Најголеми противници на членството на Македонија во ЕУ во овој момент се Румен Радев или „агентот на Путин“, и Христијан Мицкоски. Двајцата тоа го прават на различни начини, но целта им е иста.
Љубиша НИКОЛОВСКИ
Најголеми противници на членството на Македонија во ЕУ во овој момент се Румен Радев или „агентот на Путин“, и Христијан Мицкоски. Двајцата тоа го прават на различни начини, но целта им е иста.
За среќа, на првиот веќе му се „случува народ“ на кого му здодеа „временото“ соло-владеење во услови на политичка криза во Бугарија, во кој период ја русифицираше земјата. Протестите кои деновиве се одржаа во Софија се реакција на оддалечувањето на Бугарија од ЕУ и НАТО и опасноста од про-руските сили во бугарскиот парламент.
Прашање на време е кога и на македонските граѓани ќе им „пукне филмот“ што со месеци им го прожектира раководството на ВМРО-ДПМНЕ против уставните измени, против ЕУ и против САД, а најмногу против Македонија, а кој многу потсетува на сценарио од продукцијата на „Мосфиљм“.
Но, ни Радев ни Мицкоски не сфаќаат дека влезот на Македонија во ЕУ е готова работа. Вратите на Брисел се отворени и се чини за тоа е најсвесен поранешниот бугарски министер за одбрана и почесен лидер на ВМРО-БНД, Крсимир Каракачанов. Тој дури сега сфаќа дека македонската дипломатија веќе ја завршила работата без Бугарија да има поим што се случува во дипломатските кругови на Брисел и Вашингтон.
Поголем доказ за успешно завшената мисија на Бујар Османи од неговото признание за тоа, нема:
„Ако продолжиме да дремеме на ист начин, не само што Скопје нема да биде принудено од Брисел да направи какви било промени во односите со Бугарија, туку и Бугарија ќе испадне виновна. Има неколку преседани во изминатите три недели што треба да ги забележиме. Прво, фактот што македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи активно ги посетуваше институциите во Брисел, посетуваше и одржуваше средби со различни групи европратеници на кои искрено, без никакво име ја клеветеше Бугарија“, вели Каракачанов.
„Скопје се обидува да го сврти извештајот во своја полза и за малку ќе ја направи Бугарија виновна. Ова е случај без преседан во практиката на Европскиот парламент и бирократите во Брисел – земја кандидат да си дозволи да прави такви констатации и да води таква реторика против земја членка. Ова досега е недозволено“, вели Каракачанов.
Тој обвинува дека во сето ова има и надворешен притисок од САД бидејќи, вели, тоа што го кажал премиерот во Рејкјавик го повторила и американската амбасадорка во Скопје, Анџела Агелер – во поблага форма, но во иста смисла.
Така што само аматери во политиката и дипломатијата не сфаќаат дека зад оваа Влада стојат големи сили кои тераат големи геостратешки проекти, за да може да ги сопнат мали играчи од „белата палата“.
Блинкен, Макрон, Урсула, Шолц, се само имиња зад кои стојат земјите лидери во меѓународната политика, а кои најотворено застанаа зад моментот на уставните измени.
Тоа не значи дека на оваа Влада и е дадена бланко потврда дека ќе „пројде“ без тешки реформи во клучните области кои сега ги нема под контрола. Но, прво мора да се затвори досието на отворени преговори за членство, со помош на ВМРО—ДПМНЕ, а потоа ќе проработи „машината за мелење“ на реформи диктирана од истите кои и го дадоа „пасот“ за членство.
Оттаму се чини дека Македонија ќе го продолжи својот започнат пат кон ЕУ со Мицкоски или без него. На него е да одлучи кој пат ќе го фати, без разлика дали ќе патува со воз или со брод.