Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Што навистина се случи на изборите?

Проблемот со внатрепартиските „најдемократски партии“ и надвор од нив, е глобално прашање, ние не сме измислиле никаква топла вода. Ниту сме најлоши од сите „партиски деца“ низ светот.

Пишува: Ненад ЈОВАНОВИЌ

Откако завршија изборите, земјава влезе во некоја релативна тишина, несвојствена за нејзиниот табиет (или барем така мене ми се чини)? Сите нешто „дебело“ размислуваат, контемплираат, циуфкаат, прдуцкаат и верглаат на туркање како „руска лада“ од времето на осумдесеттите.

Во СДСМ сите лицитираат за име на нов лидер, а во Мицковото ВМРО на тесно и на широко, некаде на планината Огражден, контемплира(ат) за профилот на идната десна и конзервативна влада. И сите „размислуваат“, мајку ти божју! Во оваа земја толку не се размислувало од падот на Берлинскиот sид наваму. Некои други, пак, кои „умеат да се снајдат“, се напикаа во кабинетот на „гордата“ ни Гордана, и господ нека ги благослови! Ние останатите кои не умееме да се снајдеме во нашиот мал и мизерен живот, ја прифаќаме професијата на која „поретко се оди“, и почнуваме со својата колумнистика, расчистувајќи си во својата глава што навистина се случува во земјата.

Добро, од каде да почнеме? Еве, ќе почнеме од СДСМ, таа партија која се разлупа на претстојните избори. Во игра се неколку играчи за лидер на партијата. Барем оние кои ни ги сервираат медиумите. Венко Филипче, Димитар Ковачевски, Игор Ивановски „шема“, Зоран Заев, Гордан Георгиев, Јован Деспотовски, Стефан Богоев… Сите „скопски деца“ со исклучок на еден, сите знаеме кој е тој еден што не е скопско дете. Оној де, што од никогаш не им беше доволно добар на таа образована „скопска елита“ (било „лева“ било „десна“, сосема сеедно), тој што со години (ако не и децении) го поткусуруваа во идеолошките поделби (или закани?) измеѓу „село“ и „град“. И додека на улиците на Скопје (а јас како „втемелен уличар“ ги познавам улиците на градовите од македонските паланки), знам дека тамо се одвива обсцениот код на малограѓанштина и нејасните правила на буржоаска отуѓеност. А најмалку пет генерации наназад сите сме деца на селани. Единствен предизвик за сите нас е оној предизвик што ни вели дека сакаме да личиме на „градските луѓе“, оние модерни граѓани од „белиот свет“. Тоа што сме преоблечени во релативно пристојна облека, со „образован“ акцент во нашите усти, не значи дека баш до крај ни е јасен нашиот градски идентитет.

И ова ви го зборува човек што променил толку многу адреси на живеење и попримил толку многу различни „градски“ идентитети. Да не се распостилам со дополнителни афектации (and аргументации), овој текст не е за мене, овој текст е за што, по ѓаволите со нас, се случува во оваа земја.

Проблемот со внатрепартиските „најдемократски партии“ и надвор од нив, е глобално прашање, ние не сме измислиле никаква топла вода. Ниту сме најлоши од сите „партиски деца“ низ светот. Еве неколку разрешувања (или дополнителни замрсувања) што таквата постапка ги отвара. После серија на британски лабуристички порази, таа партија се најде во криза која, од разни јавни мудросери ѝ се велеше дека е во „идентитетска криза“, а еден од главните идеолошки претенденти за лидер велеше дека ги изневерила „левичарските идеи“ што ги произвел „блеризмот“. Дури и релативно пристојниот Милибанд „изгоре“ на општите избори, и дека партијата ја однел премногу „лево“ според вкусот на мнозинството британски гласачи.

Во такви околности се случува нешто парадоксално. За нов лидер на лабуристите доведен е Џереми Корбин, изразит левичар од „стар ков“. Така лабуристите отидоа уште „по лево“, на ужас на сите нејзини поддржувачи во бирачкото тело кои си ја познаваат својата партија и оквирите во кои таа треба да се движи. Како се случи тоа? Па, убаво. Корбин е биран на непосредни и внатрепартиски избори на кои гласале сите членови на лабуристите.

Зошто еден крут, сув, ама во основа анонимен, безбоен, досаден, борниран и одвратен апаратчик, замрзнат во марксизмот, добил избори во една така силна и важна политичка партија во Британија? Затоа што се работеше за популист обоен од анти-меритократско гласање во партијата. Ако партијата има јасен „лев, социјалдемократски предзнак“ – понуди ѝ непосредно да бира. И таа ќе го одбере „најлевиот“ во понудата. На масите секогаш ќе им се допадне не поради конкретниот кандидат, туку затоа што таа сака да се допадне на самата себе, да си честита на себе поради својата „идеолошка чистота“. А потполно и е сеедно, практично – воопшто не и влегува во глава – што на таков начин својата партија ја оддалечува од власта, затоа што истакнува кандидат за лидер кој е тотално „неелектибилен“ од позиција на вкупното и пауперизирано бирачко тело.

Од друга страна, разбирливо, ако имаме партија која е изразито десна, тогаш десна маса ќе ја избере изразито најдесната понуда. Од причина која погоре ви ја опишав – дајте им на масите да гласаат, тие ќе ги одберат исклучиво крајностите. Најјакиот лево или најјакиот (и најрадикланиот) десно. Сте го читале José Ortega y Gasset, во неговите текстови многу добро е објаснето. Читајте додека „размислувате“!

Еве уште еден пример: ХДЗ во Хрватска се растури со неспособниот и екстремен Карамарко, така што го преплаши останатиот дел од бирачкото тело. На крајот ја сруши својата влада и отиде на избори како на кланица. Меѓутоа, таа влада опстана, дури и ги зацврсти своите позиции, ама не заради Карамарко, туку затоа што на негово место го доведоа Андреј Пленковиќ, човек што ќе делува обратно од Карамарко.

Што се однесува до социјалдемократите кај нас, таа политичка партија има јасен „граѓански“ предзнак, без разлика што и тоа да значи. А значењата најчесто се менуваат како што се менува и контекстот на делување. Ако денес СДСМ влезе десно, односно во конзервативизам, влегува во сериозна кавга со своето бирачко тело – оти чуму ти е тоа кога од друга страна ја имаш ВМРО-ДПМНЕ? Ако премногу кокетира со „левичарање“, не чини ниту тоа, затоа што во основа се работи за социјалдемократска партија која собира и се обраќа на дел од центристичкиот спектар на гласачи. И СДСМ не падна затоа што го изгуби својот идентитет, туку падна заради многу прозаични причини.

Во реалноста, пак, СДСМ секогаш функционирала во овој „центристички терор“ и способност за коалицирање со групи на граѓани и индивидуи. Тоа е нејзиниот домет и фатум вкоренет во тој „центризам“. Единствениот факт е тој: Зоран Заев е „електибилен“ човек за масите, Венко Филипче, барем од претстојните избори исто така е „електибилен“ за широките маси. Овие другите кандидати на СДСМ, тешка работа, пријателе! Освен ако не сакаме да си играме схоластика и поминеме премногу долги зими на ветар, студ и магла.

Кога ќе се обидеме овие работи да ги разбереме, тогаш ќе разбереме колку во суштина постојат причинско-последични врски, тогаш може да ги разбереме длабоките општествени процеси во Македонија. (Фронтлајн)

Зачлени се на нашиот е-билтен