Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Уставот наспроти можењето на едни кога другите мораат или не смеат

За проф. Силјановска не може никој да каже дека таа не разбира што всушност прави со секоја извртена „интерпретација“. Со влијание на претседател, за жал го троши својот авторитет на професор по правни науки за да инсистира на наопаку од исправно.

Емилија ЦЕЛАКОСКА

Во колумната „Пандемија за држави“, во врска со говорот за „можење“ на државата да НЕ остварува право („неморање“!), од страна на претседателката Силјановска, проф. Мерсел Биљали има аргументи од основите на правото против таквиот говор искажан од позиција на јавна функција. Тој конкретно зборува против ограничувања за јазикот, меѓутоа нејзиниот говор комотно можеше да се однесува на ограничување на било кое граѓанско право. Дадено право во минимален облик со „може“ таа го извртува во „не мора“, отстранувајќи го тој минимум.

Навистина, јазичните ограничувања во време кога сме на праг на синхрон ВИ преведувач на кој било јазик – се бесмислени, но не е бесмислено правото да се зборува и чита без ВИ-помагало. Јазикот со кој си ја формирал мислата, односно си го научил прв заедно со проодувањето, (речиси од бебе) е истиот на кој во староста единствено ти текнува како да ги искажеш потребите, а во младоста – најтенките нишки на емоциите. Не секогаш зборувањето и пишувањето е само технички пренос на гол податок, дури и имињата на географските места имаат содржина на информација кога се на јазик кој исто така е референтен за населението од конкретно место. Небаре невозможно е во ист град да живеат луѓе со различни јазици! Десниците по дефиниција се колнат во традиционални пренесувања „од колено на колено“, а јазикот е прв таков ритуал, пред сите останати, но ќе се воспитуваме тука со граничници – „другите не ги сакаме“?! Претерано провидно претседателката многу се труди да поткрене национализам, но ѝ излегува фарса од национализам. Фарса – оти не служи за ништо, освен за полирање на имиџот на партијата што ја кандидираше, штетен е, а згора и нелегитимен е од претседателска фотелја. Просто, не ѝ стои. Дури и изгледа пародично: Во недостиг на доволно географија за изблици на тоталитарност заради империјалистички „доброчинења“ за народот, ќе се задоволиме со инфериорната варијанта – националшовинизам, само за внатре! Ќе покажеме дека сме јаки така што ќе си ја одереме кожата сами на себе!

Нејзиното објаснување дека „може“ значи „не мора“ ме потсети на аргументите против вакви изблици за кои пишував во „Негативното право и фашистичките лопати“ пред две години, кога се спротивставив на еден говор (текст) од страна на тогашниот претседател на МАНУ. Претседателката во последното интервју на Канал 5, пречесто шета токму во опасната сива зона надвор од морањето и несмеењето од двата вида право, соодветно – позитивно и негативно:

а) – Можење на функционерот (во име на државата или лично) да НЕ направи нешто. Тоа би било спротивно од морањето во позитивното право, во случајов, функционерот си го сфаќа тоа можење во смисла на „неморање“.

б) – Можење на функционерот да направи нешто што е спротивно од несмеење, од негативното право.

Двете „можења“, во совршено функционален систем на управување се невозможни, бидејќи, или секој е доволно одговорен да не ги прави, или, ако некој ги прави, системот го лоцира и прави обиди да го обесхрабри тоа однесување задржувајќи ја хуманоста до крај додека не е отстрането или системски се докаже дека човекот имал право. Целта на секое општество е да се доближи до таков систем, но се разбира, постојат само помали и поголеми дистанци на општествата од тој идеал. Таа дистанца е метрика за тоа колку системот се дисторзира во сивата зона на дејствување (а за високи функционери и говорот е дејствување). Историски, па и пред фарисејството, таквата дисторзија секогаш била рудиментарно – „протофашистичка“. Овде неправото се содржи во „сѐ што е легитимно  дозволено од некој минимум нагоре – може и да се снижи до нула – до укинување“, што спаѓа во злоупотребата на правната максима – сѐ што не е забрането со закон, е дозволено. Како овие варијанти би можеле да означат болест и затварање на ова општество и како придонесуваат кон репресија, пишував во текстот „Сѐ што не е забрането…“:

„1. За поединецот граѓанин сè што не е забрането е дозволено, но

2. За јавните тела, а особено за властите, сè што не е дозволено е забрането.

Ако 1 не се прифати, слободите на граѓанинот се фатално и сурово скратени. Тој не може да си ја врши својата секојдневна работа без страв од случајно и произволно попречување. Ако 2 не се прифати, тогаш кое било јавно тело може да дејствува за сопствени цели, наместо низ довербата што ја добиле со конституирањето. Ако телото e централна власт, таквата состојба веднаш би ги поробила луѓето. За поединецот граѓанин во тоталитарен режим, сѐ што не е експлицитно дозволено во законите – е забрането, додека за институциите во тоталитарните режими, сѐ што не е забрането во законите – е дозволено! Поединецот во тоталитарен систем постојано има товар да оправда што прави, а тоталитарните власти се ослободени од такви законски ограничувања, затоа што тие заповедаат и можат да ги променат или да ги игнорираат законите.“

Значи, граѓанството би требало да си внимава на себе, следејќи како власта говори, за да си знае каде оди државата – во сивата тоталитарна зона надвор од заштитните морања и несмеења 1 и 2 или, сепак, власта ќе го одржи нивото од фалбите за мериторно постапување? Да видиме што имаме во овие неколку месеци од новата власт: Премиер говори како обвинител со готов налог в џеб. Носители на извршна и законодавна власт се закануваат на правосудната. Јавното обвинителство саде појаснува нешто истресено од извршната. Претседателот на Собранието си игра Јосемити Сем во сивата зона на сѐ што му се може надвор од позитивното право на институцијата што ја претставува. Министерката за образование зборува за лажни дипломи, но никако не ѝ се зборува за очигледната матност на наодите на Државниот просветен инспекторат за едни многу конкретни диплома и сертификат. Ѝ се може, иако еден од првите закони донесени од владејачкото мнозинство во Собранието беше спојување на инспекторатите со ресорните министерства, и тоа како преодна одредба во реорганизацијата на органите на државната управа, со цел министрите да бидат одговорното лице, а оправданието беше – „ефикасност“. Во превод – можење повеќе.

За проф. Силјановска не може никој да каже дека таа не разбира што всушност прави со секоја извртена „интерпретација“. Со влијание на претседател, за жал го троши својот авторитет на професор по правни науки за да инсистира на наопаку од исправно. Една од најсилните ужаснувачки работи зад кои стои е нејзиното предефинирање на „уставен патриотизам“ како тежнеење за неменување на Уставот. Со оглед на упадот во Собранието во 2017-та, тоа дава идеја  за оправданост на насилие, со цел Уставот да остане непроменет. Терминот „уставен патриотизам“ се поврза без мерит со терминот „уставобранители“ кој се здоби со некој вид дословност во услови кога сите се срамат од конкурентниот термин „терористи“. Да речеме, ниту едниот, ниту другиот термин одговара сосема на фактите, но остана еден отровен чад од сето тоа, кој претседателката упорно го дува накај нас да го дишеме. И затоа нејзиното „можење“ е комплексен и опасен случај .

Имено, уставен патриотизам, како постоечки поим е ваков отприлика: Спроведувај ги хуманите алгоритми на Уставот, ако треба и коригирај ги кон што похумани. Разбери го хуманиот контекст во реалноста и пренеси го документот, а потоа, од документот спроведувај го во реалноста. Тоа е рамката на патриотизам кој е уставен, а не мазохистичко смрзнување на Уставот во лимбо, со тајна надеж дека еден ден ќе може да се направи чекор кон тоталитарен Устав, или, како што си интерпретира самата – „либерален“. Таа сака промена на Уставот, реално – кон понехуман, но можно е дека идејата ѝ е само – да  биде како некои устави на други земји. Како можност за преод, ја прифаќа стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ за закочување во место, надевајќи се дека кога ќе дојде момент за тргнување, ќе влијае за замислениот правец во рикверц. Односно, тешко се заборава нејзиното исмевање – „телефонски именик“ за Преамбулата, со што ја напаѓа конститутивноста во набројувањето на деловите од народи. Целта која се наѕира е Уставот да се смени на начин да ги снема сите наброени и така СИТЕ ќе си живееме среќно и весело засекогаш. Раката, за таква промена нема да се тресе. Но, вакво препишување од устави на други држави со сосем поинакви општества, системи и историја, е исто како препишување од друга група задачи на испит.

Споредете ги двете смисли што е уставен патриотизам и ќе видите дека и сами знаете дека не може човекот да е во функција на Уставот, тоа е смешно, тоа не може да е ни патриотизам, ни ништо. Обратно е – Уставот му служи на човекот, на граѓанинот!

Споредете ги двете смисли што е уставен патриотизам и ќе видите дека и сами знаете дека не може човекот да е во функција на Уставот, тоа е смешно, тоа не може да е ни патриотизам, ни ништо. Обратно е – Уставот му служи на човекот, на граѓанинот! Граѓанинот постапува според хуманите алгоритми на Уставот, затоа што така граѓанинот е заштитен и воедно заштитува. Во тоа се огледува суверенитетот на една држава. Она што малку тешко може да се согледа е рекурзијата дека постапување според хуманите алгоритми на Уставот значи и постапување врз самиот Устав, ако тој би се подобрил во хуман контекст. Не тоталитарен!

Како поддршка на ова, интересно е, како допишување на малцинство во Преамбулата не може да го интерпретира како тоталитарно присвојување на малцинството, па на тој начин да не го одобрува тековниов предлог за промена на Уставот. Не може, затоа што нашиот Устав има добра, хумана и заштитна конституција (устав = constitution!), така што дополнувањето на малцинства, нему му (и нам ни) го дополнува хуманиот и самозаштитниот алгоритам на постапување. Имено, со дополнување конкретен дел од народ во набројувањето, оневозможено е националистички да се пофали – „ете, го асимилиравме, сега е македонски тој дел од народ“ – затоа што не е само еден, повеќе се веќе наброени. И токму тоа, како последица, овозможува, ем дисјунктно разликување меѓу сите наброени делови од народи, а секако и од македонскиот народ, ем сите се вклучени во една држава, во единствен систем кој Уставот понатаму го определува. Тоа меѓусебно разликување е, уште повеќе и гаранција за сите различни идентитети, а најпрво на македонскиот идентитет од туѓи асимилаторски тенденции (да не забораваме дека НЕ сме некоја стара, јака или голема држава), со што Уставот успева да одигра заштитна улога и во поширока рамка, не само меѓу граѓаните внатрешно.

Но, претседателката би сакала да „може“ да се изблендира секое име од „телефонскиот именик“ во еден сив облак, претставувајќи го тоа како македонски идентитет.  ВМРО-ДПМНЕ, секогаш попрагматично, веројатно навистина смета дека може да остане Уставот „телефонски именик“ до кајшто бил, инаку како би се „јакнеле“ национално ако нема други националности, а моментално за свое јакнење ќе послужат Бугарите, односно илузијата дека македонското се штити ако не се дозволи набројување на бугарското во Уставот. Дека претседателката се измотава во улога на курир за владејачката партија се виде и во почетниот дел од последното интервју: За билатерален договор меѓу две страни (Преспанскиот) бараше трета страна да го исполнува (Бугарија). Треба ли коментар?! Потоа, ги изнавреди сите соседи што не се членки на ЕУ дека не биле понапред од нас – биле спори. А да си го гледаме нашиот двор? Којшто надвор од ЕУ скапува?

Од функционерите кои во „можењата“ при говорот изгледаат како залутани на функцијата се министрите за надворешни и за внатрешни работи. На пример, „Нема сила која може да нѐ убеди…“ е наменето за изглед на мускули во надворешната политика, а излегува – „толку сме тутурутки  што ништо не ни влегува в глава…“.  Настрана што обврската пред ЕУ не е веќе билатерална обврска кон Бугарија, без оглед што Бугарија е ЕУ-членка. Министерот за надворешни и претседателката еден на друг спирално си пропагираат шема преку фалшлива логика (бајпас на значењето на ЕУ за нас, така што имплицитно подметнуваат ЕУ = Бугарија). На пат кон тоталитарност преку лимбо на Македонија. А министерот за внатрешни работи, пак, зборува за „докажување на невиност“ и со тоа дословно ја исполнува дефиницијата за тоталитарен начин на мислење. За среќа, тоа (сеуште) не е тоталитарен начин на постапување. Во моментов, секој лост на власта се обидува на „магиски принцип“ да биде тоталитарен: Фејк ит тил ју мејк ит!

Министерот за надворешни и претседателката еден на друг спирално си пропагираат шема преку фалшлива логика (бајпас на значењето на ЕУ за нас, така што имплицитно подметнуваат ЕУ = Бугарија). На пат кон тоталитарност преку лимбо на Македонија.

Некои, нивните постапки ги толкуваат како почеток на авторитарен режим, но изгледа треба да ѝ се погледне на вистината в очи. Ние сме подложени на Летечкиот циркус на Монти Пајтон: Има многу од нас што не по своја вина се родени здраворазумни или подоцна во животот станале здраворазумни, но, еве, имаме власт, сто проценти надвор од паметот, којашто се задолжила да помогне да ја надминеме таа наша здраворазумност. Можеби во нејзина чест (на власта мислам), треба да ја замолиме ни одземе уште пари од буџетот и за Министерство за шашави дипломи и сертификати, а и за Министерство за глупави гафови дома и по светот, бидејќи најголемите грантови и така премногу нејзини претставници ги заслужија со свој труд и мака! Сепак, да не се мамиме од нивниот приказ на тапавост со влегување во сивата зона на нашите морања и несмеења пропишани со законите и Уставот. Тоа циркузирање е стапица за нас, додека на некој со власт може само да му служи. Да не оставиме функцијата да биде пропусница за можење што другите мораме или не смееме, а во никој случај да не се поведуваме да „можеме“ и ние. Идејата дека таквото можење е некаква аристократска ознака е фашистичка, уставно антипатриотска и ја отстранува заштитната улога на граѓанинот кон другите граѓани, дури и ако не испадне, ефективно, прекршочна или кривична работа.

Зачлени се на нашиот е-билтен