ЏАБИР ДЕРАЛА
Големите компании во прехранбената индустрија уште еднаш ни испратија порака: профитот им е најважен, општествената одговорност за нив е непознаница. Не им пречи да ги користат сите придобивки од мерките на Владата за помош на стопанството, но им пречи ако треба да покажат барем минимум одговорност кон општеството, кон своите потрошувачи.
Тие ги разбираат субвенциите што ги плаќаат сите даночни обврзници – граѓанките и граѓаните, и сите други фирми, мали и големи – како покана за правење уште поголеми профити.
Неверојатно!
И да не заборавиме, добар, убав, бел леб, има и за помалку од 30 денари – од помалите пекарски фирми. Но тој го нема во продавниците. Се поставува прашањето, дали можеби големите трговци се солидаризираат со големите пекари. Изгледа дека не ги побарале помалите пекари за да го надоместат кусокот од леб на полиците. Зошто? Одговорот е лесен, дури и за еден лаик за економија. Високите цени на лебот им носат големи профити и на производителите, но и на трговците.
Профитерите секогаш ќе најдат заедничка точка на интереси. Во моментов, заеднички интерес за нив е да ја омаловажат и осуетат популарната одлука на владата и да ја принудат да се откаже од мерката – укинување на субвенционираната цена на струјата и замрзнување на цената на лебот на 33 денари.
А тоа им одговара на десничарските политички партии и медиумите под нивно влијание (и контрола). Сите профитери, собрани на едно место. На алчноста ѝ нема крај.
Дали граѓанките и граѓаните ќе ја лапнат и оваа јадица на алчните за пари и власт, останува да видиме. Полиците во продавниците ќе ни кажат сѐ.