Независноста никогаш не е завршена работа. Не е до математиката. Историјата може да биде ретуширана, но националниот успех мора да биде без победници и поразени. Следуваат триесет и пет одредници — а има уште.
Андреја СТОЈКОВСКИ
На 8 септември годинава се навршуваат 35 години од прогласувањето на независноста на државата. Минатата недела, во Охрид, во рамките на програмата поддржана од Владата на Република Северна Македонија, се одржа првата од циклусот прослави по повод годишнината. Истовремено беше промовирано и видео посветено на јубилејот и на успесите и достигнувањата во изминатите три и пол децении.
Не е до математиката
Веројатно уште на почетокот од годината требаше да си го поставиме прашањето: зошто 35 години независност би биле значаен јубилеј? Само затоа што бројката завршува на пет? Вообичаено, големите јубилеи ги врзуваме за пет, десет, дваесет и пет, педесет, седумдесет и пет или сто години. Според таа логика, 35-годишнината е годишнина, но не нужно и историски јубилеј што сам по себе бара голема државна прослава.
Дилемата ми се наметнува поради леснотијата со која запаѓаме во политичко присвојување и маркирање територија: на една прослава се одговара со друга, секоја власт создава сопствена верзија на минатото, избира свои симболи и личности и настојува токму нејзината интерпретација да остане како официјална меморија на државата. Така, независноста станува уште едно поле за натпревар меѓу партиите, наместо простор за поврзување меѓу граѓаните.
Сепак, одговорот на почетната дилема го наоѓам токму во природата на независноста. Таа не е настан што се случил еднаш и завршил на 8 септември 1991 година. Независноста се одбележува, потврдува и осмислува постојано, исто како што и државата се гради секој ден. Триесет и пет години се доволно долг период за цела една генерација да се роди, да порасне и да преземе одговорност во држава што никогаш не ја познавала како дел од друга политичка заедница.
Оттука, смислата на одбележувањето не ја создава математиката, туку неговата цел. Ако 35-годишнината служи само за спектакл, политичко самопотврдување и пригодно ретуширање на минатото, тогаш навистина нема особена причина да ја нарекуваме јубилеј. Но, ако таа е можност да се потсетиме што сме создале, да признаеме што сме пропуштиле и да ја обновиме одговорноста кон државата и нејзиното идно напредување, тогаш секоја годишнина може да биде значајна. Независноста заслужува да се празнува – но уште повеќе заслужува постојано да ѝ даваме смисла.
Ретуширана историјата
Непосреден повод за оваа листа беше видеото на Владата „Силно светнал ден“, создадено како вовед во одбележувањето на 35-годишнината од независноста. Тоа е визуелно и музички впечатливо: Игор Џамбазов нè води низ избрани слики од изминатите децении, придружени со нова оркестарска изведба на „Љуби ме и главата горе“ од Зафир Хаџиманов. Во видеото ги препознаваме референдумот, прогласувањето на независноста, воскликот на Киро Глигоров, говорот на Никола Кљусев, воведувањето на денарот и повеќе културни и спортски успеси.
Проблемот не е во тоа што во четири минути не може да се раскаже сè. Проблемот е во образецот според кој е избрано што ќе се запомни, а што ќе биде премолчено. Видеото не прави само избор од историјата – тоа ја ретушира. Од сложената приказна за создавањето и преобразбата на државата произведува мазна и еднонасочна нарација во која речиси нема политички конфликти, тешки компромиси, промени на уставниот поредок или придонес на заедниците што не му припаѓаат на мнозинскиот народ.
Истовремено, недостигаат некои од најголемите меѓународни успеси на државата. Членството во НАТО, остварено по речиси три децении реформи и дипломатски напори, не е обична епизода што може да се изгуби во монтажата. Тоа е остварување на една од двете темелни стратегиски цели поставени по независноста. Слично важи и за приемот во Обединетите нации, кандидатскиот статус за членство во Европската Унија и претседавањето со ОБСЕ. Без овие моменти, државата е прикажана како да се развивала речиси исклучиво навнатре, а не и како меѓународен субјект што постепено го освојувал своето место во меѓународниот поредок.
Така, Македонија што ја гледаме во видеото е пред сè етничка и културна Македонија, а многу помалку современа, граѓанска, меѓународно етаблирана држава. Албанците практично исчезнуваат како учесници во нејзиното создавање и развој; уште помалку се видливи Ромите, Турците, Власите, Србите, Бошњаците и другите заедници. Отсуствуваат или се потиснати Охридскиот рамковен договор, повеќејазичноста, правичната застапеност и уставната, општествената и институционалната преобразба по 2001 година. Тоа не се споредни епизоди, туку дел од уставната архитектура на денешната држава.
Најголемиот проблем, затоа, не е само историската непрецизност. Видеото предлага и поинаква дефиниција на државата. Наместо да го прикаже нејзиниот развој од држава создадена со мнозинска волја во 1991 година кон заедничка, повеќејазична и мултиетничка политичка заедница, закотвена во европскиот и евроатлантскиот простор, тоа нè враќа неколку чекори назад – кон потесна претстава во која државата главно му припаѓа на еден народ, додека другите, во најдобар случај, се само публика.
Современата историја не треба да се претвори во низа удобни слики. Нејзината вредност е токму во тоа што покажува како државата се менувала, учела, понекогаш грешела, но и станувала поширока од сопствениот почеток. Ако јубилејот треба да нè направи колективно горди и поврзани, тогаш во неговата приказна секој граѓанин мора да може да препознае барем дел од себе. Во спротивно, прославата на независноста станува прослава на само една верзија на државата – и уште една причина за поделба.
Без победници и поразени
Имајќи го предвид сето ова, 35 години независност се можност да погледнеме не само што преживеала државата, туку и што успеала да создаде. До оваа листа стигнав издвојувајќи моменти што оставиле трајна последица врз државноста и општеството: од независноста, Уставот и меѓународното признавање, преку мирот и стратегиските определби, до културата, спортот, науката, религијата и природното наследство. Во неа вклучив државни одлуки, колективни достигнувања и индивидуални успеси, но само кога нивното значење ги надминало личните граници и станало, или останало важно за целата држава.
Ова е мој избор на настани и не очекувам сите да се согласат со секоја поединечна точка. Но, треба да можеме да се согласиме околу основниот принцип: одредниците и успесите што ја создавале и надградувале државата се дел од нашето заедничко наследство. Притоа, не треба да се премолчат поделбите ниту цената на некои историски одлуки. За еден успех да биде национален, тој не треба да создава нови победници и поразени. Напротив, треба да понуди причина за колективна гордост, да ја препознае различноста на луѓето што ја создаваат државата и да нè поврзе околу сознанието дека најзначајните достигнувања во овие 35 години не му припаѓаат само на еден народ, една партија, една генерација или една институција – туку на сите нас.
Триесет и пет одредници
Следната листа е обид историјата на независноста да се прочита пошироко. Избраните 35 моменти не се рангирање, ниту тврдење дека за секој од нив постои целосна општествена согласност. Тие ја следат изградбата на државата, нејзината уставна и мултиетничка преобразба, меѓународното етаблирање и успесите во културата, спортот, науката и природното наследство.
Заедно, тие треба да покажат дека независноста не е завршена одлука од 1991 година, туку траен процес на кој различни луѓе и заедници му давале содржина во изминатите 35 години – и ќе продолжат да му даваат содржина во годините што доаѓаат.
- Одлуката да бидеме свои – На 8 септември 1991 година граѓаните на референдум се изјаснија за суверена и самостојна држава, со право на иден сојуз со други суверени држави од Југославија. И покрај бојкотот на дел од населението, убедливата поддршка ја создаде демократската основа на независноста. Референдумот не ја заврши изградбата на државата – тој ја донесе одлуката таа да започне.
- Правниот темел на државата –Со донесувањето на првиот Устав на независна Македонија, на 17 ноември 1991 година, беа поставени темелите на парламентарната демократија, поделбата на власта, човековите права и владеењето на правото. Почетниот уставен модел, сепак, не обезбеди целосно чувство на припадност кај сите заедници. Подоцнежните амандмани, особено оние од 2001 година, го изразуваат понатамошниот уставен, политички и општествен развој на државата.
- Економското име на независноста – На 26 април 1992 година беше прогласена монетарната независност и беше воведен денарот. Во време на распад на заедничкиот пазар, инфлација и економска неизвесност, сопствената валута беше многу повеќе од платежно средство. Таа ѝ овозможи на државата да води самостојна монетарна политика и стана еден од највидливите симболи на нејзиниот суверенитет.
- Независноста ги минува границите – Ако денарот ја внесе независноста во секојдневната економија, пасошот ја направи видлива на границите и пред институциите на другите држави. Пасошот го потврдува идентитетот на граѓанинот, неговото државјанство и правото да ја напушти земјата и да се врати во неа. Со Законот за патните исправи од 3 ноември 1992 година беше создадена основата за издавање сопствени македонски пасоши.
- Границите во свои раце – Во услови на војни во непосредното соседство, мирното повлекување на Југословенската народна армија, воспоставувањето сопствен одбранбен систем и гранична контрола беа исклучително значајно достигнување. На 11 март 1992 година македонската Армија ја презеде одговорноста за чување на границите на новата држава. Со тоа територијалниот суверенитет престана да биде само уставна декларација и стана практична надлежност на сопствените институции.
- Независноста станува меѓународна политичка реалност – Од првото признавање од Бугарија на 15 јануари 1992 година до воспоставувањето односи со најважните меѓународни партнери, државата постепено излегуваше од постјугословенската неизвесност. Процесот не беше едноставен: спорот за името со Грција го забави признавањето и ја наметна привремената референца. Сепак, ширењето на дипломатските односи потврди дека независноста станува меѓународна политичка реалност.
- Место помеѓу нациите – На 8 април 1993 година државата беше примена во Обединетите нации. Приемот се направи под привремена референца (поранешна Југословенска Република Македонија) што беше компромис и ја засегаше самоперцепцијата на државата, но истовремено претставуваше одлучувачка меѓународно-правна потврда на нејзиниот субјективитет. Оттогаш Македонија доби право рамноправно да учествува во мултилатералната дипломатија и во работата на светската организација.
- Во светскиот финансиски систем – Членството во Меѓународниот монетарен фонд на 14 декември 1992 година и потоа во Светската банка на 25 февруари 1993 година ја внесе државата во светскиот монетарен и развоен поредок. Тоа овозможи пристап до финансиска поддршка, развојни заеми и меѓународна експертиза во периодот на сериозна транзиција. Овие односи често носеа тешки и непопуларни реформи, но беа важна потврда дека државата има сопствен економски и финансиски субјективитет.
- Извор на голема филмска уметност – Со Златниот лав во Венеција од 7 септември 1994 година и номинацијата за „Оскар“ од 14 февруари 1995 година, „Пред дождот“ на Милчо Манчевски стана првиот глобален културен успех на независна Македонија. Филмот ја претстави земјата преку универзална приказна за насилството, предрасудите и затворениот круг на конфликтот. Покрај тоа, Македонија за првпат беше видена не само како нова балканска држава, туку и како извор на голема филмска уметност.
- Европски систем на демократија – Со приемот во Советот на Европа на 9 ноември 1995 година, државата се приклучи кон европскиот систем на демократија, човекови права и владеење на правото. Членството во Советот значеше и пристапување кон Конвенцијата за човековите права, со што граѓаните добија можност по исцрпувањето на домашните правни средства, да бараат заштита пред Европскиот суд за човекови права. Тоа беше премин од декларативно прифаќање на европските вредности кон меѓународно надгледувани правни обврски.
- Дел од безбедносната архитектура – Приемот во ОБСЕ на 12 октомври 1995 година ја вклучи земјата во пошироката европска безбедносна архитектура. Организацијата веќе беше присутна преку превентивната дипломатија, но членството ѝ овозможи на Македонија рамноправно да учествува во одлучувањето за безбедноста, демократијата и човековите права. Речиси три децении подоцна, земјата ќе премине од корисник на превентивната дипломатија во претседавач со целата организација.
- Партнерство за мир -Приклучувањето кон Партнерството за мир на 15 ноември 1995 година, а потоа и со првиот Акцискиот план за членство од април 1999 година, ја постави евроатлантската насока на одбранбената политика. Во следните две децении се менуваа Армијата, командната структура, обуката и цивилната контрола. Членството не дојде брзо, но стратегиската определба остана стабилна низ повеќе влади.
- На олимписката патека -По настапот на македонските спортисти како независни олимпијци во Барселона во 1992 година, во Атланта на 19 јули 1996 година првпат настапи национална делегација под сопственото знаме. Могамед Ибрагимов го освои првиот медал – бронза во Сиднеј во 2000 година, а Дејан Георгиевски го постигна највисокиот резултат – сребро во Токио во 2021 година.
- Европа стана договорна обврска -Спогодбата за соработка со Европските заедници од 15 април 1997 година го означи почетокот на договорните односи, а Спогодбата за стабилизација и асоцијација од 9 април 2001 година ги постави на повисоко политичко и правно рамниште. Македонија беше првата држава од регионот што потпиша таква спогодба. Со неа европската ориентација престана да биде само политичка желба и стана процес заснован врз права, обврски и реформи.
- До врвот на жирито – Од дебито на Владо Јаневски на 9 мај 1998 година до настапот на Тамара Тодевска на 18 мај 2019 година, Евровизија беше највидливата редовна сцена за претставување на земјата пред милионска публика. „Proud“ победи во гласањето на стручните жирија и заврши седма во вкупниот пласман. Успехот беше и порака за достоинство, еднаквост и самодоверба испратена од мала држава кон Европа.
- Ромскиот глас на Македонија – Во 2000 година, во Москва, Есма Реџепова беше прогласена за „Ромска пејачка на милениумот“. Признанието ја потврди меѓународната големина на уметницата што ја донесе ромската музика на светските сцени, а остана неразделно поврзана со Македонија. Нејзиниот успех потсетува дека ромската култура не е периферија, туку составен и препознатлив дел од националното културно наследство.
- Природа без граници – На 2 февруари 2000 година Македонија, Албанија и Грција го прогласија Преспа парк, првата прекугранична заштитена област на Балканот. Трите држави прифатија дека езерата, водите, птиците и екосистемите не можат да се заштитат одделно. Во регион обременет со историски спорови, природата создаде простор за соработка пред политиката целосно да ги надмине поделбите.
- Договорот што ја промени државата – Охридскиот рамковен договор од 13 август 2001 година стави крај на вооружениот конфликт и ги постави основите на нов политички и уставен договор меѓу Македонците, Албанците и другите заедници. Правичната застапеност, децентрализацијата, двојното мнозинство и проширената службена употреба на албанскиот јазик и на јазиците на другите заедници го направија учеството во институциите пошироко и поправично. Договорот не ги отстрани недовербата, нееднаквоста и сите меѓуетнички поделби, но создаде механизми тие да се решаваат низ демократските институции, наместо со насилство.
- Уметник од новата генерација – Настапот во лондонскиот Вигмор хол на 27 јуни 2001 година, изборот за BBC New Generation Artist и признанието на Кралското филхармониско друштво го означија светскиот пробив на Симон Трпчески на почетокот од новиот век. Неговата кариера продолжи на најзначајните концертни сцени со водечки оркестри и диригенти. Трпчески покажа дека културното претставување на државата може да се темели врз врвна уметничка извонредност, а не само врз национална симболика.
- Три круни за Скопје – Кометал Ѓорче Петров на 19 мај 2002 година ја освои женската Лига на шампионите, а Вардар го повтори успехот во машка конкуренција на 4 јуни 2017 и 2 јуни 2019 година. Трите титули го поставија Скопје на врвот на европскиот клупски ракомет. Титулата на Кометал има дополнителна тежина: женскиот колективен спорт стана носител на првата европска клупска круна на независната држава.
- На мапата на светската трговија – На 4 април 2003 година Македонија стана членка на Светската трговска организација. Со тоа нашата економија беше вклучена во системот на глобални трговски правила, обврски и механизми за решавање спорови. За мал и отворен пазар, членството значеше поголема предвидливост, но и посилна конкуренција. Тоа беше уште една потврда дека државата станува функционален учесник во меѓународниот економски поредок.
- Кандидат за европското семејство – На 17 декември 2005 година Македонија доби статус држава кандидат за членство во Европската Унија. Одлуката беше признание за постконфликтната стабилизација, Спогодбата за стабилизација и асоцијација и почетните реформи. Кандидатскиот статус создаде големи очекувања што не беа исполнети со очекуваната брзина, но останува историската точка во која членството во ЕУ стана формално признаена перспектива.
- Кралицата од Македонија – Ана Дурловски е една од најуспешните оперски уметници од земјата. Потврда за тоа се два дебитантски настапи, најпрвин на 12 јуни 2006 година во Виенската државна опера, а потоа и на 6 октомври 2014 година во Метрополитен операта во Њујорк. На обата настапи, таа дебитираше во улогата на Кралицата на ноќта, од операта Волшебната флејта, една од најсложените улоги за колоратурен сопран. Можеби тоа е индивидуален успех, но има национално значење поради неоспорната меѓународна уметничка извонредност.
- На врвот на светските институции – На 24 мај 2007 година Срѓан Керим беше избран за претседавач со 62. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации . Неговиот мандат официјално започна 18 септември 2007, а заврши на 16 септември 2008 година. На 2 декември 2024 година Радмила Шекеринска-Јанковска стана заменичка-генерален секретар на НАТО. Станува збор за различни функции и професионални патишта, но и за две ретки позиции со глобална тежина. Нивниот избор покажа дека претставници од мала држава можат да добијат висока меѓународна институционална доверба.
- Еден роман, триесет јазици – Гоце Смилевски на 18 ноември 2010 година ја доби Европската награда за литература за романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“, со што стана првиот македонски автор кој го добил признанието. Следуваа преводи на повеќе од триесет јазици и присуство на бројни книжевни пазари. Успехот покажа дека литература создадена на македонски јазик може да добие широка европска и светска публика, без да ја изгуби сопствената јазична и културна припадност.
- Летото кога бевме четврти – На Европското првенство во кошарка во 2011 година нашата кошаркарска репрезентација го освои четвртото место, победувајќи го домаќинот Литванија во драматичното четвртфинале. Перо Антиќ, Бо Мекејлеб и нивните соиграчи создадоа успех што ги надмина спортските очекувања. Репрезентацијата стана точка на заедничка идентификација во поделено општество и покажа колку силно спортот може да ги надмине политичките и етничките граници.
- Рекорди за историјата – На Светското првенство во Хрватска, на 29 јануари 2009 година Кирил Лазаров постигна 92 гола што претставува апсолутен светски рекорд. Додека на Европското првенство во Србија, на 21 јануари 2012 година постави нов рекорд со постигнати 61 гол. На истото европско првенство Македонија го освои петтото место, својот најдобар репрезентативен резултат. Спојот на индивидуалната светска класа на Лазаров и колективниот успех ја претвори машката ракометна репрезентација во еден од најтрајните симболи на националниот спорт.
- Цената на стратегиската цел – Со Преспанскиот договор од 17 јуни 2018 година беше затворен повеќедеценискиот спор со Грција и беше прифатено името Република Северна Македонија. Договорот го отвори патот кон НАТО, но создаде и длабока внатрешна поделба околу идентитетот, легитимноста и цената на компромисот. Неговото историско значење не произлегува од општа прифатеност, туку од обемот на последиците што ги произведе, а како сведоштво ја имаме изјавата на 45. и 47. Претседател на САД, Доналд Трамп, кој договорот го оцени како „најисториското достигнување на Балканот од Дејтонскиот договор.“
- Мед на Оскарите – Филмот „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов на 2 февруари 2019 година освои три награди на Фестивалот Санденс, а потоа на 13 јануари 2020 година стана првиот филм номиниран за „Оскар“ истовремено во категориите за најдобар документарен и најдобар филм од не-англиско говорно подрачје. Приказната за Атиџе Муратова, снимена во селото Бекирлија, проговори глобално за достоинството, природата и одржливоста. Филмот истовремено ја направи видлива и турската заедница како дел од општествената приказна на земјата.
- Конечно – Една од најдолготрајните стратегиски цели на државата беше остварена, а со тоа беа добиени формални гаранции за колективна одбрана на 27 март 2020 година, кога Северна Македонија стана триесеттата членка на НАТО. Членството беше резултат на повеќедецениски реформи, учество во меѓународни мисии и потпишувањето на Преспанскиот договор. Земјата од корисник на безбедноста стана сојузник со сопствени обврски.
- До Европското првенство – Од првиот репрезентативен гол на Зоран Бошковски против Словенија на 13 октомври 1993 година до голот на Горан Пандев што го обезбеди пласманот на фудбалската репрезентација на Европското фудбалско првенство измина речиси три децении. Настапот на Европското првенство во 2021 година беше историски врв. Мултиетничкиот состав на тимот го направи успехот особено силна слика за заедничкото национално претставување.
- Литургиско и канонско единство – На 9 мај 2022 година, Вселенската патријаршија ја прими јерархијата на Охридската архиепископија во канонска и евхаристичка заедница. Оваа одлука стави крај на повеќедецениската меѓународна изолација, признавајќи го историското име и црковниот континуитет на Охридската архиепископија. Иако со овој чин не беа веднаш заокружени сите прашања поврзани со автокефалниот статус, тој претставува историски пресврт со длабоко духовно, национално и идентитетско значење.
- За луѓето – Во 2023 година Северна Македонија претседаваше со ОБСЕ во услови на војна во Украина и длабока криза во организацијата. Под мотото „За луѓето се работи“ (It’s About People), претседавањето кулминираше со 30. Министерски совет кој се одржа од 29 ноември до 1 декември 2023 година во Скопје, една од најголемите дипломатски конференции организирани во земјата. Држава што во деведесеттите беше предмет на превентивна дипломатија три децении подоцна управуваше со истата организација што претставува силен показател за нејзиното меѓународно созревање.
- Математичко злато – Дамјан Давков освои златни медали на Меѓународната математичка олимпијада во 2023, 2024 и 2026 година, а Алексиј Тасиќ донесе уште едно злато во 2025 година. Јан Стојановски во 2024 година го освои првото македонско злато на Европската олимпијада по физика. Нивните имиња заслужуваат еднаква видливост со политичарите, спортистите и уметниците: тие ја претставуваат меѓународната извонредност на знаењето.
- Караман – На 11 февруари 2026 година во Рим, Генералниот комитет на Меѓународната кинолошка федерација (FCI) донесе историска одлука за привремено признавање на Македонското овчарско куче – Караман како автохтона раса со потекло од Македонија. Оваа раса, со векови обликувана низ традиционалното сточарство во суровите планински предели, е заведена како 378-ма чистокрвна раса во светот и претставува дел од живото природно и културно наследство на земјата. Ова признание е круна на тридеценискиот труд за кодифицирање и зачувување на биолошкиот и идентитетскиот бит на ова автентично македонско куче.
Има уште
Мојата листа завршува со 35 точки, но историјата не ја познава линијата што јас ја повлекувам. Надвор од овој избор останаа други настани, успеси и личности што ја менувале државата, го збогатувале општеството или го носеле неговото име во светот. Тоа што не се најдоа меѓу моите први 35 не ги прави помалку вредни, туку само потврдува дека независноста е многу побогата од бројката преку која се обидувам да ја раскажам.
Затоа ова не е конечен канон, туку мој прилог кон разговорот за тоа што сме постигнале во изминатите три и пол децении. Секој читател веројатно би изоставил нешто од мојот избор, би додал нешто друго или поинаку би ја одмерил историската тежина на одредени моменти. Токму во тоа е вредноста на ваквата листа: не да го затвори разговорот, туку да го отвори.
Во следната колумна ќе издвојам уште 35 моменти што, според мене, заслужуваат да бидат споменати – не како втора лига на нашата историја, туку како дополнителни делови од истата сложена и заедничка приказна, кои секако треба да бидат причина за национална гордост. Зашто мојата листа завршува со бројот 35, но независноста не завршува со ниту една годишнина. Таа ќе има смисла онолку колку што ќе умееме да ја направиме заедничка и колку што на идните генерации ќе им оставиме повеќе причини за гордост отколку што сме наследиле.
