Помалку еуфорија, повеќе реалност – наративот што навистина ќе ѝ помогне на Украина

Украина

Секој кој ја поддржува Украина, а јас сум меѓу нив, мора да си постави едно искрено прашање: дали навивањето и преувеличувањето на руските загуби, дали бомбастичните наслови за „претстојниот колапс на Русија” и дали лажната надеж дека Путин „само што не паднал” навистина ѝ помагаат на Украина?

Марјан ЗАБРЧАНЕЦ*

Три години по руската инвазија, про-украинскиот медиумски простор, од Вашингтон до Скопје, е заробен во стапица што самиот ја создаде. Стапицата се вика: нереални очекувања.

Секој кој ја поддржува Украина, а јас сум меѓу нив, мора да си постави едно искрено прашање: дали навивањето и преувеличувањето на руските загуби, дали бомбастичните наслови за „претстојниот колапс на Русија” и дали лажната надеж дека Путин „само што не паднал” навистина ѝ помагаат на Украина? Или можеби создаваат „јаз на разочарување” кој може да донесе штета поголема и од самата руска пропаганда?

Одговорот, за жал, е јасен. И треба да го кажеме гласно.

Бројките не навиваат, бројките сведочат

Ова е најкрвавиот европски конфликт од Втората светска војна. Според студијата на Центарот за стратешки и меѓународни студии (CSIS) објавена во New York Times во јануари 2026 година, вкупните воени жртви на двете страни се приближуваат кон 2 милиони загинати, ранети и исчезнати. Ниту еден конфликт по 1945 година не произвел ваков број жртви меѓу редовни армиски сили.

На руска страна, бројките се застрашувачки. Британското разузнавање проценува околу 1,1 милион вкупни руски жртви од почетокот на инвазијата. Проектот на BBC и Mediazona е единствениот независен обид поименично да се верификуваат руските загуби и со него се потврдени имиња на околу 160.000 загинати Руси, но се наведува дека реалниот број е многу поголем, веројатно меѓу 243.000 и 352.000.

Само во 2025 година, украинскиот Генералштаб евидентирал 416.570 руски жртви, што значи просечно 78 жртви за секој квадратен километар освоена територија.

Но, еве го делот што „навивачките” медиуми најчесто го прескокнуваат.

Украинските загуби не се мали. Претседателот Зеленски во февруари 2025 година потврди 46.000 загинати и 390.000 ранети украински војници. CSIS проценува вкупно околу 100-140.000 украински загинати и околу 450.000 исчезнати и ранети. А, цивилниот биланс за 2025 година е најтежок од почетокот на инвазијата: Мониторинг мисијата на ОН за човекови права регистрирала 2.514 загинати и 12.142 повредени цивили, пораст од 31% во споредба со 2024 година.

Кога некој медиум или аналитичар ги прикажува само руските загуби, а ги прескокнува украинските, не прави услуга. Публиката не е глупа. Кога ќе сфати дека добивала полу-слика, не губи доверба само во тој медиум, туку во целиот наратив.

Теренот не лаже: ниту руски триумф, ниту руски колапс

Русија контролира околу 18–20% од украинската територија, вклучувајќи го Крим. Во 2025 година, руската армија освоила 4.831 квадратни километри, што е 0,8% од вкупната украинска територија. Институтот за проучување на војната (ISW) во неговата декемвриска проценка за 2025 година нотира дека ова ја прави руската офанзива една од најбавните во модерната воена историја.

Ова е клучно. Украина не паѓа. Украина се држи. Но, во исто време Русија не се распаѓа, ниту се откажува, ниту се повлекува, ниту капитулира.

Ова не е проблем само за воените аналитичари. Ова е комуникациски проблем. Како што покажува извонредната анализа на шведскиот Институт за одбранбени истражувања (FOI), објавена во мај 2025 година под наслов „All Eyes on Ukraine”, стратешката комуникација во војна е алатка за обликување на значењето на самата војна, но не може да ја замени воената реалност. Истражувачите Per-Erik Nilsson и Kristina Hellström, врз основа на 18 интервјуа со украински комуникациски практичари во Киев, заклучуваат дека „стратешката комуникација не го заменува воениот капацитет” и дека „претерано техничкиот пристап кон комуникациите ризикува да ја потцени човечката комплексност на војната.”

Поинаку кажано, можеш да имаш најдобра ПР стратегија на светот, но ако наративот не е усогласен со реалноста, таа паѓа.

Комуникацискиот триумф од 2022 и лекциите кои не ги научивме

Треба да бидеме фер. Првите месеци по инвазијата комуникациите на Западот беа мајсторско дело. Може слободно да се каже,  едно од најуспешните во модерната историја на стратешки комуникации.

Професорот Nicholas Cull од Универзитетот Јужна Калифорнија, еден од водечките светски експерти за јавна дипломатија, ја анализираше украинската комуникација во својот труд „The War for Ukraine: Reputational Security and Media Disruption”, објавен во Place Branding and Public Diplomacy. Неговата теза е дека Украина успеа зашто нејзината комуникација беше „заснована на автентичност, а не на спин.” Зеленски, кој одби да бега и снимаше селфи-видеа од опсадниот Киев, стана глобален симбол не зашто имаше добра агенција за односи со јавност, туку зашто неговата постапка беше вистинита. Cull пишува дека „репутациската безбедност” зависи од усогласеноста меѓу зборовите и делата и дека кога таа усогласеност ќе се наруши, никаква ПР машинерија не може да ја врати довербата.

Американската стратегија на „prebuttals”, разоткривање на руските лаги уште пред тие да бидат изречени, како што НАТО го документираше во своите анализи од Joint Warfare Centre, беше генијален потег. Покажа дека транспарентноста е најсилното оружје против дезинформации. Но, тогаш дојде 2023 година.

„Ова не е холивудски филм”, а некои токму тоа го ветуваа


Летото 2023 година, Украина ја лансираше долгоочекуваната контраофанзива. Голем воен напад чија цел беше да ги пробие руските линии на југот и да ги врати изгубените територии. Месеци пред тоа, очекувањата беа надувани до небо. Михајло Подољак, еден од главните советници на Зеленски, јавно изјави дека Украина ќе го „врати Крим во рок од пет до седум месеци.” На социјалните мрежи, коментатори тврдеа дека офанзивата „ќе ја препише воената историја.”


Ништо од тоа не се случи. Офанзивата траеше цели четири месеци, но заврши без голем територијален пробив. Руските одбранбени линии, километри мински полиња, ровови и утврдувања, се покажаа поцврсти отколку што јавноста беше подготвена да очекува.


Разочарувањето беше големо. Не зашто Украина не се бореше храбро, туку зашто наративот ветуваше нешто што теренот не можеше да го испорача.


Новинарот Neil Hauer, во анализата „Ukraine’s War of Narratives” објавена во War on the Rocks, го опишува ова како повторувачки луп: секој пат кога медиумите и коментаторите создаваат преголеми очекувања, следува неизбежен крах и публиката не губи доверба само во конкретната вест, туку во целиот наратив.


Тоа е лекцијата. Кога на луѓето им ветуваш холивудски пресврт, а добиваат бавна, крвава реалност, тие не мислат дека филмот е тежок и не го разбрале. Тие мислат дека си ги манипулирал или дека немаш осет за реалноста.

FOI извештајот од 2025 година го нарекува ова „управување со очекувања” (managing expectations) или поточно неуспех во управувањето со очекувања. Во едно од поглавјата, насловено „Ова не е холивудски филм” (This Is Not a Hollywood Movie), истражувачите покажуваат како прекумерното ветување создало „замор од информации” и „недостаток на внимание” кај западните публики. Зеленски самиот во јули 2023 признал дека напредокот е „забавен од потешкотии”, но до тогаш штетата врз наративот веќе била направена.

Академското предупредување: „Заморот од војна” може да стане „забивање нож во грб”

Еден од најважните академски трудови за комуникациските ризици на западната поддршка за Украина е студијата на професорите Sascha-Dominik Dov Bachmann и Håkan Gunneriusson, објавена во Australian Institute of International Affairs и Journal of International Peace and Security„Ukraine War: Western Ambiguity, War Fatigue and the Need to Formulate a Future Narrative.”

Bachmann и Gunneriusson предупредуваат на нешто критично: ако Западот и про-украинските медиуми не формулираат „наратив за иднината” кој е реалистичен и се бави со тоа како завршува оваа војна, тогаш ризикуваат да создадат „наратив на забивање нож во грб” (Dolchstoßlegende), сличен на оној кој ја затру Германија по Првата светска војна. Во такво сценарио, разочараните публики забрзано почнуваат да не го обвинуваат Путин за агресијата, туку сопствените влади за „лажните ветувања.”

Нивниот збор е дека „неуспехот да се формулира наратив за иднината кој ги вклучува можните компромиси е стратешка ранливост што ја поткопува долгорочната поддршка за Украина.” Ова не е теорија. Ова е предупредување.

Јавното мислење испраќа сериозен аларм

Бројките го потврдуваат ова предупредување. Истражувањето на YouGov од крајот на 2024 година покажува дека поддршката за „борба до победа” паднала во сите седум истражувани западноевропски земји. Во Италија, 55% од граѓаните сакаат преговори наместо продолжување на војната. Во Германија 45%. Во Франција 43%. Трендот е јасен: поддршката не расте, таа опаѓа.

Но уште пошокантно: во самата Украина, истражувањето на Gallup од август 2025 година покажува дека 69% од Украинците сакаат преговорен крај на војната „што поскоро” наспроти само 24% кои сакаат борба до победа. Пред три години, овие бројки беа обратни. Одобрувањето на американското лидерство паднало од 66% во 2022 на 16% во 2025 година. Само 32% веруваат дека Украина ќе влезе во НАТО во наредните десет години.

Естонскиот Меѓународен центар за одбрана и безбедност (ICDS) во својата анализа „Russia’s War in Ukraine: The Resonance of Ukraine’s Resistance” од октомври 2025 година нуди можеби најпрецизната дијагноза: „Успехот на украинската комуникација лежи не само во нејзината конструкција, туку во усогласеноста со моралните рамки на публиката.” Поинаку кажано: кога зборовите одговараат на вредностите, луѓето слушаат. Кога зборовите одговараат на желби, а не на факти, луѓето се исклучуваат. Токму ова се случува сега.

Санкциите не се неуспех, ниту триумф, туку долга игра

И тука имаше комуникациски грешки. На почетокот на војната, санкциите беа претставени речиси како финансиска нуклеарна бомба. Русија наводно ќе колабира за неколку месеци. Кога тоа не се случи, настана разочарување.

Факт е дека санкциите функционираат, но не како нокаут, туку како долга борба на поени. Atlantic Council во нивната анализа „How Sanctions Have Reshaped Russia’s Future” од февруари 2025 година проценува дека санкциите ја лишиле Русија од над 500 милијарди долари. Руската економија без агресијата од 2014 наваму би била 20% поголема. Каматните стапки се на 21%, највисоки во историјата. Воената потрошувачка скокнала од 3,6% на 7,2% од БДП. Приходите од нафта паднале на најниско ниво од 2020 година, според анализата на Финската централна банка од јануари 2026 година.

Atlantic Council прецизно го формулира проблемот: „Разочарувањето од тоа што санкциите не ја срушија руската економија повеќе се должи на претерани очекувања, отколку на неуспехот на самите санкции.”

Ова е комуникациска лекција. Кога ветуваш нокаут, а добиваш бавна борба, публиката мисли дека губиш. Но ти не губиш. Само ветувањето ти било погрешно.

Корупцијата. Слонот во собата.

Секоја сериозна про-украинска комуникација мора да зборува и за нешто непријатно: корупцијата во Украина за време на војната.

Во јули 2025 година, Киев беше потресен од масовни протести откако Зеленски ги ограничи овластувањата на антикорупциските тела. ОЕЦД во нивниот преглед за интегритет на Украина од мај 2025 година предупреди дека „ризиците од корупција остануваат високи, особено во воената набавка.” А New Eastern Europe во декемвриска анализа од 2025 година отворено напиша дека „Зеленскиовиот биланс е нерамномерен, а скандалите со набавки и управување ја поткопаа антикорупциската динамика.”

Медиумите кои ги премолчуваат овие факти не и помагаат на Украина и не му помагаат на украинскиот народ. Зашто кога за корупцијата ќе раскаже руската пропаганда наместо нас, тогаш нема ние да го контролираме наративот. Подобро е ние да зборуваме за тоа критички, но коректно.

Мирот доаѓа и тоа не е капитулација

Сега стигнуваме до клучното прашање: примирјето.

CSIS во нивната анализа од септември 2025 година „Russia’s War in Ukraine: The Next Chapter”, авторизирана од Max Bergmann и Maria Snegovaya, идентификува четири сценарија: руски пробив (неверојатно), бесконечна војна со понизок интензитет (можно), примирје (сè поверојатно) и мировен договор (најмалку веројатно). Виенскиот институт OIIP во јануари 2026 година оценува дека 2026 може да биде „лимбо меѓу војна и мир” без јасен крај, но со постепено стивнување.

Зеленски веќе го помести дискурсот. Неговиот план од 20 точки, демилитаризираната зона во Донбас, прифаќањето на моменталната линија на контакт како основа за преговори, сето тоа покажува дека украинското раководство реално ги чита параметрите.

Но медиумскиот простор не го следи. Сè уште читаме наслови за „неверојатните загуби на Русија кои ќе ја доведат до капитулација”. Сè уште слушаме опинион експерти кои тврдат дека „Путин нема излез.” А реалноста е дека примирјето, кога и да дојде, нема да биде триумф за никого. Ќе биде болен, тежок, несовршен компромис. И луѓето треба да бидат подготвени за тоа.

Bachmann и Gunneriusson се децидни: „Потребен е наратив за иднината, наратив кој не ветува победа, туку објаснува зошто мирот, макар и несовршен, е подобар од бесконечна војна.”

Доволно за грешките. Што е она што функционира?

Ова не е анализа на пораз. Ова е анализа на тоа каде е силата.

Силата е во фактот дека Украина издржа три години против втората армија на светот. Силата е во 300.000 доброволци кои се јавија во првите денови. Силата е во Харкивската контраофанзива од септември 2022 која ја промени перцепцијата за руската воена моќ. Силата е во дрон-стратегијата која го намалила рускиот рафинериски капацитет за 38%.

Lawrence Freedman, почитуваниот британски стратег и почесен професор на King’s College London, во неговиот „Audit 2025″ објавен на Substack, нотира дека Украина ја принудила Русија на „војна на исцрпување за која Русија не беше подготвена” и дека секој месец што минува без руски пробив е стратешки пораз за Путин кој ветуваше брза победа.

Тоа е наративот. Не „Русија паѓа утре”, туку „Украина се држи денес”. Не „Украина ја напаѓа Русија, Путин паѓа”, туку  „Путин четири години тврди дека ја контролира ситуацијата, а Украина му влезе во дворот и му го расипа планот.”

Не „Русија останува без гориво и ќе колабира”, туку „Украина, без долгодометни западни ракети, сама развила дрон-флота која удира длабоко во руската територија и го намалила рафинерискиот капацитет за речиси 38%, принудувајќи Русија да троши милијарди за одбрана на сопствената инфраструктура.” Тоа е приказна за иновација и стратешка креативност на послабата страна, а не за измислен колапс на посилната.

Секој од овие примери ја следи истата логика: силата е во она што Украина реално направи, a не во она што на Русија наводно ќе ѝ се случи. Кога го поместуваш наративот од „противникот паѓа” кон „ние се држиме и сме снаодливи” добиваш порака која е и покредибилна и помотивирачка.

Апел наместо заклучок

Не тврдам дека некој свесно лаже. Тврдам дека слепото навивање е лош сојузник. Тврдам дека е подобро да зборуваме за силата на украинската одбрана отколку за наводниот колапс на Русија. Тврдам дека е подобро да ги подготвиме луѓето за тежок мир отколку да ги оставиме неподготвени за „шокантна” вест дека примирјето вклучува компромиси.

Кредибилноста е најважното оружје во информациската војна. Кога тоа оружје ќе го потрошиш на празни наслови, остануваш гол на полето, а таму те чека руската пропаганда.

Про-украински не значи нереален. Значи искрен и прецизен. А, искреноста почнува со соочување со теренот, не со навивање од трибини.

*Забрчанец, комуникациски консултант

Анализата користи податоци и проценки од: CSIS (Bergmann & Snegovaya, 2025), ISW (декемвриска проценка 2025), BBC/Mediazona (верификација на руски загуби), Atlantic Council (економска анализа, 2025), FOI/Шведска (стратешки комуникации, 2025), Финска централна банка (јануари 2026), YouGov (јавно мислење, 2024), Gallup/DW (украинско јавно мислење, 2025), OIIP Виена (сценарија за мир, 2026), ICDS Естонија (анализа на резонанца, 2025), UN Human Rights Monitoring Mission (цивилни жртви, 2026), Nicholas Cull — USC (репутациска безбедност), Bachmann & Gunneriusson (замор од војна), Neil Hauer — War on the Rocks (наративни циклуси), Lawrence Freedman — King’s College London (стратешка проценка).

Зачлени се на нашиот е-билтен