Македонскиот национален интерес се брани таму каде му е место да се брани – на маса со ЕУ 27, а не со партиско тактизирање.
Тони ПОПОВСКИ
Помина цела седмица во исчекување на конечно усогласување или разидување на двете најголеми политички партии во македонскиот камп по однос на уставните измени. Можеби ќе поминат и повеќе седмици, но ова прашање, од објективни причини и поради притисок од рокови, нема да може да се развлекува. Впечаток е дека двете партии иако пронајдоа заеднички именител во потребата да се исчекори на патот кон ЕУ и притоа барем реторички изјавија дека се подготвени тоа да го сторат заедно, сепак заглавија првенствено на условот на опозицијата за одложено дејство на уставната измена, со нагласени меѓусебни разлики поврзани со оценката на бенефитите и последиците од таков пристап.
Во расчистувањето на оваа магла која го затскрива партиското тактизирање, очигледно не помогна објаснувањето на Шефот на Делегацијата на ЕУ дека одложено дејство на уставните измени не е предвидено во пакетот на документи поврзани со почетокот на преговорите. Не помогнаа ниту низа домашни авторитети во областа на уставното право, кои објаснија дека одложено дејство е правно возможно, но дека тој пристап упатува на сосема неизвесно репреговарање на утврден пакет на документи поврзани со почетокот на преговорите, кој е донесен согласно со формална и правно утврдена процедура во рамки на Унијата, процедура во која и ние сме засегната страна, односно учествуваме како држава кандидат за членство. Настрана и самата суштина на уставните измени која упатува на нивна примена веднаш по донесувањето, и тоа не само поради заокружување на почетната фаза од преговорите, туку и поради самите наши сограѓани, кои се дел од повеќе народи кои живеат во Републиката. Кон овие аргументи опозицијата остана скептична и во моментов настојува да го оправда овој услов, со загриженоста дека исполнувањето на оваа обврска нема да превенира испоставување на нови барања за „отстапки“ од нашиот источен сосед.
Оваа загриженост на опозицијата е адресирана и во Резолуцијата која ја донесе германскиот Парламент, не само по однос на јасното и недвосмислено изразено, уважување на македонскиот народ, јазик и култура туку и со препорака до властите во Бугарија, да се воздржат од нови барања со кои би се отежнал или попречувал нашиот напредок на патот кон полноправно членство, секако доколку ние дома сме подготвени ефикасно да се прилагодиме на правото и да ги исполниме поврзаните стандарди на ЕУ.
Суштинскиот предизвик во моментов може да се сведе на барање начин(и) како од фаза на тези и контратези да постигнеме продуктивна синтеза.
Ако за момент се помести настрана емоционалното, кое се генерира за да биде реупотребено (стар политички занает) во внатре – политичкиот натпревар, клучно е да се извлече на површина став дали нашата политичка класа како целина е подготвена да изгради и презентира заедничка позиција за време на втората Меѓувладината конференција со ЕУ која ќе се случи по автоматизам, откако ќе бидат направени уставните измени. Нема можност за вето на нејзиното одржување. Притоа, впечаток е дека општата јавност не е доволно добро запознаена што претставува тој механизам, односно седење и дискутирање на поврзани теми со нашето пристапување заедно со високи претставници на ЕУ 27, споредено со периферна комуникација од чекалница.
Во преговарачката рамка, во член 7 е напишано: „Суштината на преговорите ќе се води на Меѓувладина конференција со учество на сите земји – членки од една страна и Северна Македонија од друга. Меѓувладината конференција ќе се одржува најмалку еднаш годишно, по усвојувањето на заклучоците на Советот, земајќи го предвид годишниот пакет за проширување на Комисијата и секогаш кога е релевантно. Меѓувладината конференција ќе обезбеди политичко управување и форум за политички дијалог за реформскиот процес. Истотака, ќе направи преглед на целокупниот процес на пристапување и ќе наведе индикација за една година напред за тоа кои кластери/поглавја потенцијално би можеле да се отворат или затворат, како и можни корективни мерки врз основа на состојбата на спроведување на реформите. Сите страни ќе обезбедат застапеност во Меѓувладината конференција на соодветно ниво“. Потоа во Анексот со организациската процедура на преговорите, во точка 3 се појаснува дека на Меѓувладина конференција учествуваат министри, и дека е можно почести седници во тек на годината да се свикуваат, но на ниво на заменици.
Бидејќи Меѓувладината конференција ќе обезбеди политичко управување и форум за политички дијалог за реформскиот процес, резервата на опозицијата да се исчекори со уставните измени, во суштина е резерва да се земе учество во заедничко политичко управување со процесот на преговори и да се води политички дијалог со ЕУ 27 „лице в лице“ за сите поврзани прашања, па и тие на кои, особено ние Македонците сме оправдано чувствителни.
Ако појдеме од тезата на опозицијата, дека во основа не се противат на внесувањето на повеќе неспомнати делови на народи во Уставот вклучувајќи го и бугарскиот народ, туку дека се загрижени од немање на гаранции за нови еднострани условувања, вистинско место за адресирање на тие загрижености е Меѓувладината конференција со ЕУ 27. Одбивањето да се искористи таа можност, притоа имајќи предвид дека покрај Германија, големо мнозинство од членките на ЕУ особено во овој геополитички момент не се расположени да толерираат попречување на проширувањето заради еднострани каприци, со право создава сомневање во вистинските мотиви на опозицијата. Оттаму и потребата, опозицијата да се охрабри и заедно со позицијата да се подготват да го бранат македонскиот национален интерес таму каде му е место да се брани, на маса со ЕУ 27.