Мицкоски заборава, дека, под услов да победи на изборите, нема да преговара само со Арбен Таравари, туку со Европскиот сојуз за промени (ЕСП), од кои вчера дојде новата „проширена и надргадена“ програма како услов за колаицирање, во која освен внесување на Бугарите во Уставот, во конститутивниот акт на државата ќе се бара да се внесат и други измени, односно, отстранување на „20%“ за албанскиот јазик и претседателот да се бира во Собрание.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски ги доведе во заблуда неговите сопартијци и пратеници. Пратениците Бране Петрушевски и Миле Лефков од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ влегле во автомобил и се упатиле кон граничниот премин „Делчево“ на македонско-бугарската граница со цел да проверат дали ќе можат да ја преминат границата со старите патни исправи на коишто пишува „Република Македонија“ наместо „Република Северна Македонија“, откако нивниот сопартиец технички прв полицаец изјави дека „ЕУ нема да прави проблем за патување со пасоши со старото уставно име“.
Нормално, Бугарите им ја спуштиле рампата, ама овие двајца, ербапи, ги извадиле дипломатските пасоши со старото име на државата и биле пропуштени, бидејќи бугарските гранични службеници немале допис како да постапуваат со таквите патни исправи.
Техничкиот министер за внатрешни работи предизвика конфузија со изјавата дека „ЕУ нема да прави проблем за патување со пасоши со старото уставно име“, дополнета со уште еден дел во кој вели „добив на писмено информација дека комитетот за патни исправи на Европската комисија одржал состанок на 13 февруари 2024 година. Ми беше најавено од белгискиот амбасадор дека ќе имаат разбирање за проблемот и ќе бидат максимално коректни и воздржани во однос на нашите граѓани“.
Политичкото неискуство си го направи своето и новопечениот човек од доверба на Мицкоски со политички амбиции направи неколку гафови од кои овој последниот можеше да доведе во заблуда огромен број граѓани.
На последиците со кои можат да се соочат граѓаните експресно укажа министерот за надворешни работи Бујар Османи. Како најрелевантен министер за овие прашања. Тој дури со благ прекор му укажа на својот колега во техничката влада дека негиовата „изјавата за ставот на Брисел за старите пасоши е лоша интерпретација“ и го поучи дека земјите членки на ЕУ „сами одлучуваат во однос на тоа како ќе се однесуваат во однос на валидноста на пасошите како нивно суврено право“.
Заради сето ова, изјавата на Тошковски може да се смета како неодговорна и како резултат на неговото политичко неискуство, но, тое секако не го оправдува. Можел претходно да се консултира и да праша во МНР дали е баш така како што тој го интерпретира писмото од Брисел. Едно е дека земјите членки на ЕУ „ќе бидат максимално коректни и воздржани во однос на граѓаните“ на нашата држава, што не е воопшто исто со изјавата „ЕУ нема да прави проблем за патување со пасоши со старото уставно име“.
Адвокатот на Мицкоски, кумот на пратеникот Јанушев ќе беше подобро да продолжи да си ја брка „адвокатската работа“, која добро му одеше додека ЈП Водовод и канализација му беа милионски клиенти во медениот месец на бракот на ВМРО-ДПМНЕ со градоначалничката Данела Арсовска. Или од времето кога за клиент ја имаше ЕЛЕМ, кога директор беше неговиот шеф Мицкоски.
Но, изборот на Тошковски за технички министер за внатрешни работи се покажа како единствен избор на Мицкоски за да го прекине кошмарот со кој се соочи откако се покажа дека Чулев и Ковачки не можат да добијат безбедносен сертификат.
Ама на Мицкоски не му е проблем да менува партнери според потребите на денот.
Еве веќе го гледаме како „свингира“* и изјавува дека со Таравари се добри пријатели, иако паметиме дека неговата ВМРО-ДПМНЕ жестоко го напаѓаше за „наводната куќа во Тафталиџе“, кога се зајакнуваше мнозинството во Собранието.
Но, за партнерство е потребна волја и од другата страна. А таа страна, Таравари, го полеа со студен туш лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со изјавата дека „уште не е сигурен дека тој и она што остана од Алијанса на Албанците се подготвени да влезат во некаков договор со ВМРО-ДПМНЕ“. Тој вели „ставовите на Мицкоски“ се конфузни и уште вели „имам дилеми за наредната Влада која би била предводена од Мицкоски. Нашите приоритети од 1 до 10 се јасни, тоа е европскиот пат, почнување на преговори преку уставни измени, сѐ друго е после тоа“.
Згора на се, Мицкоски заборава, дека, под услов да победи на изборите, нема да преговара само со Арбен Таравари, туку со Европскиот сојуз за промени (ЕСП), од кои вчера дојде новата „проширена и надргадена“ програма како услов за колаицирање, во која освен внесување на Бугарите во Уставот, во конститутивниот акт на државата ќе се бара да се внесат и други измени, односно, отстранување на „20%“ за албанскиот јазик и претседателот да се бира во Собрание.
Тешко дека Мицкоски ќе може да објасни како ќе ги започне сите овие барања за уставни измени уште вториот ден од неговата премиерска функција, ако воопшто ја добие, кога целата негова политичка стратегија се засноваше на преиспитување на преговарачката рамка со ЕУ која ќе биде повторно ставена во функција само откако ќе поминат уставните амандмани за вклучување на Бугарите и останатите заедници во Уставот.
Сега ќе треба да ги „голта“ и овие најнови услови на делот од партиите на Албанците за кои сега е веќе сосема јасно дека ќе настапат како политички блок.
Прескап би бил еден таков дил меѓу Мицкоски и Таравари, односно ЕСП. Прво, за Мицкоски тоа би било уште едно „салто мортале“, откако го убедуваше своето членство во „победа со 61“ на изборите за да диктира услови под кои ќе прифати коалиција во можбната нова Влада. Сега, пак уште не почнати изборите, излегува со понуди да прифати партија на Албанците во извршната власт ако воопшто ги добие изборите.
„61“ наеднаш повторно се враќа како реторика и како израз на паниката во редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
*Жаргонски израз за „шалтање напред назад, лево десно“ како одредена активност со замена на партнери за рекреативни цели.