Таа не умре – ја убија. Ја уби мажот со кого живееше. Ја убија институциите што не ја слушнаа. Ја уби стигмата која ѝ залепи етикета наместо заштита.
Асиб ЗЕКИР*
Наместо да сведочиме на вести што ќе го вратат нашето доверие, повторно сме соочени со реалност што боли. „Жена жртва на семејно насилство заклана од вонбрачниот партнер “. Оваа трагедија не е изолиран случај, таа е дел од поширок образец кој покажува дека системот сè уште се бори со чувствителноста, одговорноста и навремената реакција.
Таа не умре – ја убија. Ја уби мажот со кого живееше. Ја убија институциите што не ја слушнаа. Ја уби стигмата која ѝ залепи етикета наместо заштита. Заклана во сопствениот дом пред очите на сопствените деца, таму каде што требаше да биде безбедна, мирна, заштитена. А била само жена. Жена Ромка. И тоа им било доволно за да ја игнорираат.
Повторно слушаме на вести како “пријавувала”, “барала помош”, “тропала на вратата”. И повторно никој не отворил. Полицијата ѝ рекла „ќе се смирите“. Но зошто таа мораше да се смири додека тој ја тепаше? И ете не се смириле, туку ја убиле. Зошто државата го штити ѕверот, а не жртвата?
Нејзиниот живот згасна, зад неа останаа две мали срца што ќе растат со празнина и трауми. Две малолетни деца сведоци на семејна трагедија ја изгубија мајка си, што го загубија и последното чувство на сигурност. Каков живот ќе имаат? Каква надеж ќе имаат овие деца? Каква љубов ќе имаат овие деца? Каква едукација ќе имаат? Кој ќе ги прегрне пред спиење? Како ќе се интегрираат во општеството што веќе ги фрли во маргините? Стигмата уште еднаш уништи детски сон, и тоа уште пред да започне да се сонува.
Оваа трагедија не е изолиран случај, таа е резултат на систем што хронично не функционира. Ист систем кој однесе млади животи како резултат на пожарот во Кочани. Ист систем кој дава изјави, а не дава заштита. И додека се пишуваат извештаи, луѓето умираат.
Ова не е само женска приказна, ниту ромска приказна! Ова е приказна за една држава. Колку уште жртви ќе дозволиме пред конечно да се соочиме со вистината дека системот е неефикасен, а предрасудите убиваат? Ни треба држава што спречува, не што се извинува. Ни треба систем што слуша, не што закопува.
*Асиб Зекир, извршен директор на РЕДИ – Северна Македонија