Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Первертираните чувари на македонскиот јазик Мицкоски и останатите

Зоран БОЈАРОВСКИ

Перверзно е на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, на трибина што ти ја организира партијата ударната порака да ти биде дека „кога говориме за македонскиот јазик и за неговото значење не може а да не си споменеме за Блаже Конески и неговата дефиниција за јазикот „Јазикот е нашата единствена, целосна татковина“

Тоа се зборовите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Хрситијан Мицкоски, кој на таа трибина уште ќе рече дека Конески со тоа дал совршена дефиниција за значењето на еден јазик и на еден народ.

Перверзија е затоа што на една таква партиска трибина, онака фолклорно насловена „Македонскиот јазик е бисерен ѓердан“, не може да избегнете да не се сетите дека еден од челниците на таа партија, сѐ уште високо сместен во раководството на партијата Антонио Милошоски, го имаше наречено токму Блаже Конески „џуџето од Небрегово“, „шекерен џелат“ и „без’рбетниот академик“.

Се сеќаваме дека тој Милошоски македонската азбука што ја кодифицираше токму Блаже Конески ја нарекуваше „караџица“. Демек била направена по аналогија на српската и под влијание на Вук Караџиќ.

Не се сеќаваме дека некогаш партијата се огради од овие изјави на Милошоски.

Не се сеќаваме ниту дека имаше некаква реакција кога некои од нивните медиумски и експертски ескорти, како Чилиманов на пример, основоположникот на македонската современа поезија Кочо Рацин го нарече исто така „џуџе“, и уште бесрамно додаде дека Рацин „единствено во што успеал е да умре на време“.

Нема ништо што може прогресивната и разумномислечка јавност да ја убеди во целисходноста на овие настани, како оваа трибина на која сѐ уште се фолклорно и патетично се „кука“ дека „никој ништо не му може на нашиот јазик. Ќе живее тој се додека е жив и последниот Македонец“.

И така, пак и пак, во недоглед се шири наративот за последниот Македонец кој толку гласно беше прокламиран минатото лето за време на протестите против „францускиот предлог“ кога сред егзалтираната парада на патриотизам, лично претседателката на Европската Комисија фон дер Лајен, сред Собрание им порача: „Македонскиот јазик е ваш јазик, ние целосно го почитуваме“.

Веднаш после тоа им го испорача договорот за Фронтекс на македонски јазик со уште една порака дека тој, преведен на сите 25 службени јазици на ЕУ, вклучително и на бугарски, ќе биде објавен на македонски јазик во службената архива на Брисел.

ВМРО-ДПМНЕ не гласаше на Фронтекс договорот на македонски јајзик

Дури и од тоа се исплашија первертираните чувари на македонскиот јазик па го оддолговлекуваа потпишувањето на договорот за Фронтекс и на крајот одлучија да не гласаат, односно да не присуствуваат на ратификацијата на овој договор со кој уште еднаш недвосмислено се потврди македонскиот јазик како автентичен јазик на една суверена земја, кандидат за членство во ЕУ.

Ете и тоа е уште една причина да ја наречеме перверзија „заложбата“ на ВМРО-ДПМНЕ и на нејзините првенци да се прикажуваат за чувари на македонскиот јазик.

Дури и оние недугавости на актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека македонскиот јазик е кодифициран во 1977 година, не можат да се прифатат како лапсуси затоа што сепак доаѓаат од премногу одговорни личности, кои, ете, од друга страна, пак, се презентираат себе си за припадници на „генерација што ја има таа должност да твори и да го штити македонскиот јазик и дека така ја штитат и Македонија“.

Има уште многу за сеќавање за нешта и постапки што не се перат на ваков начин. ВМРО-ДПМНЕ никогаш не се извини ниту за лустрацијата на Славко Јаневски писателот на првиот роман на македонски јазик, ниту за навредите и срамната лустрација без право на одбрана на десеттици ликови од поновата македонска историја.

Така не се чуваат крепостите на македонскиот идентитет, култура јазик и посебност.

Посебноста на македонскиот јазик ја заштитија тие што ја впишаа во личната карта на нашата држава во големото семејство на народи и на земји членки на Обединетите нации.

Сега македонскиот јазик, како рамноправен со сите светски јазици, се користи слободно секаде низ целиот свет.

Искрената силна посветеност да се негува и да се унапредува македонскиот јазик се прави со прогласување на 5 Мај за Ден на македонскиот јазик.

Грижата за правописот на македонскиот јазик се демонстрира со бесплатна електронска верзија на Правописот на македонскиот јазик, кој може да се користи и симнува лесно од сите нас на адресата www.pravopis.mk, како и со дигитализација на Толковниот речник на македонскиот јазик (https://makedonski.gov.mk/ ), кој Владата и Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ им го ставија на бесплатно користење на граѓаните и на академската јавност во земјата и во светот.

Заврши дигитализацијата на 5 милиони записи со стари македонски зборови, дијалекти и записи, кои се дел од нашето духовно богатство.

Министерството за култура го отвори процесот за донесување нов Закон за употребата на македонскиот јазик, којшто ќе придонесе за подигање на јазичната култура, негување и заштита на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, како и почитување, унапредување и афирмација на јазичниот стандард. Од државниот буџет за оваа година се изводени еден милион денари за изработка на проект за реконструкција на старото школо во село Љубојно и за негова адаптација во Центар за промоција на македонскиот јазик.

Во Институтот за македонски јазик во текот минатата година се вработија 14 млади истражувачи, за разлика од изминатите 25 години кога имаше само едно, и со бројка – само 1 вработување.

УНЕСКО цела 2021 година, во чест на стогодишнината од неговото раѓање, му ја посвети на Блаже Конески и со тоа оваа годишнина беше дел од листата на УНЕСКО за одбележување значајни јубилеи во светот.

Само така се чува македонскиот јазик. И тоа треба да го прави секој од нас, а не со политикантски настани за да се исперат гревовите на партијата и на сопартијците.

Зачлени се на нашиот е-билтен