Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Патриотизмот“ на ВМРО-ДПМНЕ е губитнички за Македонија

Патриотизам не е да ги повикуваме злите духови на минатото или да ја ставаме државата во зоната на тотална неизвеност кога надвор работите се движат со толкава динамика и кога актуелната ситуација оди во прилог на проширувањето на ЕУ кое ги зема предвид земјите од Западен Балкан. Затоа е апсолутно важно да делуваме сега за да имаме иднина за каква сме се договориле.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Ајде да го деконструираме наративот дека ВМРО-ДПМНЕ е единствената патриотска партија која стои на браникот на националните интереси на народот во држaвата кој ги опфаќа: Македонците, Албанците, Турците, Бошњаците, Ромите, Хрватите, Еѓипќаните, Бугарите и сите останати.

Што добиваме и што ќе добиеме од инаетчискиот патриотизам на ВМРО-ДПМНЕ:

Изолација наместо интеграција. Ова не е празна флоскула колку и да сакаат од ВМРО-ДПМНЕ и толкувачите аналитичари блиски до политиките на оваа партија. САД и ЕУ ќе ја преиспитаат поддршката којашто во последните неколку месеци е толку силна. На крајот од краиштата како би изгледала Македонија на мапата на Европа, кога сите земји околу нас, со исклучок на Србија (која исто така заглави самата со себе си) и Република Српска, ќе добијат силен поттик од ЕУ и САД за конечна интеграција во западно-демократскиот свет. Изолирана, ете како би изгледала.

Еве да не ја исклучиме и хипотетитчкоото сценарио дека при евентуална колку-толку убелива победа на ВМРО-ДПМНЕ на следните избори можна е и мнозинска моно-етничка влада предводена од ВМРО ДПМНЕ и Левица или било која комбинаторика која би ги вклучувала и влоговите од тие избори на Максим Димитриевски и Николда Димитров. Дури тогаш ќе дојдат до израз сите многу сериозни ризици во однос на внатрешната стабилност на земјата.

Уште една причина повеќе за изолација зашто никој не сака во друштво земја со нерешени внатрешни проблеми.

Ќе се соочиме со политички нестабилност заради отсуството на волја кај албанските партии во опозицијата да коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ зашто оваа партија е спротивност на сите вредности на сите партии на Албанците. Ако сепак има некои партии во албанскиот блок коишто заради некакви тесно партиски интереси ќе одлучат да се осојузат со ВМРО-ДПМНЕ, си ја „потпишуваат“ етикетата како нерелевантен политички субјект меѓу Албанците.

И двете овие сценарија со себе си носат енергија за нарушување на меѓуетничките односи и голем потенцијал за внатрешни тензии, кои со политиките за кохезија и помирување во изминатите 5-6 години беа во голема мерка неутрализирани.

И последната понуда на Мицкоски, освен ако не ја гледема како уште ден блеф на неговата флипер стратегија како-ќе-те-чукне-топчето тој вели дека е за влада со широко национално единство. Објаснува дека тоа би било влада на „едно широко македонско национално единство бидејќи сега сме со влада во која има сè, само нема македонско единство“.

Влада на национално единство бара тој кој досега максимално го блокираше и сѐ уште го блокира прогресот и европските интеграции на земјата. Истиот тој кој и досега како и сега ја дели по етничка основа.

Ако Мицкоски сака да покаже дека е навистина за единство нека ги прифати одлуките што треба да се донесат за да продолжи земјата по европскиот пат. Тоа е патриотизам, а не „партизам“.

Зашто ако погледнеме наназад ВМРО-ДПМНЕ имала многу шанси ама не поддржа ниту една важна одлука за државата: Беа против Преспанскиот договор, наместо да ракоплеска за членството во НАТО тој си ги креваше пантолоните сред Собрание. ВМРО-ДПМНЕ беа против Рамковниот договор, против Европскиот „француски“ предлог…

Патриотизмот и заастапувањето на државните и национални интереси се покажуваат и во институциите, а не само на улица.

Што добиваме од рационалниот, паметен патриотизам:

Поддршка на амбицијата да го затвориме преговорите со членство во 2030 година. За да го постигнеме тоа, освен декларативната поддршка, од ЕУ преку Братислава ни стигна новиот Еконосмки план на Брисел за Западен Балкан.

Еве да се задржиме на само на потенцијалот на тој нов Економски план на ЕУ за Западен Балкан што претседателката на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лајен го соопшти на ГЛОБСЕК во Братислава.

Земјите од Западен Балкан во одредени области добиваат пристап до единствениот пазар на ЕУ. Од економска гледна точка, ова може значително да ги зајакне трговските перспективи на Македонија, што потенцијално ќе доведе до зголемен раст на БДП. Пристапот до пазар од 500 милиони потрошувачи за македонските фирми може да биде поттик за нови инвестиции за да произведуваат и продаваат во поголем обем.

Втората придобивка што ја добива регионот и Македонија е силната поддршка за економска интеграција на Западен Балкан според стандардите на ЕУ. Тоа го прави регионот конкурентен и отвора нови економски можности. Намалувањето на трговските бариери и промовирањето на интеграцијата е потенцијал за повеќе странски директни инвестиции, трансфер на модерна технологија што носи повеќе и подобро платени работни места.

Тоа е основата да го задржиме нашиот човечки капитал во земјата или во интегрираниот регион.

ЕУ определи средства и друга поддршка за зајакнување на капацитетите на институции во борбата против корупцијата. Тоа е предусловот за поголема економската ефикасност и за поттикнување на економскиот раст во правична и конкурентна општествена средина.

Со новиот Економски план на ЕУ е предвиден и капитал за раст и реформи како неопходна основа за економска стимулација, за поттикнување инвестиции, за отворање работни места и на крајот поттикнување на економскиот раст во Македонија. Ова е особено релевантен придонес во време на економска криза предизвикана од надвор кога зголеменото трошење на владата може да помогне да се надомести намаленото трошење на приватниот сектор.

Тоа е реалноста и тоа е рамката на новиот патриотизам за разлика од оној „патриотизам“ на ВМР-ДПМНЕ.

Патриотизам не е да ги повикуваме злите духови на минатото или да ја ставаме државата во зоната на тотална неизвеност кога надвор работите се движат со толкава динамика и кога актуелната ситуација оди во прилог на проширувањето на ЕУ кое ги зема предвид земјите од Западен Балкан. Затоа е апсолутно важно да делуваме сега за да имаме иднина за каква сме се договориле.

Сѐ друго ќе не соочи со парадоксот на времето. Тоа што било е минато и веќе не постои, а иднината може да дојде, но во која форма и каква ќе биде зависи од нашата акција сега, а „сега“ веќе со овие наредни зборови веќе е минато.

Досега не е креирана апликација која ќе го мери патриотизмот врз основа на објективни мерливи параметри и варијабли. Истото важи и за инаетот. До тогаш остануваат само модриците на градите на „патриотите“ како единствен доказ за степенот на патриотизмот. Таквиот „патриотизам“ на ВМРО-ДПМНЕ е губитнички за Македонија.

Треба да знаете
Moже да ве интересира