Студената војна живее во наградите

„Европскиот орден за заслуги“ е измислен од претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола (ЕПП), очигледно за да се одбележи 75-годишнината од Шумановата декларација од 1950 година. Комисијата за избор имаше 4 члена од десниот центар, вклучувајќи ја и самата претседателка, 2 од левиот центар и еден либерал.
*Андор Ласло

Петмина од нив се поранешни премиери на Франција, Португалија, Полска, Италија и Белгија. Листата на лауреати во првиот круг е уште попристрасна од составот на жирито. Само 2 од 20, Мери Робинсон и Хавиер Солана, имале каква било поврзаност или членство во партии од левиот центар. Ниту една личност не беше наградена за придонес кон социјалната димензија на европската интеграција.

Регионална распределба: 4 лица, односно 20%, доаѓаат од земји кои не се и никогаш не биле членки на Европската Унија. А бидејќи Пјетро Паролин ја претставува Светата столица, никој од 20-те лауреати, на пример, не ја претставува Италија.

Бидејќи беа вклучени и граѓани од земји што не се членки на ЕУ, некој можеше да помисли и на Обединетото Кралство, кое 45 години беше членка на ЕЗ/ЕУ и масовно придонесе за европската култура и наука. Сепак, не може да се критикуваат само регионалната и политичката пристрасност, туку и некои од поединечните избори.

Меѓу лауреатите има некои кои не се особено познати. И неколкумина кои се повеќе озлогласени отколку славни.

Жан-Клод Трише е конзервативен француски централен банкар кој беше еден од архитектите на погрешно поставената Економска и монетарна унија (ЕМУ) и големата катастрофа во еврозоната што се разви пред 15 години. Во својот говор при примањето на наградата тој ги наброја земјите што се приклучија на еврозоната под негов надзор, како тоа да беше знак за успехот на неговата монетарна политика.

Од 2012 година, Европа го слави Марио Драги затоа што ја спаси единствената валута, но тоа беше потребно само затоа што Трише и компанија ја доведоа еврозоната до работ. Оние што го наградуваат Трише можат да се споредат со Бурбоните: „тие ништо не научија и ништо не заборавија“ (Талеран).

Волфганг Шисел е христијанско-демократски политичар од ÖVP кој некогаш беше пионер во уривањето на ѕидот меѓу десниот центар и крајната десница во 2000 година. Како резултат на тоа што Шисел формираше коалиција со крајнодесничарската Партија на слободата, која тогаш ја водеше Јерг Хајдер, Австрија беше предмет на политички санкции и со години беше маргинализирана во меѓународната дипломатија.

Таков карантин ретко се користи внатре во Европа. Оттогаш, практиката на ЕПП се промени, па десниот центар владее со крајната десница во околу половина дузина земји од ЕУ. Затоа може да се каже дека Шисел постави тренд што денес повремено го осудуваат дури и Манфред Вебер и Фридрих Мерц.

Полска е претставена од двајца политичари: Лех Валенса, за кого е познато дека бил информатор на комунистичката тајна полиција под името Болек, и Јержи Бузек, можеби најмалку забележителниот премиер што Полјаците го имале од 1989 година.

Бидејќи Полска извлекува и 10% од буџетот на ЕУ, оваа прекумерна застапеност тука можеби не е сосема неусогласена. Сепак, Ирска, со 5,3 милиони жители, е претставена од поранешен шеф на држава и цел поп-бенд, како да не постојат други поп-бендови освен ирските.

Само хипотетички, изборот на ABBA можеше да обезбеди место за Шведска, наградувајќи музичари кои едноставно забавуваа милиони луѓе, вклучително и на Евровизија, без да поддржуваат политичари зависни од странски воени интервенции, како што тоа го правеше Боно.

Најсилниот лик на листата поврзан со социјалистичкото движење е Хавиер Солана. До 1982 година тој се противеше на членството на Шпанија во НАТО. Откако беше министер во Владата на Шпанија на различни ресори, во декември 1995 година ја презеде функцијата деветти генерален секретар на НАТО.

Едно од неговите главни достигнувања е воспоставувањето на Евроатлантскиот партнерски совет во 1997 година, со 16 членки и 28 партнери. Во 1999 година тој го предводеше нелегалното бомбардирање на Југославија од страна на НАТО, нарекувајќи го „морална должност“. Потоа стана висок претставник за Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, пред носителот на оваа функција да може да стане и потпретседател на Европската комисија.

Конечно, Ангела Меркел. Порано позната како кралицата на Европа. Таа владееше во три циклуси со социјалдемократите на своја страна, и еднаш со либералната ФДП. Можеше да биде олимписка шампионка во снаоѓање од ден за ден, ако постоеше таква титула, но од друга страна ѝ недостигаше визија да ги придвижи или Германија или Европската Унија кон следната фаза на успех.

За многу Европејци, нејзиното име засекогаш е поврзано со штедењето, иако за голем дел од тоа беше одговорен нејзиниот министер за финансии Волфганг Шојбле. Меркел очигледно уживаше во тоа што е поранешна канцеларка, вклучително и преку пишување. Церемонијата на доделување на наградата беше можност таа да покаже дека во нејзиниот мал прст има повеќе надворешнополитичко искуство отколку кај Урсула фон дер Лајен и Каја Калас заедно.

*Ласло Андор е унгарски економист, поранешен еврокомесар за вработување, социјални прашања и инклузија во Европската комисија од 2010 до 2014 година, а денес е генерален секретар на Фондацијата за европски прогресивни студии (FEPS)

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најчитано