Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Реформите на Ататурк и Македонија

Визиите на Ататурк, гледани од денешен момент, се значајни за Македонија колку и за Турција, како извонреден пример на државник кој направи историја со процесите за модернизација на својата земја

Пишува: Ерол РИЗАОВ

Речиси и да нема случај во историјата на новиот век, што се смета почнувајќи од Француската буржоаска револуција 1789 година, кој уште трае, еден државник, војсководец и реформатор да покрене и спроведе такви коренити промени како што тоа го направи Мустафа Кемал Ататурк за само 15 години. На 29 октомври Турција одбележа 100 години од прогласувањето на Република, а за неколку дена, на 10 ноември, со тишина ќе се одбележи 85 години од смрта на таткото на турскиот народ и држава.

За Македонија Кемал Ататурк е значаен не само поради посетата на военото училиште во Битола, како што обично се нагласува, или поради неговите предци кои некаде во 15 век дошле во Коџаџик, во Жупа, од каде подоцна се преселиле во Солун. Дури би ги занемарил, иако можат да бидат значајни недоволно истражените релации што ги имал со македонските револуционери во подготовките на Младотурската револуција и добивањето на автономија за Македонија. Реформите на Кемал Ататурк гледани од денешен современ, актуелен момент, се значајни за Македонија колку и за Турција, како извонреден пример на државник кој направи историја со процесите за модернизација и приближување кон Европа.

Многу работи се совпаѓаат во многу кратка временска разлика од 15 до 20 години меѓу она што се случува во Репблика Турција од 1923/1938- 2023 година и во Федерална, Народна, Социјалистичка Република Македонија, Северна Македонија од 1944/1991- 2023 година. Кемал Ататурк, покрај воените победи по Првата светска војна, спасување на Турција во таковинската војна и победите над сојузниците во Галиполе и Чанаккале, како и ослободување од грчката окупација, на 1 ноември 1922 година го собори султанатот и ја прогласи Анкара за главен град.

Шокантни одлуки за историски промени

Шокантна е одлуката Истанбул, главниот град на три империи – Западното и Источното римско царство, подоцна наречено Византија, и на Османлиската империја, да не биде веќе престолнина на државата. Дури многу подоцна ќе се открие колку е значајна оваа одлука за развој на Анадолија и преостанатиот дел на Турција. Уште пошокантни се другите промени што ги прави Ататурк.

По формирањето на Големото национално собрание во април 1920 година, Ататурк го завршува првиот процес на промени со прогласување на Републиката на 29 октомври 2023 година.

Својата прва национална држава Македонија ја формира по победата во Втората светска војна 1944 година со одлуки на исторското антифашистичко Собрание АСНОМ. По таа одлука Македонија станува составен дел на Југославија, или како тогаш се именува ФНРЈ, федерација со југословенските републики. И сега се редат настаните кои се речиси идентични во двете држави, и во Турција и во Македонија, а само до пред стотина години Македонија беше во составен дел на Османлиската империја, поточно до 1913 година .

Турција почнува да го остварува сонот на Кемал Ататурк, модернизацијата на општеството со политички, правни, културни, образовни и социјални реформи. Една од големите реформи на Ататурк е укинување на арапското писмо и создавање на нова латинична азбука во 1928 година. Македонија само 16 години подоцна го прави истото – се усвојува нова азбука со кирилично писмо. Во двете држави почнува масовно описменување на населението. Република Турција воведува нов литературен јазик, како резултат на големата јазична реформа со поедноставување на говорниот јазик кој е многу поразличен од писмениот османлиски јазик. Во Македонија пак Блаже Конески го кодифицира литературниот македонски јазик земајки ги за основа говорните народни дијалекти.

Кемал Ататурк ја одвојува религијата од државата, прогласува секуларна држава, што е речиси незамисливо ако се имаат предвид векованата припадност на Империјата и на османлиската династија на султаните, целиот образовен систем и значењето на исламот и верската припадност. Верските великодостојници повеќе не можат да се мешаат во државните работи и драстично се намалуваат часовите по веронаука во училишата.

И покрај голмите отпори со силен притисок, тоа на Ататурк му успева. Истото се случува и во Македонија. Новиот еднопартиски комунистички систем го има сличниот однос кон верските великодостојнци што се однесува да мешање во работата на државата, но донекаде толарентен е односот кон практикување на верата, на верниците и работата на црквите и џамиите во рамките на верските канони.

Турција и Македонија го прифаќаат Грегоријанскиот календар со тоа што се воведува и метричкиот и мерниот систем, граѓанското право, правото на глас на жената и други човекови индивидуални права и уште дестици тешки реформи по урнек на Европа и современиот свет. Кемал Ататурк е првиот претседател на Репблика Турција избран 1923 година, ја извршуваше највисоката функција 15 години. Почина на 57-годишна возраст во 1938 година. Една година е прогласена од ОН за година на Кемал Ататурк, кој сите реформи ги направи за да ја отргне Турција од Азија и да ја внесе во модерните европски и светски цивлизации.

Задоцнетите реформи – апсурд на историјата

Апсурдноста на историјата и доцните реформи во Турција и во Македонија е во фактот што сите овие промени со прогласувањето на паралемнтарни демократии, јазични и образовни реформи, нови азбуки, кодификации на јазикот, се направени речиси сто години порано во земјите кои биле под владеење на Османлиската империја. Тоа е случајот и во Грција и во Србија и во Бугарија каде голем дел од овие реформи се направени во првата половина на 19 век.

Во Македонија тоа се случува по Втората светска војна, а Турција со реформите на Ататурк тоа го постигнува во период пред Втората светска војна. Неговите наследници, осебно вториот претседател на Турција, Исмет Инени, по многубројните војни на истоштениот турски народ успева да ја запази неутралноста и добро да се справи со определбите во зависност од исходите на фронтовите и да ја спаси Турција од нови жртви и разорувања, но и да не биде посрамотена од неутралноста со тоа што кон крајот на војната се приклучува кон сојузниците.

И сега доаѓаме до последниот период во делот на целосно остварување на припадноста кон светските цивлизации и членството во ЕУ.

Турција е меѓу првите основачи на ОН, рана членка на НАТО, каде што игра значајна улога. Членка е на една од најмоќните светски асоцијации Г20, како и асоцијативна членка на Европската заедница од 1963 година, а од 1995 година се приклучува кон царинската унија на ЕУ. Ги почна преговорите со ЕУ пред 18 години, поточно 2005 година, кои се блокирани од ЕУ во 2017 година, поради, како што е образложено од Брисел, авторитарниот систем на владеење на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Во Турција, пак, се вели дека причина за блокираните преговори и членство во ЕУ се поддршката на северен Кипар и неоснованиот страв на ЕУ од исламот, што ја прави Унијата затворен христијански клуб, што пак често се користи како оправдување на властите во Турција за неуспехот да се остварат реформите за членство во ЕУ .

Се разбира, секогаш вистината во вакви ситуации е некаде на средина. Во западна Европа со децении живеат повеќе милиони муслимани, од кои голем дел се интегрирани во тие општества, што јасно укажува дека не е проблемот во верската припадност, туку во застојот на демократските процеси и злоупотребата на религијата во остварување на политичките и партиските интереси, напуштање на секуларизмот на Кемал Ататурк. Но, и односите меѓу Турција и влијателните членки на ЕУ често стануваат драматични и се врз основа на реципроцитет, што Турција, и покрај европската определба, како моќна држава може да си го дозволи.

Во Македонија, покрај членството во НАТО, долгогодишниот кандидатски статус од 18 години за членство во ЕУ, и блокадите од членки на ЕУ – соседните земји Грција и Бугарија, што можат да се сметаат за дел од сличностите со Турција, има и некои суштински разлики. Тука се почнатите преговори, чие продолжување веќе не го блокира ЕУ, туку немањето меѓупартиски консензус за најзначајната стратегиска државна цел. Турскиот синдром на односите со ЕУ, кој ѝ се заканува и на Македонија, го наметнува најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски. Македонија не е во позиција во односите со членките на ЕУ да примени реципроцитет како Турција. Таа реалност на односите меѓу државите во Македонија е тешко прифатлива и е предмет на политички манипулации и подгревање на лажен патриотизам.

Споредбите и сличностите со Турција во периодот на поновата историја е со цел да се извлечат поуки дека припадноста кон светските и европските цивилизации, гледано низ генијалноста на еден светски државник како што е Кемал Ататурк, кој ги имал тие визии пред повеќе од сто години, и ден-денес е најзначајна работа. Денес покрај сите овие сознанија, да се блокира патот на европеизација на сопствената земја, на неопходните реформи, е најголемото предавство на националните и државните интереси. Попречувањето на припадноста кон прогресот и побрзиот сестран развој на татковината не може да се оквалификува поинаку.

(Дојче веле)

Зачлени се на нашиот е-билтен