„Верувај ми, природно е“, повеќе не минува

природно

Сертификацијата по GAP, IPM и органските стандарди не е бирократски товар и трошок, туку единствена можност за влез во лигата на професионални производители на храна. Македонија ги има сите предуслови за производство на квалитетен земјоделски производ, со прифаќање на европските стандарди или акредитација на сопствен македонски модел, домашниот земјоделски сектор конечно може да премине од квантитет кон висока додадена вредност.

Јане СТАНКОСКИ*

Македонското земјоделство со децении го продава својот квалитетен производ како „евтина суровина“. Во ера кога европскиот купувач бара строга безбедност и следливост, пораката „верувај ми, природно е“ повеќе не поминува. Границата меѓу одржливост на производството и профитабилност денес ја поставува еден клучен збор: сертификација.

GAP, IPM и сертифицирано Органското производство

GAP (Good agricultural practices) Добра земјоделска пракса претсатвува склоп на правила и практики кои гарантираат безбедност на храната и производите, следливост на производството „од нива до купувач“, правилна и одговорна употреба на пестициди, ѓубрива и други агрохемикалии, заштита на животната средина и природните ресурси, здравје, безбедност и добросостојба на работниците. одржливо и одговорно земјоделско производство.

IPM (Integrated Pest Management) Интегрираната заштита ги сведува хемиските третмани на минимум. Избор на здрав семенски и посадочен материјал, плодоред, соодветна агротехника и хигиена на посевите, редовен мониторинг преку следење на појава и бројност на штетниците и болестите. Исто така имплементирање на прагови на штетност и третирање само кога штетите можат да предизвикаат економски загуби, механички, биолошки и агротехнички методи како прв избор, рационална употреба на пестициди со избор на регистрирани и селективни средства, правилна доза, време на примена и ротација на активни материи за спречување на резистентност, IPM го штити екосистемот и значително ги намалува трошоците за пестициди и ѓубрива.

Сертифицирано Органско производство: Најстрог систем кој целосно ги исклучува синтетичките ѓубрива, пестициди и ГМО, каде се практикува ригорозен плодоред за зачувување на плодноста на почвата и строги правила за хигиена на храната.

Од Квалиетното зејоделско производство треба да се очекува и сигурен -зголемен профит кој се постигнува со сигурен пласман пред се преку извоз на европските пазари. Сертификатите претставуваат пасошот за пласман, GLOBALG.A.P. претставува златен стандард за свежо овошје и зеленчук во сите големи европски маркет-синџири.

За органските производи, официјално признат знак во сите 27 членки на ЕУ е EU Organic (Зелениот лист).

На одделни пазари постојат уште поспецифични барања, пример во Германија ценети се националните и приватни стандарди Bio-Siegel, Bioland и Demeter, додека во Франција тоа е знакот AB (Agriculture Biologique). Дополнително, за преработувачката индустрија, трговските синџири редовно бараат стандарди како IFS Food и BRCGS.

За семејна фарма во Македонија што обработува од 5 до 15 хектари, сертификацијата на производството е стратегиска пресвртница.

Процесот носи почетни трошоци за набавка на семенски и саден матерјал со докажано потекло, анализи на почва и вода, прилагодувања за складирање и ракување со пестициди и ѓубрива, такси за сертификација, како и потреба од редовно водење евиденција.

При сертификацијата на органското производство дополнителен предизвик е 2 до 3 години долгиот период на конверзија, во кој приносите се помали, а производот сè уште се продава по обична цена.

Придобивките од сертифицирањето се многу значајни за целиот бизнис

Поседувањето GLOBALG.A.P., IPM или органски сертификат ја елиминира зависноста од прекукупувачи и овозможува директни договори со сериозни купувачи. Сертифицираните производи постигнуваат од 20% до 100% повисока пазарна цена, а фармерите добиваат и дополнителни државни субвенции. Со имплементација на стандардите и нивно доследно практикување, агротехничките операции, третеирањето на посевите и насадите се врши само кога е реално потребно, со што значително се намалуваат трошоците.

Македонски модел по пример на Италија, Франција и Германија

Земји како Италија, Франција и Германија изградија силна доверба во земјоделството преку децентрализирани тела, здружување во кластери и приватни стандарди.

За Македонија основен чекор би бил изработка на сопствена одржлива програма за сертификација и креирање на македонски стандард за земјоделско производство кој би бил признат и препознат на европскиот пазар.

Национален стандард треба да создаде македонски национален симбол –идентитет за интегрирано македонско земјоделско производство со дигитална следливост по примерот на италијанскиот модел со дигитални регистри и блокчејн за да се спречи фалсификување на сертификатите.

Сертификацијата по GAP, IPM и органските стандарди не е бирократски товар и трошок, туку единствена можност за влез во лигата на професионални производители на храна. Македонија ги има сите предуслови за производство на квалитетен земјоделски производ, со прифаќање на европските стандарди или акредитација на сопствен македонски модел, домашниот земјоделски сектор конечно може да премине од квантитет кон висока додадена вредност.

*М-р Јане Станкоски е експерт за земјоделство

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ѝ верувате на водата од вашиот водовод?