Mодерната популистичка (постфашистичка) пропаганда недоследно фалшира на „моралната супериорност“ на „сѐ“-то над „ништо“-то, со што, во круг, се оправдува отфрлањето на политиките добри за големи категории на луѓе за кои пропагира дека „не се доволни“, бидејќи неговите „идеални стандарди“ се супериорни над овие „бедни“, „морално дефицитарни“ – возможните и направените.
Емилија ЦЕЛАКОСКА
Една важна работа заради која образованието служи е воведувањето на човекот од мали нозе во свет кој не е дихотомно црно-бел. Во процесот на „анти-дихотомизирање“, притоа, многу се потпира токму на дихотомизирањето, бидејќи е најпроста техника на категоризирање – бинарна. На пример, тоа се ситуациите кога треба да се направи разлика што е точно, а што не е, што е различно од нешто друго, правење на одлуки во самиот процес на учење кои преовладувачки често се сведуваат на избор меѓу две опции, но и понатаму, итеративно меѓу други две опции, итн. Овој процес е напорен, бидејќи иако дихотомизацијата применета во исклучиво еден чекор е, во основа, вродена егзистенцијална „вештина“, од друга страна, нејзиното совладување низ повеќекратна итерирана примена не е толку директно насочено со идејата „ајде да се од-дихотомизираме“. Повеќе е во облик на нејзино префинување, постигнување на повеќе дихотомни дејства за ист проблем во текот на процесот на учење. Да, да се користи дихотомизација, но не еднократно, само на простото, инстинктивно ниво.
Заради сигурноста што простата дихотомизација ја обезбедува, поголем е и отпорот таа да се префинува, да се итерира на следни нивоа, да се чепка во неа. Но, во светов на развиени, сложени комуникации и пропаганди, далеку од дивиот пештерски живот, простата дихотомизација веќе одамна дава, најчесто, неточни заклучоци, бидејќи вклучува и крупни пристрасности или предрасуди кои една попрефинета дихотомизација би ги отстранила. Оттука во ученичките клупи потекнуваат проблемите со содржините кои се изучуваат, особено во изучувањето на литературата (комплексни ликови и дејствија), историјата (сосе целиот холизам на политики во поширок период, на поширок регион), математиката (поими и оперирања во проширени простори, со покомплексни ентитети), во биологијата (комплексноста на функциите и анатомиите на многу живи ентитети), физиката („реметење на чистотата“ на геометриските поими преку нивни практични аналози, на пример), итн. Децата, генерално, се длабоко конзервативни, инстинктивно, до застрашеност во одбивањето на следни нивоа на дихотомизација над простото, бидејќи тоа е и промена на целиот систем на размислување и начин на примање нови податоци. Сепак, оние со посилни нерви, со внатрешно чувство за наградата која следува („амбициозни“), или пак можеби, оние кои навистина уживаат да видат „што има потоа“, успеваат да ја отворат рампата. Овој тренинг за совладување на себеси, на навиките, на стравовите во образовните бенигни околности (да, и разбирањето на бенигноста на тие околности спаѓа во тренингот), резултира во способност за сѐ поточни брзи евристики за носење заклучоци. Тоа е и поентата на квалитетот на животот потоа (и проценка на квалитетот на образованието) – да можете да правите што поточни проценки, а брзината си ја наметнуваме самите, не од потреба.
Затоа, кога образованието ќе се сведе на брзи возови од лекции, неповрзаности што буквално оневозможуваат итерирање на дихотомии, навиката за дихотомизирање само на просто ниво на сѐ и сешто во животот, останува. Се закатанчува дури, седи ригидно на човекот со зариени нокти во него како некој демон и не го остава да поживее подобро отколку што му е. Ја негува навиката за брзи заклучоци, а напрегањето тие да бидат што поточни – го отфрла како непотребен напор. Флексибилноста е непријател на ригидноста во просто-дихотомниот ум. Желбата да остане на навиките и „чистите“ концепти од нижото основно училиште, го претвара во камен на кој дејствува само неживиот принцип од физиката – принципот на пониска енергија. Трудот го троши нулто-дихотомниот човек и тој не ја наоѓа никаде во себе наградата од него. Наградата за и најмалиот напор ја бара исклучиво од надвор (финансиска компензација, на пример).
Така, за едно општество, принципот на пониска енергија станува и економски принцип. Но и стапица, бидејќи заради опишаниот „образовен“ рецепт за правење „камења“, технолошката неразвиеност на општествата со критична маса индивидуи без префинета дихотомизација, е дифолт. Односно, напорот за префинето дихотомизирање мора да го има, за општеството да напредува. Ова значи, едно напредно општество се стреми интелигенциите на краевите на Гаусовата ѕвонеста крива да си останат таму. Дури и вундеркиндите, како што научните следења покажале, не се со гарантиран успешен живот, токму заради истиот ненапор за итеративно, префинето дихотомизирање – како и оние на другиот крај. Најважната општествена борба се состои во тоа, тој крај да не се зголемува во бројноста, со зголемување на возраста. И тоа е барем еднаш постигнато во развиените општества. Но, животот е динамичен и не секое, па и развиените општества, на периоди не успеваат да ѝ одолеат на ентропичноста на црно-белоста.
Ригидната проста дихотомност во одлуките, проценките и генерално, начинот на размислување и примање информации е плодна основа за штетните пропаганди. Прво, од повоените истражувања (1948 г. од Елза Френкел-Брунсвик и Теодор Адорно), па сѐ до денешните (Карола Салви и други), разјаснето е дека: „Социо-когнитивната поларизација (проста дихотомизација, м.з.) е фактор што ја доловува конзервативната политичка идеологија, апсолутизмот, нетолеранцијата кон недихотомијата и ксенофобијата, приемчивоста на булшит (преценување на псевдо-длабоки тврдења), како и претерани тврдења и когнитивна ригидност. Резултатите покажуваат дека оние со помала социо-когнитивна поларизација, со помала булшит-рецептивност и помало прифаќање на претерани тврдења, се најдобри во решавањето на проблеми, односно во способноста да генерираат нови идеи со истражување на невообичаени патеки за расудување и предизвикување на ригидните перспективи во својата околина.“ Со непрефинетото дихотомизирање, со останувањето на простата црно-белост во мислењето, заклучоците се загадени со булшит (пример за булшит кај нас е „ВМРО е де-ен-ка на македонската нација“), со претерувања и предрасуди. Слично како да сакате графички да решите равенка со гаѓање на моливот на хартијата во случајна точка, мижечки. Обратно, префинетото дихотомизирање веројатно најмногу наликува на поделба на области во кои со итерирано расудување сѐ поточно се лоцира решението.
Второ, поради инстинктивноста на простото дихотомизирање и така-добиените чисти поларности на „позитивно/негативно“, „сѐ/ништо“, „љубов/омраза“, „добивка/губиток“ (или поекстремните од вид „или ние, или тие“) штетните пропаганди се здобиваат со повратна спрега во своето дејствување. Имено, оваа специфична дисторзија на мислењето низ црно и бело, не само што има отпорна инстиктивна подлога (од пештерските инстинкти за преживување) и успева да ги преживее образовните „напади“ на резонирање, туку се храни од дихотомната основа на пропагандите. Светскиот фашистички штетник Хитлер, не криејќи го презирот кон народот како „слепа и глупава маса која не знае што прави, примитивна во секој однос“, директно в лице пред 200.000 Берлински поддржувачи (стр. 78 од Ian Kershaw, Hitler: 1889-1936 Hubris : W.W. Norton & Company, 1998) им го вели тоа – дека се слепи, глупави, примитивни и дека не знаат што прават, но затоа тој е тука да им каже. Не криејќи ја ни својата пропагандна теорија, го промовира црно-белото просто дихотомизирање како еден од најсилните пропагандни принципи за „простата маса“.
Зачинета со претерувања, предрасуди и булшит (Салви), популистичката (постфашистичка) пропаганда оди главно преку црно-белото дихотомизирање, кое очигледно се провлекува низ многу пропагандни принципи, а Хитлер го формулира и како посебен принцип: „Единствено убедливо е тоталното бело наспроти тоталното црно“, со што укажува на намерно користење на претерувања, предрасуди и булшитирање за да постигне реторичка црнобелост.
Се разбира, тоа што простото дихотомизирање најчесто не води кон заклучоци кои се добри за благосостојбата, (ете, уште пред цел еден век), не значи дека работите не можат (лесно) да се разликуваат секогаш, на пример некои лаги од вистината (за некои треба труд, јасно), или моралноста од неморалноста (иако некои се служат со претерувања, извртувања, а понекогаш и директна инверзија, што повторно бара труд), а особено „ние-тие“- поларноста. После Хитлер, згрчувањето на светот од грозоморните нечовечности и злодела, сигурно довело до повисока свест за авторитарните принципи, но преблиското граничење на конзервативните норми со нив, во денешницата ги „кјуанонизира“ токму конзервативците во рамки на Хитлеровите презирачки проценки за народните маси. Односно, десничарските популистички пропаганди веќе инсистираат на Хитлеровите пропагандни основи: „Пропагандата е оружје“, „Повторување, претерување и пак повторување“, „Кратки слогани“ – како „диктатот на Версај“, „корумпираната Вајмарска влада“, „ноемвриски криминалци“ итн. (сличностите кои десничарската ВМРО-ДПМНЕ кај нас во својата пропаганда ги користи, малку е неверојатно дека се случајно – исти), „Најди омразена група“ (антисемитизмот), „Страст над разумот“, „Лажи на големо“, (Хитлер смета дека контрадикциите од лажењето се небитни бидејќи „народот е глупав и заборава“, а „лагата е како обрежување, го отстранува непотребното и деградирачко ткиво“ – цитат од почетните страници на The Psychopathic God: Adolph Hitler на Robert Waite). Сличностите во нашето поднебје не се за занемарување, бидејќи и така, секаде, постоењето на демократијата е само изговор на популистите – модерните постфашисти (назив од Федерико Финкелштајн во прилично новата книга „Од фашизам до популизам во историјата“ од 2017 г.) – тие и така го употребуваат концептот на избори за нејзино укинување.
Значи, зачинета со претерувања, предрасуди и булшит (Салви), популистичката (постфашистичка) пропаганда оди главно преку црно-белото дихотомизирање, кое очигледно се провлекува низ многу пропагандни принципи, а Хитлер го формулира и како посебен принцип: „Единствено убедливо е тоталното бело наспроти тоталното црно“, со што укажува на намерно користење на претерувања, предрасуди и булшитирање за да постигне реторичка црнобелост. Односно, тоа е опис на пропагандната процедура за простото дихотомизирање. Што може друго да кажеме за ова, освен истото што и модерните јапонски експериментални истражувачи Миеда, Току, Ошио го пронаоѓаат – дека „дихотомните верувања се негативно асоцирани со когнитивните способности“. Да забележиме, се работи за „верувања“, додека самите манипулатори кои ги креираат (како Хитлер) може и да не веруваат, а може и да веруваат во тие тврдења. Со последново е обезбедено и ширењето на таа штетна пропаганда, којашто воедно ги „јаде“ воглавно конзервативците. Односно, од сигурноста која ја пружаат принципите на конзервативноста, ги лизнува кон несигурност, страв и чувство на загрозеност. Веројатно, денес најмалку на светов постојат луѓе со старите стабилни конзервативни вредности додека конзервативноста како множество од принципи е „кјуанонизирана“.
Еве, (за среќа, само економски) примери кај нас, од последната пропагандна акција на медиумските десничарски (односно кјуанонизирани) свирчиња, во пропагандната тактика за дихотомизирање: „Сѐ или ништо“. Слоганот е: „Не е доволно“. Не е доволно гарантирана цена, не е доволно 140 денари за студентски оброк, не е доволно ова, не е доволно она. Популистички, (или по старо – фашистички), не се кажува експлицитно колку е доволно, туку имплицитно се поставува нереалистичен стандард. А дури и кога (ретко) се поставува експлицитен стандард, внимаваат тој да биде екстремен, невозможен од некој аспект („Бесплатен автобуски превоз“ наспроти идејата за која беа обезбедени средства и започнати првични чекори). Разумниот инкрементален прогрес кон некое решение, не постои во оваа црнобелост. Не се признава чекор во добра насока, тоа е „ништо“. Само невозможното „сѐ“ вреди. Упростено, ова може да се спореди со софизмот за Ахил и желката, или, штом не се признава тоа што сте почнале да се качувате по скали, тогаш не можете да стигнете на 5-тиот кат: Единствено само ако скокнете од земја до 10-ти кат се признава. Не смее, според оваа пропаганда, ни алтернативни решенија на проблемот да има, на пример да се дојде блиску до невозможниот стандард преку инаков начин, еве, во упростениот пример, да користите лифт кој ќе ве крене од земја до 10-ти кат директно бидејќи тој минува кат по кат. Тие спремно ќе ви ветат инстантно стигнување на 10-тиот кат без мачното поминување катови.
Хитлеровите пропагандни упатства за претерување во оваа „сѐ-или-ништо“ пропаганда се евидентни – невозможните стандарди на „не е доволно“ се она – „тоталното црно“ за оние кои ги критикуваат. Ги користат невозможните стандарди како Прокруст, за да ги потсечат нозете на оние кои ги промовирале овие бенефиторни политики за големи категории луѓе, бидејќи ваквите мали чекори не се вклопуваат во пропагандно наметнатите тесни, невозможно високи стандарди. Со видливо претерување за да се постигне „тоталното црно“, преку простата дихотомност тоа треба да асоцира на „тоталната белост“ на пропагандистот. Така тој добива поддржувачи коишто се всушност против самите себе (како и 200.000-те Берлинци пред Хитлер), верувајќи во неговата „белина“. Но, модерната популистичка (постфашистичка) пропаганда не застанува тука: За повратна спрега (перпетуум мобиле) пропагандистот недоследно фалшира на „моралната супериорност“ на „сѐ“-то над „ништо“-то, со што, во круг, се оправдува во отфрлањето на политиките добри за големи категории на луѓе за кои пропагира дека „не се доволни“, бидејќи неговите „идеални стандарди“ се супериорни над овие „бедни“, „морално дефицитарни“ – возможните и направените.
Одговорот на прашањето – но, зошто некој тоа би го правел, е – затоа што оваа црно-бела пропаганда некому дава моќ врз основа на самоповреда на жртвата. Не е дека жртвата нема избор – таа може да резонира со повеќекратна примена на таа дихотомија, првично за да обезбеди дека не гледа во некоја нереална инверзија што му се става пред очи (на пример, „Падне ли Уставот, помине ли преговарачката рамка, завршува македонскиот идентитет“), туку во реалноста – македонскиот идентитет е признаен во Европа, а останува само да не им се дава моќ преку избори на ентитети кои експлицитно завлекуваат со европските стандарди.