Како да навигираме на постоечките минимум три фронта: во „битката за минатото“ со соседна Бугарија, и двата внатрешни фронта каде водиме „битка за сегашноста“ и „битка за иднината“, а чиј исход ќе биде определен со исходите од двете претходни „битки“?
Тони ПОПОВСКИ
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен порача дека припаѓаме во Европската Унија, со својот идентитет, јазик и култура, но и дека останува спроведувањето на уставните измени предвидени со европската преговарачка рамка како клучен услов за исчекор. Во исто време најави дека покрај патоказите за групата од „напреднати“ кандидати (во која не сме или барем не во моментов), Комисијата веќе следната недела ќе ги претстави своите анализи за тоа како самата ЕУ треба да ги приспособи институциите, политиките и буџетот за идните членки.
Значи, не добивме нова преговарачка рамка, ниту исчезна условот што го блокира отворањето на првиот кластер. Но добивме прилично јасна слика за политичкиот момент. ЕУ се подготвува за ново проширување, а Македонија треба да одлучи како ќе се позиционира во тој процес. Притоа проширувањето сè помалку се третира само како класично чекање до денот на членството, а сè повеќе како постепено интегрирање преку единствениот пазар, инфраструктурата, енергетиката, безбедноста и Планот за раст.
Нашиов филм или драма, подолг период наликува на насловот на филмот „Една битка после другата“ иако таа продукција се занимава со други предизвици, не помалку релевантни.
Како да навигираме на постоечките минимум три фронта: во „битката за минатото“ со соседна Бугарија, и двата внатрешни фронта каде водиме „битка за сегашноста“ и „битка за иднината“, а чиј исход ќе биде определен со исходите од двете претходни „битки“?
Поврзано со „битката за минатото“ во една од дебатите што ги следев летово се појави иницијатива: Илинден да не биде само повод за потврдување на сопствениот историски наратив, туку и можност за обновување на довербата меѓу Македонците и Бугарите, вклучително и меѓу заедниците чии семејни корени се од различни делови на Македонија. Клучната теза беше едноставна: помирувањето не подразбира откажување од сопствениот идентитет, историја или достоинство. Напротив, тоа бара заемно признавање на правото на самоопределување и почитување на различните семејни спомени и историски гледишта. Посебно интересен беше практичниот пример од Канада. Претставници на Обединетите Македонци присуствуваа на илинденски настан организиран од огранок на Македонската патриотска организација, а претставници од спротивната страна возвратија со присуство на друг настан. Ниту исчезнаа разликите околу идентитетот, ниту беше напишана заедничка верзија на историјата. Но луѓето се сретнаа. Разговараа. Го признаа гестот на другиот.
Во таа мала епизода има можеби поголема лекција од многу меѓудржавни декларации и договори. Помирувањето, во таа смисла, не бара заедничка верзија на минатото. Потребни се заеднички правила за односот кон него: слобода на самоопределување, признавање на страдањето на другиот, отфрлање на негирањето и обврска историското несогласување да не се трансформира во современо непријателство.
Во спротивно влегуваме во бескрајна битка за сопственост: чиј е Самуил, чиј е Гоце Делчев, чиј е Илинден, чија е одредена традиција, кој смее да употреби одреден историски поим. А кога историјата ќе се претвори во катастарски имот или тапија, секое признавање дека и другиот има некаква врска со тие случувања неминовно води кон чувство на национална загуба.
Попродуктивна логика е да не се откажеме од сопственото читање и меморија но да покажеме разбирање за правото на соседот да има сопствена историска меморија. Тоа не е релативизирање на историјата туку еден цивилизиран и мудар начин да се избегне постојана употреба на историјата како политичко оружје.
Посетата на Претседателката на ЕК, отвора две прашања, „што сега?“ и „што потоа?“ Ние дома, подолго време се вртиме околу едно суштинско прашање: што ќе се случи денот по евентуалните уставни измени?
Оваа недоверба, стравувања и загриженост, не може едноставно да се прогласат за ирационални. Јавната дебата иако се подгрева од домашните – жестоко спротивставени политички елити и од трети – недобронамерни страни, неминовно се храни и од искуството со претходни блокади и од стравот дека сегашниот услов може да биде проследен со нови барања поврзани со историски личности, учебници, говор на омраза или други билатерални прашања. Оттука, реалната дилема не е едноставно „уставни измени – да или не“. Таа е поширока: може ли преку уставната измена да се создаде политичка рамка во која следниот чекор во пристапувањето ќе ја намалува, наместо да ја зголемува, неизвесноста? Во јавната дебата дома кај нас но и во Брисел, постојат различни одговори: инсистирање на претходни гаранции како наша позиција, барање за поинакво европско одлучување во меѓуфазите на преговорите – позиција и на Европскиот Парламент, или домашен пакет во кој домашниот чекор би бил придружен со политички и институционални заштитни механизми што би ја зголемиле предвидливоста на процесот. Тоа се различни политички опции, со различни ограничувања, но сепак целосно или барем делумно изводливи најмногу поради согледливиот факт дека проширувањето повторно добива геополитичка динамика во Брисел и во европските престолнини, но и дека Унијата сè појасно ги разликува кандидатите според реформските резултати и способноста да ги исполнуваат преземените обврски.
Истовремено, самата ЕУ разгледува сценарија за промени на сопствените институции и механизми за да може да функционира со повеќе членки.
Сето ова создава и можност и ризик за нас, процесот за „понапредните“ несоменено се движи, но очигледно нема автоматски да се движи со нас како негов процесен дел ако не најдеме најсоодветна рута со најмногу можен бенефит и најмалку реални ризици и можни последици за нас под овие околности.

