои произлегуваат од вредносниот систем на западно-европскиот и транс-атлантскиот контекст. Контекст на кој му припаѓа Македонија. Наместо тоа, благодарение на опструкциите и анти-европската заложба на ВМРО-ДПМНЕ, земјата се „пика“ во темните места од каде што не се гледа перспективата. Во контекстот што го диктираат бугарските анти-европски националисти. А, богами – домашните.

Прашање на време е кога ќе реагира многу поостро и Грција со нови блокади на подметнувањата на власта со ревидирање на Преспанскиот договор со праксата за промена на називите на националните институции како Македонска филхармонија, Македонска опера и балет Македонска кошаркарска федерација, наместо да се почитуваат одтредбите од Преспанскиот договор.

Зачлени се на нашиот е-билтен